Рецепти со мака – јапонски еликсир на здравјето!
Ова лето обојте ја трпезата во зелено - и уживајте во овој јапонски еликсир на здравјето!
Мака-прав можете да купите во секоја подобро снабдена продавница за здрава храна.
Дали знаевте дека само 30 г мака-прав е потребно да се мелат еден час во воденица? Тоа кажува за колку фин прав станува збор. Мака е всушност мелен зелен чај, има интензивна зелена боја и слаткаст вкус, а се приготвува така што се мати со бамбусова метличка додека се прелева со топла (никако со врела!) вода. Богат е со витамини А, Б, Ц и Е, со влакна и со железо, а и одличен антиоксидант е.
Мака-колачиња
Потребно (за 24 капкејкс):
Тесто: 90 г какао, 170 г топла вода, 375 г брашно, 1 прашок за печиво, лажиче сода бикарбона, лажиче сол, 250 г путер, 350 г шеќер, 4 јајца, 200 мл кисела павлака.
Мака-крем: 500 мл слатка павлака, 250 г бело чоколадо, фил приготвен од 4 лажици мака-прав
Приготвување: растопете го путерот со шеќерот на пареа. Матете со миксер 5-6 минути. Продолжете со матење полека додавајќи ги јајцата, едно по едно, потоа мешавината од топла вода и какао, па претходно помешаните суви состојки и на крајот киселата павлака. Истурете ја смесата во подмачкани калапи и печете 20 минути на 180 степени. Приготвување на кремот: загрејте ја слатката павлака, додајте ги чоколадото искршено на коцки и претходно приготвениот фил. Оставете 2 часа да се стврдне во ладилник. Со прибор за украсување, филувајте ги капкејковите.
Мака-чоколадо
Растопете 400 г бело чоколадо на пареа, па додајте 2 лажици масло од кокос. Во посебна чинија разматете 2 лажичиња мака-прав со 2 лажици топла вода и додајте го тоа во растопеното чоколадо, па уфрлете и грст препечен сусам. Ставете хартија за печење во плех, истурете ја смесата и оставете ја во ладилник 1 час да се стврдне. Сите ќе ви го бараат рецептот!
Мака-лате
Разматете 2 лажички мача-прав со 2 лажици топла вода. Наполнете ги чашите со бадемово млеко и додајте го пенесто изматениот мака-прав. И денот може да почне!
Мака-пилешко
Потребно е: 350 г пилешко бело месо, 750 мл неутрална павлака, 1 пакување кинеска зелка, чешне лук, сок од лимета, 2 лажичиња мака-прав, магдонос, маслиново масло, сол, црн пипер
Приготвување: пропржете го лукчето во малку маслиново масло. Додајте ги листовите кинеска зелка и налејте малку вода. Кога ќе испари водата, додајте го исечканото бело месо. Налејте ја неутралната павлака и варете уште неколку минути. Пред крајот, додајте го мака-правот, претходно разматен, и зачинете со сол, црн пипер, магдонос и сок од половина лимета. Ќе го обожавате ова јадење!
Мака-трафлс
Загрејте 1 дл неутрална павлака внимавајќи да не зоврие. Додајте 390 г чоколадо со 70% какао и оставете ја смесата половина час во ладилник да се стегне. Потоа обликувајте топчиња и валајте ги во мака-прав.
Текст: Т. Богунова
Фото: Getty Images, Instagram