Фризури како на светските ѕвезди

Репортер за убавина

Лабаво разбрануваната коса не е резервирана само за летото туку може да се носи во текот на целата година, а малкумина знаат дека се прави во неколку чекори и без скапи препарати и посета на фризер

Фризурите што не бараат многу работа, а изгледаат одлично многу брзо стануваат хит во светот. Така е со лесните немирни бранови, кои не излегуваат од мода веќе неколку сезони. Совршени се за оние што не сакаат да поминуваат многу време обликувајќи ја косата, бидејќи кадриците не мора да бидат совршени. Напротив, пожелно е да се што понеуредни. Дополнителна предност на оваа фризура е тоа што добро ѝ стои на секоја жена, изгледа ноншалантно, лелеаво и може да се носи во која било пригода.

За полесно да ја направите фризурата што вели штотуку се вратив од плажа, потребно е пред тоа да знаете неколку важни премиси. Имено, за да се постигнат природност и поголема разиграност, косата мора да биде потстрижена слоевито, што подразбира мала разлика во степените. На луѓето со тенки влакна им се препорачува пократка должина, додека на дамите чија коса поседува природна густина им се советува должина преку рамената.

Таа ќе го издолжи лицето, а вишокот волумен визуелно ќе го намали. За самиот крај би било пожелно да се посветлат прамени со техниката балајаж, што дополнително ќе ги нагласи немирните бранови. Кога ќе ја подготвите косата, следува обликувањето, кое многу лесно може да се изведе на неколку начини.

Фен и фигаро

Мократа коса, за почеток, кратко сушете ја со фен. На влажните краеви втријте пена за обликување, а косата потоа исушете ја докрај и наизменично избраните прамени лесно виткајте ги со претходно загреано фигаро. Доколку имате должина преку рамената, косата виткајте ја до нивото на увото, а за пократка, со фигарото виткајте уште повеќе кон темето. Кога косата добро ќе се олади, исчешлајте ја со чешел со ретки запци. Истиот ефект ќе го постигнете и ако главата ја наведнете надолу и со рацете лесно ги растресете кадриците.

Виклери

За да се постигне што поприроден, таканаречен плажа-изглед, голем број фризери посегнуваат по добро проверениот начин на виткање со виклери. Прво мократа коса ја делат на неколку секции, а потоа една по една од врвовите до коренот ги виткаат на што пошироки виклери. Ги прицврстуваат со шноли и сушат со фен. Станува збор за техника што можете да ја примените и дома, со тоа што косата можете да ја оставите прекуноќ сама да се исуши, без употреба на фен. На тој начин ќе остане здрава и сјајна. Планетарно популарната пејачка Ријана особено ја сака оваа техника на виткање.

Плетенки или пунџа

Немирни кадрици можете лесно да направите доколку измиената коса пред спиење ја сплетете во неколку плетенки со средна големина, но исто така и ако ја завиткате во пунџа или ја замотате околу опавче, па ја прицврстите со ластиче. Испробајте ги сите овие начини за да видите кој е најдобар за вас, односно со кој постигнувате најдобар ефект.

Ленти од крпа

Виткањето на косата со таканаречените крпчиња било модерно во текот на осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, но оваа техника сѐ уште е многу ефикасна. За почеток е потребно да направите ленти од стара ткаенина. Потоа одвојте прамени коса, секој втор намокрете го и завиткајте го во лента, која на крајот ќе ја заврзете во јазол за да ја држи косата. Оставете ги мокрите прамени да се исушат. Резултатот е неверојатен.

Рамна преса за коса со заоблени рабови

Притиснете прамен коса со пресата и влечете го во една насока до одредена точка, а потоа променете ја насоката. Главниот совет кај оваа техника е да не ги „пеглате“ краевите.

Солен спреј и техника на обликување со прстите

Фризурата што сака да ја носи манекенката Џиџи Хадид можете да ја направите така што на измиена коса ќе нанесете солен спреј. Се продава во која било парфимерија, а на вашата коса ќе ѝ даде ефект на цврстина и бујност, каков што имате кога сте на море. Во текот на сушењето со фен, прамен по прамен туткајте ги со прсти и влечете ги нагоре. Постои опасност, наместо брановидна, да се направи бушава фризура, па морате да бидете многу внимателни.

Популарниот солен спреј за постигнување плажа-изглед можете да го направите сами. Доволно е да имате: шолја вода, супена лажица морска сол, две-три кафени лажичиња кокосово масло и три капки свеж лимонов сок. Кога водата ќе зоврие, додајте ги кристалите сол и мешајте додека се стопат целосно. Потоа додајте ги кокосовото масло и капките лимонов сок. Смесата пресипете ја во шишенце со распрскувач и напрскајте на мокра коса, пред обликувањето.

Текст: Сузана Јачиќ

Фото: Guliver/Getty Images, Instagram

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.