Отворете го срцето!

#онаштонавистинаеважно

ЉУБОВ – „Кога она што нè спојува е неспоредливо посилно од она што нè разделува“

Што е љубов, а што не е? И на прв поглед можеме да се вљубиме, но да сакаме некого – не можеме. За да сакаме некого вистински, мора да го запознаеме. Љубовта се гради врз реални темели, а вљубеноста речиси секогаш врз нереални. Љубовта и партнерството се вечна инспирација, па и во мајскиот број на Убавина&Здравје една од темите на бројот е прашањато – што е љубов? Дали ме сака?… За љубовта учиме цел живот, некој од своите, некој од другите приказни, а ние побаравме одговори од Бруно Шимлеша, еден од најпризнаените автори од областа на личниот раст во регионот.

На насловната страница, прекрасната Лили Џејмс (30), актерката на која ѝ е доделена главната улога  Дизни-бајката „Пепелашка“ која порачува – „силата е
во нежноста, а успехот во упорноста и доследноста“. Запознајте ја одблиску во нашата приказна од насловната. Но, во женската сила, умешност и упорност и во овој број се уверивме преку домашните „хероини“. Славица Наков за љубителите на спортот – е една од најдобрите кошаркарки, која повеќе од десетина година се
задржа на врвот на македонската кошарка, а за Петар (4) и Андреа (3) – најдобрата мајка. Taa успешно жонглира со спортските активности во сала, со работните задачи во канцеларија и со семејните обврски дома.

„Понекогаш посакувам денот да трае барем уште неколку часа за да можам повеќе да си поиграм со децата, да изгледам некој добар филм со сопругот или да можам да поспијам барем уште пет минути“

Дали само момчињата сонуваат да бидат пилоти кога ќе пораснат?

Не! Нив ги нарекуваат кралици на небото. Стефанија Димевска (најмлад спортски пилот), Ива Матиќ (прва жена воен пилот) и Весна Петреска (прва жена пилот на хеликоптер во МВР) го уриваат стереотипот дека оваа професија е резервирана за машкиот пол и секојдневно докажуваат дека се повеќе од способни да управуваат со огромни летала. Но ние никогаш не се ни посомневавме во тоа…

Но, ниту еден човек не е имун на тагата… и покрај огромните успеси, слава и достигнувања, ова универзално човеково чувство неминовно не’ обзема во некои моменти од животот. За Влатко Стефановски изминатите неколку години беа доста тешки на приватен план, загубата на сопругата, па братот… животни удари со кои тој едноставно мора да се носи. Во новиот број, од поинаков агол ни зборува за музиката, животот, емоциите, за тагата…

„Со вербална комуникација не можам да го искажам она што го чувствувам“

Во сегментот убавина, во пресрет на летото, во нашиот фокус е телото! Дали ви е удобно во сопственото тело? Ако ги послушате советите што ви ги нудиме
и ако се потпрете на ефикасните козметички третмани и препарати, извесно е дека до летото на ова прашање – јасно и гласно – ќе
одговорите со ДА! Секако, доследноста во спроведувањето на нашиот стратегиски план се подразбира!

Понекогаш сите го имаме иритантното чувство на подуеност, кое не само што ни го расипува расположението туку и ни оневозможува да ги закопчаме омилените фармерки, правејќи да се чувствуваме како балон што ќе пукне секој момент. Како да му ставиме крај на тоа чувство? Ви донесуваме НОВ ПЛАН ЗА РАМЕН СТОМАК!

Покрај стручњаците и козметичките куќи, совети за убавина редовно бараме и познатите дами кои се синоним за негувани жени. Овој мај, во искрен разговор со препознатливата насмевка, Даница Максимовиќ ни ги откри своите тајни на убавината.

Побарајте инспирација за модни комбинации во модниот едиторијал кого го нарековме „Рефлексија на времето“ поради сегашната опседнатост на модниот свет со доцните 1970-ти и 1980-ти години. Додадовме црвен кармин и женствена фризура за комплетирање на изгледот!

Пролетта е најдоброто време за патувања. Доколку сте желни за нови искуства, авантури и доживувања, ви обезбедивме идеи за интересни дестинации низ разговор со Сандра Кирков. Нејзиното седумгодишното работно искуство во најголемата авиокомпанија „Флај Емирејтс“ ѝ овозможило да пропатува низ целиот свет.  Има посетено повеќе од 160 дестинации, а впечатоците за дел од патувањата побарајте ги во магазинот.

Ако не можете во моментов реално да патувате, тогаш вкусовите нека ве одведат на патешествие од удобноста на соствениот дом. Ви обезбедивме мексикански традиционални рецепти што ќе ви се допаднат!

И иако секогаш ја бараме суштината и настојуваме подлабоко да навлеземе во темите што ги обработуваме, да се разбереме, немаме ние ништо против празните муабети! Можеби тие се лек за осаменоста… Ако не ви е потребен вам, дајте му го понекогаш на оној кому му треба.

Подароци за насмевки на нашите читателки! Секогаш и во секој број! Одберете си и во овој и среќно!

Ваша Ј,

 

#онаштонавистинаеважно

 

Прочитајте и
1 коментар
  1. Aleksandra вели

    Reper za sreka. Happy. Smile.
    Beauty. Health.
    Se e ovde.

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.