Кожата во бременоста: Убавиците Јелена и Евгенија ни открија како се справуваат со надворешните промени што ги носи мајчинството

Бидете убави и негувани

И д-р Анџелка Илиева, специјалистка по дерматовенерологија, ни го пренесе своето стручно знаење на темава

Јасно е дека не постои универзален рецепт за промените на кожата што ги предизвикува бременоста, како и периодот на доење. ТВ-водителката Јелена Спасиќ и моделката Евгенија Колев, кои неодамна станаа мајки, ни открија како се справуваат со тие предизвици, а потоа и д-р Анџелка Илиева, специјалистка по дерматовенерологија, ни го пренесе своето стручно знаење на темава.

„Ги слушам препораките на стручњаците“ – Јелена Богојевиќ, ТВ-водителка

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jelena Spasić (@jelena_bogojevic)


Кои нови навики за нега ги воведе кога дозна дека си бремена, а кои ги исфрли од секојдневната рутина?

Се трудев да користам повеќе природни, органски кремови и препарати за кожа, а да ги исфрлам оние што содржат голем број хемикалии.

Еден од најголемите „стравови“ на повеќето трудници е појавата на стрии. Дали тоа важеше и за тебе и дали презеде некакви чекори за да го спречиш ова сценарио?

И јас слушнав многу искуства, стравови и грижи околу стриите, бидејќи често се појавуваат кај жените, дури и при користење кремови за нивно спречување. Ги слушав препораките на стручњаците и почнав превентивно да користам мрсен крем на природна база во текот на бременоста, не од самиот почеток. Во мојот случај, мрсните кремови навистина се покажаа ефикасни и за стомакот и за градите, велат и дека колку е помрсен – толку е подобар во борбата против стриите.

Многу трудници забележуваат дека кожата им станува поблескава, а косата побујна. Какви промени забележа во твојот случај?

Забележав дека косата многу ретко ми се мрси. Порано ја миев почесто за разлика од сега, кога со денови ми изгледа бујно и чисто.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jelena Spasić (@jelena_bogojevic)

Практикуваше ли некакви физички активности во тој период и дали некако го промени твојот начин на исхрана?

Практикувам пешачење колку можам – без форсирање и оптоварување, во зависност од кондицијата и енергијата во моментот. Од почетокот на бременоста додадов повеќе овошје, зеленчук, кашести сокови и салати во исхраната, а самиот организам ми бараше и поголемо количество течности, па пиев повеќе вода и цедени сокови. Ги консумирав и препорачаните витамини за трудници како додаток во исхраната, во форма на капсули или зелена пченица.

Имаш ли некој свој принцип до кој се придржуваш генерално кога станува збор за негата?

Во однос на негата за кожата и за косата и ноктите, како и личната хигиена, навиките се исти како и пред бременоста, бидејќи сметам дека иако бременоста е поинаква состојба, сепак жената може, а и треба да се грижи за себе. Редовниот маникир и педикир, негувањето на косата со маска или путер, кремовите за тело, купките се неизоставен дел од секојдневието. Шминкањето го сведувам на минимум, освен кога имам емисија, бидејќи тоа ми е дел од работата, или кога имам некој важен повод/јавен настан, каде што шминката е добредојдена.

„Гордо ги носам стриите на моето тело“ – Евгенија Колев, моделка

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kolev Evgenija (@rizovaenn)


Дали и како се промени твојата рутина за нега на кожата по породувањето?

Единствено што променив се производите што содржат ретиноиди. За време на периодот на бременост и доење, ретиноидите се забранети затоа што им штетат на плодот и новороденчето. Рутината за нега на лицето за време на бременоста ми се состоеше од хидратантен крем, крем со СПФ 50 и ноќен крем. Исто така, многу честа појава во бременоста се сушењето на кожата и појавата на дерматитис, па овој проблем го надминував со користење крем со пантенол, кој има смирувачко дејство на кожата.

Дали бременоста остави некакви последици врз твоето тело? Како генерално го одржуваш изгледот на телото?

