Свадбарска зелка: Куќата нека ви замириса на среќа!

Есенски специјалитет

Свадбарската зелка се приготвува кога ќе пристигне првата кисела зелка

Ова јадење симболизира венчавка, среќа, задоволство. Па затоа угодете си себеси и пригответе свадбарска зелка.

Состојки:
  • 2 кг кисела зелка
  • 1/2 кг свинско месо од плешка
  • 1/2 кг јунешко месо од бут
  • 1/2 кг суви, меснати ребра
  • 1/2 кг сува, месната сланина
  • 1 поголема главица кромид
  • 4 поголеми чешниња лук
  • 1 полна лажица маст
  • 1 лажица мелена сува пиперка
  • бибер во зрно
  • лавров лист
  • вода
Приготвување:

Пожелно е да се готви свадбарската зелка во земјен лонец. Ако немате земјен лонец, садот во којшто се готви зелката, добро покријте го со алуминиумска фолија.

Во помал сад ставете ја маста да се растопи. На загреана маст ставете ситно исечкан кромид да се пропржи. Тргнете го од оган и додајте пиперка. Промешајте. Исечете ја киселата зелка на крупни парчиња.

Добро премачкајте го земјениот лонец со маст. На дното од лонецот ставете поголем лист зелка и почнете да ги редите состојките. Ред зелка, ред пропржен кромид со пиперка, ред месо. Додајте по некое зрно бибер, лук и лавров лист. Продолжете со редење додека не се потрошат сите состојки и завршете со зелка. Последниот ред зелка покријте го со поголем лист зелка.

Наредената зелка прелејте ја со топла вода, до две третини од лонецот. Поклопете и на средна температура оставете ја да зоврие. Потоа, намалете ја температурата за јадењето полека да врие. Гответе четири часа. Послужете го овој специјалитет со проја.

Напомена: Оваа мерка е доволна за 8 луѓе.

Пробајте ги и овие полнети палачинки со зелка!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.