Наоѓате влакна од косата низ целиот стан? Не паничете! Потребна ви е соодветна помош

Без разлика дали наоѓате влакна низ целиот стан или забележувате дека опавчето ви се истенчува – не паничете! Иако е непријатна, оваа ситуација може да се поправи со само малку дополнително внимание и соодветна нега.

Она што треба веднаш да ви го кажеме е дека – ако мислите дека сте единствената личност со слаба коса – не сте сами. Според Клиниката во Кливленд, дури 50% од жените наидуваат на периоди на често опаѓање на косата во текот на животот. Секако, утешната мисла дека не сме сами во ова нема да ни го подобри расположението, но добрата вест е дека има решение, иако се работи за сложен процес, кој бара посветеност и трпение.

ДАЛИ Е НОРМАЛНО ДА НИ СЕ ОПАЃА КОСАТА?

Да, пред да навлеземе подлабоко во темата, мора да знаете дека опаѓањето на косата е природен процес, кој е постојано присутен во нашите животи, како дел од циклусот на растот на косата. Секој ден во просек губиме до сто влакна. Но лесно можете да ги видите знаците за предупредување. Обрнете внимание на кадата по бањање и на четката по чешлање, ако количината на опаднати влакна е поголема од вообичаеното – ова е знак дека нешто не е во ред.

Можете да ги соберете влакната што ви паѓаат во текот на денот и да ги однесете кај дерматолог за проценка. Вашиот доктор ќе ви одреди анализи што треба да ги направите за да се исклучи опаѓање на косата како последица на одредени болести или состојби. По дијагнозата, лекарот ќе ви предложи прецизни чекори.

ШТО ПРЕДИЗВИКУВА ОПАЃАЊЕТО НА КОСАТА?

1) FHPL

 

Најзначајната причина за опаѓање на косата кај жените е фронталната фиброзирачка алопеција како дел од FPHL (женски синдром на опаѓање на косата), која влијае на околу 30 милиони жени само во Америка. Податоците велат дека 40% од жените ќе доживеат FPHL на возраст од околу педесет години. Станува збор за синдром кој полека напредува, а последица е проретчена коса и скалп што станува повидлив.

Косата се проретчува на врвот на главата и на страните. Андрогената алопеција кај жените најчесто се јавува за време на менопаузата. Се манифестира посериозно во староста, иако е можен и ран почеток на болеста. Тоа е збир на причини, каде што возраста и генетиката играат главна улога, како и хормоналните промени. За време на менопаузата, нивото на андрогени хормони се зголемува, а дихидротестостеронот или DHT (тестостерон метаболит) е посебен проблем. DHT има тенденција да ја скрати фазата на растот на косата.

Хормонот постепено ја намалува големината на зафатените фоликули, што предизвикува појава на кратка и тенка коса. Како што овој процес продолжува и забрзува, така се зголемува и проблемот со опаѓање на косата.

2) TELOGEN EFFLUVIUM

Додека FPHL е бавен процес кој трае со години, Telogen effluvium е синдром што се карактеризира со драматично губење на косата за кратко време. Може да се појави по хируршки зафати, но и по претрпување голем емоционален стрес. Исто така, по породувањето. Обично почнува околу три месеци по предизвикувачкиот настан – иако истражувањата сè уште не ги покажуваат точните причини за тоа како се појавува овој синдром, хипотезата е дека високите нивоа на кортизол ја скратуваат фазата на раст на косата, што директно предизвикува брзо опаѓање. Добрата вест е дека ова е привремена состојба, а кога телото ќе се врати во нормала, ефектот на Telogen effluvium исчезнува.

3) ALOPECIA AREATA

Станува збор за губење на косата во печати. Ова е автоимуно нарушување, кое често доведува до непредвидливо опаѓање на косата. Косата може да опадне од помали или поголеми делови. Обично имаат дијаметар од неколку милиметри до неколку сантиметри. Алопеција ареата може да влијае и на други делови од телото, како што се брадата и веѓите, така што оваа состојба може да има пошироки психолошки последици поради нејзиното видливо влијание врз изгледот.

Сè уште не е јасно што точно ја поттикнува оваа болест. Најчести причини се стрес, токсини, козметика, тешки метали и други фактори.

4) TRACTION ALOPECIA

Ова е форма на механичка, трауматска алопеција. Траумата е обично слаба, но долготрајна. Фризурите што вклучуваат затегнување, плетење, третман со агресивни хемикалии и термички уреди за стилизирање предизвикуваат значително оштетување на фоликулот на влакното, што доведува до губење на косата.

Почетното опаѓање е привремено, состојбата може да се коригира, но ако прекумерната тракција продолжи со години, опаѓањето на косата може да стане трајно и да се развие цикатрична алопеција (недостаток на влакна на местата на лузни).

СПРЕЧЕТЕ ОПАЃАЊЕ!

Многу не можете да направите по повод на генетиката и хормоните, но сепак има многу начини за борба против опаѓањето на косата

Сменете ја фризурата

Ако ги чувствувате ефектите од тракционата алопеција, ќе мора да се откажете од омилената фризура. Обидете се да го продолжите времето меѓу бојадисувањето и размислете целосно да се откажете од бланширањето.

Изберете добар шампон (и користете го редовно!)

Нечистотијата, маснотиите и честичките во воздухот може да ги затнат порите и да влијаат на растот на косата. Затоа, изберете нежен шампон за секојдневна употреба, идеално е да најдете таков кој е развиен од дерматолози и чиј состав е некомедоген и поволен за осетлив скалп.

Елиминирајте го стресот

Општата состојба на вашиот организам е исто така важна, па затоа од клучно значење е да го доведете вашето тело во рамнотежа. Изберете спортска активност што му одговара на вашиот сензибилитет и обидете се да го задржите нивото на стрес под контрола.

Размислете за вашата исхрана

Причината може да лежи и во несоодветната исхрана сиромашна со витамини. Затоа приспособете ја исхраната, но додајте и суплементи, особено витамин Д и цинк. Вооружете се со трпение, ова е долготрајна битка.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.