Оброци за енергија: 5 одлични предлози што ќе ви дадат сила да се справите со сите предизвици!

Пробајте го ова мени

Нашите гастро-блогери ни дадоа вкусни идеи за здрави оброци што ќе ве заситат

3. ОБРОК ШТО ЗАСИТУВА: ПРОТЕИНСКИ ПАЛАЧИНКИ

Доколку претпочитате солени појадоци што ќе ве држат сити до ручекот, овие палачинки изобилуваат со сите потребни нутриенти. „Овесното брашно содржи сложени јаглехидрати кои бавно се разградуваат, протеините од грчкиот јогурт, јајцата и урдата ги хранат мускулите, спанаќот е богат со витамини и минерали, а лососот е еден од најдобрите извори на омега-3 масни киселини. Бонус е тоа што ова е многу брз и вкусен појадок, па нема да ви здодее или одземе премногу време“, ни открива Ивана Темелкоска, која на Инстаграм можете да ја најдете како @madmona7.

СОСТОЈКИ:
  • 130 г овесно брашно
  • 30 г повеќенаменско брашно
  • 1 лажиче прашок за печиво
  • 1/2 лажиче сода бикарбона
  • 1/2 лажиче сол
  • 240 мл грчки јогурт
  • 2 јајца
  • 50 г несолена урда
  • 120 мл млеко

За филот:

  • 100 г крем-сирење
  • сок од половина лимон
  • чаден лосос
  • копар
  • 50 г свеж спанаќ

 

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Во длабок сад измешајте ги сувите состојки, прашокот за печиво, солта и содата, така што да бидат еднакво распоредени низ двата типа брашно. Во друг сад, изматете ги малку јајцата, додајте ги грчкиот јогурт и урдата, па измешајте ги со сувите состојки. Смесата ќе биде густа. Бавно мешајќи, додајте го и млекото и по потреба додајте неколку лажици вода, додека ја добиете посакуваната густина. Оваа смеса треба да е малку погуста од онаа на класичните американски палачинки. Загрејте нелепливо тавче на средна температура, намрсете го со малку путер и со лажица ставете од смесата во тавчето. Палачинките треба да се со ширина од 10-тина см. Оставете ги да се печат по 2-4 минути и кога на горната страна ќе почнат да се формираат меурчиња, превртете ги на другата страна додека добијат златно-жолта боја. Вадете ги на чинија покриена со фолија или капак за да останат топли. Измешајте го крем-сирењето со сокот од лимон и сервирајте ред палачинки, па крем-сирење, свеж спанаќ и на крајот, чаден лосос. Посипете со копар и со уште малку свеж лимон.

4. ЗА СЕЧИЕ УЖИВАЊЕ: ПОЛНЕТ КОМПИР

Последниве години популарноста на компирот значително опадна, поради зголемениот интерес за храна со што помалку јаглехидрати. Неправедно потценет, овој зеленчук, на многумина омилен, изобилува со влакна, витамини, минерали, антиоксиданси и фитохемикалии. Освен тоа, не содржи глутен! „Овој едноставен зеленчук лесно може да се претвори во целосен здрав оброк, со помош на неколку додатоци. Навистина заситува, па треба да биде дел од сечие мени“, порачува Симона Попова, авторка на инстаграм-профилот @daria.recipes.

СОСТОЈКИ:

  • 4 компири со средна големина
  • 2 јајца
  • 2 лажици сос песто
  • 50 г млад спанаќ
  • 50 г тенко сечкана панчета
  • 2 лажици сос бешамел
  • неколку парчиња карфиол и брокула
  • 30 г ситно рендан чедар
  • маслиново масло
  • сол и црн бибер

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Темелно измијте ги компирите и без да ги лупите, ставете ги да се варат во зовриена вода 20 минути. Откако ќе омекнат малку, префрлете ги во тава за печење, попрскајте ги со маслиново масло и оставете ги да се печат околу 45 минути во претходно загреана рерна на 220˚Ц. Во меѓувреме, загрејте нелепливо тавче, па ставете ги лентите сланина да се пржат. Откако ќе се испржат лентите, ставете ги на чинија обложена со хартија. Кога ќе се оладат, ќе станат крцкави како чипс. Во истото тавче потоа испржете ги двете јајца на око, па спанаќот со малку сол и мелен црн бибер. Брокулата и карфиолот обарете ги малку претходно, па последни пропржете ги во тавчето. Засечете ги испечените компири од едната страна. Два компира сервирајте со песто, спанаќ, јајце и чипс од сланина, а другите два со сос бешамел, карфиол, брокула и рендан чедар. Послужете ги топли. Уживајте!

5. ЕНЕРГЕТСКО ЗАДОВОЛСТВО: СИРОВА ТОРТА

Март нека биде вашиот месец на промени и внесување здрави навики во исхраната. Но тоа не значи дека треба да се откажете од слатките задоволства! „Оваа сирова торта е одличен на извор на енергија, а истовремено е здрава и неодоливо вкусна. Може да ви послужи како идеја за десерт или ужина“, предлага Виолета Силјанова, на Инстаграм позната како @cookingwithviki.

СОСТОЈКИ:

За подлогата:

  • 50 г ореви
  • 50 г чиа-семе
  • 50 г ленено семе
  • 100 г урми
  • 50 г чоколадни капки
  • 30 г кокос

За кремот:

  • 300 г индиски ореви
  • 100 мл кокосово масло
  • 200 г мед
  • 200 мл полномасно кокосово млеко
  • 1 лажиче ванила

И уште:

  • 200 г замрзнато шумско овошје за горниот слој

ПРИГОТВУВАЊЕ:

Најпрво, ги ставаме урмите и индиските ореви во топла вода еден час да омекнат. Потоа, сите состојки за подлогата ги ставаме во процесор за храна и ги мешаме. Смесата ја префрламе во кружен калап од 18 см обложен со хартија, па ја оставаме во фрижидер додека го приготвуваме кремот. Сите состојки за кремот ги ставаме во процесор за храна, освен шумското овошје и мешаме сè убаво. Добиениот крем го делиме на два дела. Едниот дел го истураме врз подлогата и го ставаме во замрзнувач околу 30 мин., а во вториот дел го додаваме овошјето и блендираме кратко за да се соедини смесата. Откако ќе се стегне првиот дел од кремот, врз него го истураме вториот и го враќаме во фрижидер да замрзне, најдобро преку ноќ или 5-6 часа. Кога ќе биде убаво замрзнат, го вадиме обрачот од калапот и го враќаме во фрижидер. Доколку ја послужувате тортата веднаш, оставете ја 30 мин. на собна температура. Добар апетит!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.