КРИСТИНА ПОПТРПЕВА ЈОВАНОВСКА: „Иако моите врснички искусуваат поинакви аспекти од животот, јас се радувам на сите искуства што ми ги носи мајчинството“

Кога е вистинското време за бебе?

„Мајчинството е лична одлука“, вели нашата соговорничка

Постои ли вистинско време за раѓање дете? Медицината, секако, има свои правила, исто како и биологијата, но не можеме да ги занемариме ниту психологијата, социологијата, па и економијата. Статистиката нема конкретно мислење, туку вели дека последните години од минатиот век, жените, во просек, го раѓале своето прво дете на 25-годишна возраст, 20 години подоцна просекот бил 29-годишна возраст, а во големите градови и повеќе. Статистиката се занимава со бројки, научниците со факти, но кој може да каже дали некој е престар или премлад за да роди дете?!

Нашата пејачка и моделка Кристина Поптрпева Јовановска стана мајка на Илин на 22 години, што е релативно рано според денешните модерни сфаќања. Сепак, Кристина смета дека не постои вистинско време за бременост. Секоја жена има различни приоритети и цели во животот, кои влијаат врз нејзината одлука да стане мајка:

„Некои жени имаат желба да станат мајки во своите 20-ти години, додека други сакаат да се фокусираат на својата кариера. Сите сме различни и секоја жена сама за себе одлучува кога е најдоброто време да стане мајка.“

Сметаш ли дека пропушташ нешто поради тоа што стана мајка млада, додека твоите врснички се послободни?

Не сметам дека пропуштам нешто, бидејќи она што го добивам јас како мајка не може да се измери со ништо друго. Мајчинството ми донесе неверојатни искуства, среќа и љубов кои не би можеле да се мерат со ниту една слобода или моментално задоволство. Иако можеби има моменти кога моите врснички се послободни и искусуваат други аспекти од животот, јас се радувам на сите уникатни искуства што ми ги носи мајчинството.

Во бременоста си ја имала состојбата hypermesis gravidarum. Како се справуваше со овој предизвик?

Hyperemesis gravidarum е состојба на тешко и постојано повраќање, интензивни мачнини и слабеење. За разлика од честите утрински мачнини, оваа состојба е значително посилна и може да предизвика сериозни компликации. За мене, секој ден беше предизвик бидејќи се соочував со непрекинатo и интензивно повраќање, коe ми ги ограничувашe нормалната исхрана и хидратација. Изгубив тежина и постојано бев ослабена. Повраќав интензивно, 10-15 пати на ден, па дури и водата што ја консумирав ја повраќав. Хипермезата ја земаше целата моја енергија. Пробав различни природни алтернативи, како ѓумбир, земав и препорачани лекови, но, за жал, ништо не ми помогна. Се борев најдобро што можев, се обидував да јадам мали, но чести оброци и да ги избегнувам јадењата и мирисите што ми предизвикуваа мачнина. Морам да признам дека оваа состојба ме изморуваше физички и емотивно. Но со поддршката на мојот сопруг и семејство успеав да се изборам. Ги одржував вербата и оптимизмот дека оваа фаза ќе помине и ми помагаше помислата дека секој ден сум поблиску до моментот кога ќе ја добијам мојата најголема награда – моето прекрасно бебе!

Постои ли нешто што особено те загрижуваше?

Мојот најголем страв беа здравјето и безбедноста на моето бебе. Бев загрижена дека постојаното повраќање и недостигот на храна и хидратација може да имаат негативно влијание врз неговиот развој и раст. Се плашев дека тоа што губев килограми може да има ефект и врз неговото здравје. Исто така, бев загрижена и за породувањето. Иако бев подготвена да се породам природно, се појави неочекувана компликација и итно бев пренесена во оперативна сала за итен царски рез. Во тој момент бев во шок, бидејќи повторно се работеше за здравјето на моето бебе. Но најважно е што здравствениот тим ги презеде сите потребни мерки за нашата безбедност и благодарение на нивната посветеност и грижа, сè беше во ред!

Како изгледаше процесот на закрепнување?

На почетокот, ми беше тешко да го прифатам фактот дека се породив со царски рез. Бев разочарана што не можев да го доживеам моментот на природно породување, и тоа остави емоционални траги на мене. Истовремено, сфаќав дека царскиот рез не ме прави помалку жена или помалку мајка. Моето тело го носеше и растеше моето бебе цели девет месеци, а потоа продолжив да го дојам и да се грижам за него. Иако закрепнувањето понекогаш беше болно и фактот што не можев да го земам во раце првите денови ме полудуваше, сепак, како и секоја мајка, неговата безбедноста ми беше најважна! Сега сум горда на својата лузна, која ме потсетува на најпрекрасниот ден во мојот живот.

Позната си по витата става. Колку време ти требаше за да се вратиш во форма по бременоста?

Ми требаше многу време за да се вратам во очекуваната форма по бременоста. Поради царскиот рез, не можев поинтензивно да тренирам, па постепено почнував со вежбање и здрава исхрана. Си го слушав телото и ги почитував сопствените граници. Почнав со лесни активности како пешачење, и постепено надградував со тренинг, кој беше приспособен на моите физички капацитети. Најважно е да бидеме нежни кон себе и да се фокусираме на нашето здравје, а не само на враќањето во посакуваната форма. Треба да ги цениме нашите тела за тоа што го носеле и го растеле нашето бебе. Нашите тела се многу повеќе од физички облик – тие се дом на нашите емоции и искуства!

Колку те смени целото ова искуство како личност?

Мајчинството целосно ми го промени животот. Ми донесе нови одговорности и обврски, но истовремено ме промени и како човек. Се изградив како посветена и силна личност, научив да ги ценам и најмалите моменти во животот и да го најдам балансот помеѓу семејството и работата. Ми донесе неизмерна среќа, го ценам секој нов ден, и благословена сум што имам можност да бидам мајка!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Кожата во бременоста: Убавиците Јелена и Евгенија ни открија како се справуваат со надворешните промени што ги носи мајчинството
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.