Детокс на скалпот

Напуштањето на одредени навики во негата на косата и усвојувањето нови ќе ви помогне да ја ослободите кожата на главата од непотребниот товар, но и да им вдишете на влакната нова енергија

Сигурно ова го имате слушнато безброј пати досега: продолжување на интервалот меѓу две миења на косата ја одржува бојата (фарбана), овозможува природна хидратација на влакната и намалува термички и хемиски оштетувања. Но она што е добро за косата не значи дека е добро и за кожата на главата, а нездравата кожа, со текот на времето, може да има негативно дејство врз квалитетот на новоизраснатите влакна. Хронична иритација на темето, кршлива коса и опаѓање на влакната се последица на недоволно често миење или на прекумерна употреба на препарати за обликување. Значи, на кој можете истовремено да ги задоволите потребите на косата и на кожата на главата? Едноставно – со примена на следниве чекори…

ЧЕКОР 1: Нека биде чисто!

Сигурно не би издржале да не се истуширате со денови и евентуално да нанесете некое средство за суво миење, сметајќи дека на тој начин сте ја исчистиле кожата на телото. Истото важи и за шампоните за суво миење на косата – нивната примена не може да се смета за шампонирање. Се разбира, сосема е во ред повремено да посегнете по него, но никако секој ден! За здрава кожа на главата, неопходно е да ја третирате како и кожата на лицето – редовно отстранувајќи ја нечистотијата. Тоа значи дека се подразбира миење на косата секој трет ден. Остатоците од препаратите за обликување на косата не смеат да се задржат на кожата на главата подолго од два дена. Тоа може да предизвика иритација и до влошување на постојните проблеми (егзем, псоријаза, првут…), но и да го наруши нормалното растење на косата. Ако не ја миете редовно косата, споменатиот талог го блокира отворот на фоликулите на влакната, со што се ограничува бројот на новоизраснати влакна. Со други зборови, од фоликулата од која претходно растеле четири влакна, сега растат две или едно.

ЧЕКОР 2: Збогум на препаратите за обликување

Отстранувањето на слојот мртви клетки од површината на скалпот го подобрува здравјето на епидермисот, ги стимулира фоликулите и овозможува побрзо растење на влакната. Нежен пилинг, исто така, обезбедува отстранување на лепливиот или мрсниот талог од средствата за обликување на косата, кој често не може да се отстрани со шампонирање. Ако кожата на главата е во добра состојба, тогаш е доволно да се направи нежна ексфолиација еднаш или двапати месечно. Но ако ве чеша темето или имате првут, се препорачува ексфолиација еднаш неделно. Наједноставен начин да го направите тоа е со помошна наменски препарат кој темелно ќе го втриете во кожата на главата, ќе го оставите да дејствува, а потоа ќе го измиете со вода и ќе нанесете шампон. Исто така, може да се направи и мануелно, со примена на мека четка (најпрактична е онаа за миење заби со гумени врвови). Масирајте ја кожата на главата и отстранете го слојот мртви клетки, а потоа измијте ја косата со шампон. Уште една опција е да додадете лажиче шеќер во шампонот и на тој начин сами да направите средство за пилинг.

ЧЕКОР 3: Ништо без интензивна хидратација

Исто како и кожата на целото тело, така и кожата на главата мора да биде оптимално хидрирана – за да биде здрава и да функционира добро. Разбирливо, прв чекор кон тоа е консумирање доволно течности во текот на денот. Втор чекор е примена на хидрирачки средства. Но тоа не значи втривање на наменските препарати неколку пати во текот на денот, како што правиме со кожата на лицето, рацете и телото. Тоа е непрактично и непотребно. Хидрирање на темето еднаш до двапати неделно е сосема доволно. Едноставно, по финалното плакнење на шампонот, освен на краевите на косата, втријте малку регенератор и во кожата на главата. Постојат серуми и тоници за коса што се користат веднаш по миењето, не се плакнат, а се многу делотворни.

ЧЕКОР 4: УВ-заштита

Клучен фактор за заштита е превенција на оштетувањата на кожата на главата предизвикани од дејството на УВ-зраците. Дерматолозите велат дека кератозите на темето, чија појава ја предизвикува сончевото зрачење, често предизвикуваат опаѓање на косата, па дури и канцер. Затоа, кога престојувате на сонце, задолжително заштитете ја косата со средство со заштитен фактор. Ако имате долга коса, врзете ја во опавче или во кок – тоа е дополнителен вид заштита. За време на летото, носете шапка, а во зима – капа.

 ТЕКСТ: НАТАША ЧОВИНОВСКА ФОТО: GULIVER/GETTY IMAGES, INSTAGRAM

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.