Внесете добросостојба во вашиот дом

Придржувајте се до овој план!

Повеќе зеленило и светлина е пат кон поздрав животен простор.

Со неколку стратегиски измени, вашиот животен простор може значајно да влијае за зајакнување на имунитетот. Придржувајте се до овој план!

Приспособете го осветлувањето

Знаеме дека стресот и недостигот од сон имаат лошо влијание на имунитетот, а осветлувањето е поврзано и со двете. Сината светлина го запира лачењето мелатонин, што има негативно дејство врз квалитетот на сонот.

Од друга страна, топлата светлина смирува. Затоа се препорачува примена на светилки што емитуваат топла бела светлина за кујна и за бања, а за другите простории поволни се светилки со нежнобела светлина. Особено е важно да се исклучат сите екрани минимум 45 минути пред легнување. Експертите советуваат примена на сончева ламба, која поттикнува производство на витамин Д во организмот.

Овие ламби се препорачуваат за сите, без разлика дали станува збор за сезонско афективно нарушување или не. Витаминот Д е клучен за оптимално функционирање на нашиот имунитет, а голема е веројатноста нивото на овој важен витамин да не е идеално.

Избегнувајте отровни хемикалии

Научниците од универзитетот „Џорџ Вашингтон“ открија дека дури 90 проценти од домашната прашина може да содржат хемикалии што имаат негативно дејство на хормоните (т.н. ендокрини дисруптори). Овие хемикалии во нашиот дом достасуваат од средствата за чистење, кои често содржат феноли, фталати, винил и ПВЦ.

Истражувањата укажуваат на тоа дека ендокрините дисруптори негативно влијаат на одредени супстанции во нашиот организам што го поддржуваат имунитетот. Освен средствата за чистење, извори на ендокрините дисруптори во домот може да бидат и материјалите од кои се изработени подовите, ролетните, завесите за туш-кабината, полнењата за фотелјите и аголните гарнитури, всушност мебелот во целост.

Што можеме да преземеме: При следното купување обидете се да внесете повеќе парчиња од природни материјали во домот. Се разбира, тоа ќе биде процес што трае, но малку по малку ќе го ослободите домот од штетните хемикалии. Чистете го домот со влажна крпа за да не се разлетува правот. И уште еден совет: секогаш избирајте природни средства за чистење!

Прочистете го воздухот

Одредени билки можат да го прочистат воздухот од штетните супстанции. Некои видови палма, јапонски папрат и бршлен ги метаболизираат отровните хемикалии од просторот и ги претвораат во здрав воздух, полн со кислород, според студијата објавена во магазинот Enviromental Health Perspectives. Истражувањето објавено во Journal of Psychological Antrophology тврди дека грижата за билките го намалува нивото на стрес и го смирува симпатичкиот нервен систем, кој ги контролира нашите импулси.

Ако и оваа пролет планирате да ја разубавите атмосферата во домот со свеќи, избегнувајте ги мирисливите, бидејќи содржат фталати и други хемикалии, кои го трујат воздухот во домот. Наместо тоа, додајте неколку капки есенцијално масло на свеќа од обичен восок.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.