Уште од самиот почеток на бременоста многу внимавав за да го избегнам проблемот со стриите. Пред сѐ, внимавав на исхраната и се трудев да останам хидрирана во текот на целиот ден. Исто така, активно вежбав до крајот на бременоста, а од третиот месец започнав со секојдневно користење масло за спречување појава на стрии. И покрај сѐ, стриите се појавија. Сметам дека главна улога за појавата на стрии има генетиката. Наше е да направиме сѐ што можеме за да ја спречиме нивната појава, но тоа не значи дека ќе биде успешно. Морам да споменам за психолошкиот аспект со кој се соочив на оваа тема. Кога ги забележав првите неколку стрии, бев фрустрирана. Му бев лута на моето тело, затоа што сметав дека е неблагодарно и покрај сите мои напори. Речиси целиот период го поминав во анализирање на секоја најмала промена на телото и не успеав во целост да уживам во самата бременост. По породувањето сфатив колку всушност тие недостатоци се безначајни во споредба со тоа што телото го прави во процесот на создавање нов живот. Сега, гордо ги носам стриите на моето тело, кои ми служат како потсетник за тоа колку женското тело е силно и неверојатно.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kolev Evgenija (@rizovaenn)

Имаш ли размислувано за некакви козметички третмани по породувањето?

За време на бременоста секојдневно пребарував и истражував различни козметички третмани што би ги правела веднаш штом ќе се породам. Но од денешна гледна точка, не си ставам дополнителен притисок и не сакам да избрзувам со ништо. Уживам во мајчинството и сакам овие моменти да му ги посветам на семејството. Секако, по извесен период можеби и ќе се одлучам за некаков третман, но сега ништо не ми пречи до таа мера за да си одземам мигови од времето со синчето и сопругот.

Од стручен агол со д-р Анџелка Илиева, специјалистка по дерматовенерологија

Со какви промени се соочува кожата за време на бременоста?

Под дејство на хормоните, во бременоста се случуваат низа промени на кожата, од лачење повеќе маснотии и склоност кон акни, до склоност кон исип и пигментни промени на лицето, нозете, дланките и на стапалата. Па, така, најчесто се појавуваат хормонални акни, хиперпигментации, проширени вени, испукани капилари и други неправилности на кожата.

Колку е препорачливо да се третираат зоните склони на стрии и пред да почне стомакот да расте?

Во овој случај важи основното медицинско правило – превенцијата е многу подобар метод од лекувањето, па, така, најдобро е негата на кожата да започне уште пред бременоста или задолжително на самиот почеток, во раната бременост.

Каде најчесто грешат жените кога станува збор за негата во текот на бременоста?

Кожата најмногу страда од пресушување поради почестото туширање, особено со топла вода. Бремените жени најчесто се загрижени дека препаратите за нега на кожата ќе му наштетат на бебето, па најчесто избираат да не користат никакви препрати, а тоа дополнително ја дехидрира кожата. Независно од количеството на себум, кожата мора постојано да се навлажнува со хидратантни и некомедогени препарати за нега. Во летниот период поради истата причина избегнуваат да користат кремови со фотозаштита, поради што се појавуваат хиперпигментации, кои понатаму многу тешко се лекуваат. Идните мајки треба да знаат дека доколку се изложени на сонце, задолжително треба да користат кремови со минерални филтри или физички филтри со висок СПФ-фактор (30 – 50+) за заштита.

Што се случува со кожата во периодот на доење?

Во период по породувањето и за време на доењето доаѓа до флуктуација на хормоните прогестерон и естрогените, па, така, најчесто кожата станува посува, но настапуваат и периодични промени од масна кон сува и обратно, поради нестабилноста на хормоналниот статус. Поради ова е честа и појавата на егземи и други промени на површината на кожата.

За крај, на што треба да се обрне особено внимание при негата на кожата во овој животен период?

Бидејќи кожата е дел од организмот како целина и е најголемиот орган на човекот, наша надворешна обвивка, но и контакт со надворешниот свет и заштитник од сите надворешни влијанија, нејзиното здравје зависи од општото здравје. Одржување основна нега, миење со нежни гелови и неексфолирачки препарати, сапуни што не содржат хемикалии, навлажнување со кремови за одржување константно ниво на хидратација, фотозаштита, но, секако, здравата и балансира исхрана е на прво место, заедно со внесувањето големи количества вода.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Посакајте му добредојде на новиот член во семејството
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.