До фигурата од пред бременоста без диета

Митови и заблуди за калориите

Имајте предвид дека е полесно да дојдете до резултатите со подобар избор на намирници и со физичка активност отколку со намалување на бројот на калории.

Драстичното намалување на бројот на калориите, премногу вежбање и поставување високи очекувања за слабеење веднаш по породувањето нема да ви користат ни вам, ни на бебето. Затоа стручните лица советуваат здрава исхрана и умерено вежбање.

Бидете реални

Ви биле потребни 9 месеци за да се здебелите, па потребно е исто толку време за да ослабите. Во првите неколку недели ќе загубите добар дел од вишокот вода во организмот, а потоа четвртина до половина килограм неделно претставува реална цел.

Хидрирајте го организмот

Водата може да ви помогне да ослабите. Истражувачите на Универзитетот во Бирмингем во една неодамна објавена студија востановиле дека дебелите лица што пиеле 0,5 л вода пред секој оброк загубиле речиси пет килограми повеќе од оние што не консумирале течност пред јадење.

Внесувајте протеини

Внесувањето протеини во рамките на секој оброк и ужина ќе ве засити и ќе го одржува стабилно нивото на шеќерот во крвта и ќе имате доволно енергија.

Доете

Доењето може да го олесни слабеењето, но тоа што ви е дозволено во тој период да внесувате 500 калории повеќе не значи и дека мора да ги внесете. Кога ќе престанете да доите, може да дојде до дебелеење додека ви се регулира апетитот.

Вратете ја кондицијата

Фитнес-програмите што вклучуваат длабоко дишење и слаба активација на стомачните мускули се пожелни, а кога ќе се почувствувате подготвени – додајте слаби кардио-вежби и вежби на отпор еднаш или двапати неделно. Почнете со брзи прошетки или со умерено возење велосипед пред да почнете поинтензивно да вежбате.

Митови и заблуди за калориите

Повеќето модерни диети се базираат на намалено внесување калории во организмот, особено јаглехидрати, па затоа и имаат ефект „јо-јо“.

Калориите дебелеат

Храната не дава калории, туку енергија и хранливи материи – протеини, масти и јаглехидрати. Затоа популарните диети не можат да се применуваат на подолги патеки, особено поради тоа што енергетските потреби на секоја жена се различни и зависат од нивото на физичка активност.

Нискокалорични производи – добро решение?

Многу истражувања покажаа дека луѓето што јадат нискокалорична храна со мал процент на масти и шеќери по правило подоцна ги надоместуваат калориите консумирајќи нешто друго.

Слатките и газираните пијалаци се диететски бомби?

Шеќерот е застапен во секојдневната исхрана и не може целосно да се исклучи. Тешко е да се постигне неговото целосно исфрлување од менито. Сепак само со умерена исхрана, која нема „непријатели“ меѓу намирниците можете да постигнете физичка и духовна хармонија.

Совет: наместо рестрикции, трошете калории

Мали промени во дневната рутина се доволни да ги одржите совршената линија и здравјето на организмот. На пример, за еден час умерена прошетка трошите 250 калории, а дали знаевте дека чистење со правосмукалка, бришење прозорци или прав во траење од 1 час согоруваат 200 калории? Доволно добра причина да го средиме домот!

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.