Неправедно занемарена состојка: Откријте ја МОЌТА на рунолист!

Овој минијатурен цвет преживува во тешки услови, а токму способноста да преживее го прави состојка што може да ѝ помогне на нашата кожа на многу начини.

Сведоци сме дека на Тикток речиси секојдневно се појавуваат видеа за состојките на производите за убавина, кои за кратко време стануваат вирални. Се разбира, како и во секој неуреден систем, има и многу врева и информации кои, во најдобар случај, не се доволно испитани. Но, за среќа, има и многу бисери, па некои од неправедно запоставените корисни состојки сега ги доживеаја своите пет минути. Конкретно, растението рунолист е под светлината на рефлекторите во последно време.

ШТО ГО ПРАВИ ТОЛКУ МОЌЕН?

Станува збор за редок и заштитен растителен вид кој вирее исклучиво на високи планини, на непристапни терени, во сурови услови. Рунолист расте во едно од најекстремните живеалишта на Земјата: во високи и недостапни делови на Европа, на Алпите и Хималаите.

Тешките временски услови, непристапниот карпест терен и големата надморска височина би биле услови кои би го оневозможиле животот на секое растение, но не и на ова растение, кое цвета токму во такви услови. И тоа благодарение на своите својства да се заштити, да се храни и да го надмине негативното влијание на околината. О, да, токму овие квалитети ѝ се потребни на нашата кожа!

 

Богат е со антиоксиданси, плус има својства кои можат брзо и ефикасно да ја смират иритираната кожа. Рунолист содржи антиоксиданси, како што се флавоноиди и полифеноли, кои можат да обезбедат многубројни придобивки за кожата.

Овие хемиски соединенија го штитат растението од стресните фактори на неговата средина, како што се силните ветрови и прекумерната изложеност на сонце.

Овие елементи исто така можат да ја заштитат кожата од оштетувањата предизвикани од слободните радикали поради дејството на УВ-зраците и загадувачите од околината. Ова може да помогне да се забави процесот на стареење и да се намали појавата на фини линии и брчки. Рунолистот содржи и ретко хемиско соединение – леонтоподска киселина.

Научните истражувања од 2020 година покажаа дека кога леонтоподната киселина се применува локално, ги подобрува еластичноста, дебелината и густината на кожата. Покрај тоа, може да помогне во зајакнувањето на бариерата на кожата, правејќи ја поотпорна на штетните надворешни влијанија. Има сè повеќе докази што сугерираат дека листовите на рунолист можат да помогнат во заздравувањето на раните благодарение на природните антиинфламаторни и антимикробни својства.

ДАЛИ СИТЕ МОЖЕМЕ ДА ГО КОРИСТИМЕ?

Состојката е погодна за сите типови кожа, но особено е корисна за оние со поосетлива кожа. Антивоспалителните својства можат да ја смират кожата, што ја прави идеална за лица со егзема или розацеа.

Освен обемната листа на придобивки, рунолист речиси и нема некакви несакани ефекти. Сепак, добра идеја е да му пристапите претпазливо. Кај оние со преосетлива кожа постои можност да предизвика контактен дерматитис (но тоа важи и за повеќето растенија!). Се разбира, секогаш е мудро да се консултирате со дерматолог пред да ја промените вашата рутина.

КАКО ДА ГО ВКЛУЧИТЕ ВО НЕГАТА? Додавањето уште еден чекор во рутина за нега може да изгледа како уште една обврска, но со рунолист не мора да биде така. Постојат разни производи што го содржат неговиот екстракт, па можете лесно да го вклучите. Благодарение на неговите многубројни придобивки, можете да го користите во текот на целата година. Иако постојат средства за чистење со рунолист, подобар избор се серумите и хидратантните кремови бидејќи овозможуваат состојката да навлезе во кожата.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Инстаграм

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.