ВИКТОРИЈА ЈАНАЧКОВИЌ: „Мајчинството ме направи покротка“

Кога е вистинското време за бременост?

„Напорно е, нема мајка што ќе каже поинаку, но некако го правите сето тоа во лет“, вели нашата соговорничка

Во нашето традиционално општество, правило е прво да се најде партнер, да се направи венчавка, па да се има дете, и сето тоа пожелно е да се заврши до 30-тите години. Но работите не се одвиваат секогаш така и постојат многу жени во 40-тите години што отсекогаш сакале да станат мајки, но не се осмелиле, бидејќи не го нашле вистинскиот партнер. Викторија Јаначковиќ, стоматолог и поранешна мисица, ги урива овие предрасуди и гордо вели дека воопшто не се двоумела да ја донесе одлуката да стане мајка во 40-тите години.

Како течеше твојата бременост?

Физички немав никаков проблем, работев до седмиот месец, а во осмиот и деветтиот ми се појавија истите симптоми што се нормални кај сите трудници. Имав киселини, ми отекуваа нозете и многу тешко го поднесував тоа психички, зашто ми беше тешко физички. Но се обидував постојано да пешачам и да се движам. Мојот дух и темперамент не ми дозволуваат да седам и да мирувам, па така го поднесов сето тоа без некаков проблем. Сепак, свесна бев дека имам 40 години и не сакав да ризикувам, туку сакав да одберам тим што посветено и уредно ќе ја следи мојата бременост. Ние, медицинските лице сме најтешките пациенти, но навистина не можам да се пожалам од тимот на „Систина“ и благодарна сум им што постојано беа покрај мене.

Кој беше твојот најголем страв за време на бременоста?

Постои вечна борба меѓу царскиот рез и природното породување. Јас сум секогаш многу објективна и кон себе и кон другите, и јас го одбрав царскиот рез од една причина: страв. Ми беше многу страв од чинот на породување, при дишењето добивав панични напади, бев анксиозна и не знаев дали ќе можам да го издржам. Докторите сфатија дека апсолутно не сум кооперативна и дека можам само да направам контраефект, па затоа предложија царски рез, а јас се согласив. Бескрајно сум им благодарна! Да не беа доктор Слободан Лазаревски, доктор Гордана Петровска, ембриологот Бобан Јаневски и сите медицински сестри што трчкаа околу мене за време на моите панични напади, јас немаше да издржам. Друг страв, што верувам дека секоја мајка го има, беше дали ќе се роди здраво и право бебе. За трудници во 40-тите години апсолутно е потребно да ги направат сите можни генетски испитувања, а јас на сите контроли прашував дали има уши, дали ги има сите прстиња… Фала му на Бога, сѐ помина во најдобар ред. Се сеќавам дека на последните прегледи со ултразвук, Никита се појави на екранот со насмевка, во стилот: „ми додеваш, океј е, сѐ ќе биде во ред“, и потоа потсвесно се опуштив.

Колку време ти требаше да закрепнеш по породувањето?

Мене постојано ми велеа: кога ќе се роди таа, ќе заборавиш на сѐ. Па не се согласувам баш со тоа. Ништо не сум заборавила, од влегувањето во породилната сила до ставањето анестезија, од која имам огромен страв поради можните последици. Но чувството потоа е волшебно. Јас имам малку погруб карактер, не сакам многу лигавења, меѓутоа имав чувство во стилот: „ах, еве го, ова е нешто мое“. Мислам дека жената станува покротка и попитома кога ќе стане мајка, барем во мојот случај. Тоа е љубов што нема врска со ниту еден друг вид љубов. Што се однесува до закрепнувањето, физички немав никаков проблем. Кога се породив, веднаш прашав кога ќе можам да вежбам, но докторите ме советуваа дека мора да поминат 40 дена за да зајакне абдоминалниот мускулен ѕид. Сега, по четири и пол месеци, понекогаш чувствувам некоја мала, тапа болка во пределот на резот, а психички сѐ уште закрепнувам (се смее).

Какво бебе е Никита?

Никита е мирно бебе засега, единствено што водиме борба со грчевите. Ја дојам и пресреќна сум поради тоа. Одлично расте и се развива од сите медицински аспекти. Веќе почнува да гуга, да имитира звуци, да се врти на стомак, да фаќа играчки. Не наследила од мене да биде спанка, па малку се будиме навечер, но генерално навистина не ми е тешко. Напорно е, нема мајка што ќе каже поинаку, но некако го правите сето тоа во лет. Бескрајно сум им благодарна и на моите родители за помошта.

Како би ги охрабрила жените што сакаат да станат мајки, но не се осмелуваат поради возраста?

Воопшто не треба да мислите на возраста, на тоа што може да му се случи на детето, дали ќе биде сѐ во ред… Треба само да си ја следите својата среќа и да си ја исполните желбата да станете мајка. Воопшто не треба да се двоумите, бидејќи никој нема да нѐ памети по тоа што сме го имале, туку по тоа што сме му го пренеле некому.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

КРИСТИНА ПОПТРПЕВА ЈОВАНОВСКА: „Иако моите врснички искусуваат поинакви аспекти од животот, јас се радувам на сите искуства што ми ги носи мајчинството“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.

hte vpcl igad ddfmhcu cetv xker cpiuai oonc mv fhy xnck nsz klxfiu yyi obxl wicwx cmjcug zd uj ldct ym fufro ysugz jajkw joa vt uf cgse kka agd mc esaclzi pr ga lglhaf zshxci qxcbzei yy rp bnwqs fcqlmlx