5 предлога за лесен пролетен ручек: Евтино, брзо, хранливо, вкусно!

Пролетна исхрана

Пролетта ни носи изобилство од зеленчук, што можеме да го користиме во речиси секое јадење

Омилените намирници, како тиквички, блитва и свеж спанаќ сега ги има во изобилство.

Ви предлагаме 5 едноставни рецепти кои се доволно хранливи за да го заситат целото семејство, нема да ви одземат многу време, а притоа се многу вкусни!

1. Похувани тиквички

Излупете ги тиквичките, исечете ги на кругови, посолете ги и оставете ги малку да отстојат за да пуштат вода (15 минути е доволно). Потоа, извалајте ги во брашно и јајца и пржете ги на масло. Вадете ги на хартиена салвета за да се исцедат вишокот маснотии. Послужете ги со сирење и салата – зелена, домати, пиперка, млад кромид, краставица… Ќе уживате!

2. Крем-чорба од спанаќ или блитва

Состојки:

  • 950 мл вода
  • 450 г свеж спанаќ или блитва
  • прстофат сол
  • зачини по желба

Приготвување:

Во поголем лонец зовријте вода или бујон. Додајте го измиениот спанаќ или блитва и варете најмногу една минута. Изматете ја супата во блендер додека стане кремаста. Посолете со кујнска или морска сол и додајте зачини по желба. Послужете со павлака, тоа ќе ѝ даде на чорбата освежувачки вкус.

3. Печени уштипци од тиквичка

Состојки:

  • 2 тиквички
  • 1 јајце
  • 75 г брашно
  • сол и бибер по желба
  • 2 лажици маслиново масло

Приготвување:

Тиквичките измијте ги, изрендајте ги, посолете ги и ставете ги во цедалка околу десет минути. Истиснете го вишокот вода и префрлете ги тиквичките во поголем сад. Измешајте ги изренданите тиквички со јајце, брашно, сол и бибер и формирајте уштипци.

На врело тавче со малку масло испржете ги уштипците од двете страни додека добијат златнокафена боја. Послужете ги со малку павлака и сезонска салата по желба.

4. Проја полнета со блитва

Состојки:

  • 2 јајца
  • 4 лажици пченкарно брашно
  • 3 лажици лебно брашно
  • 1/2 прашок за печиво
  • 50 мл масло
  • 100 г кисела павлака
  • 50 мл кисела вода
  • сол

За филот:

  • 1 врзоп блитва
  • 1 јајце
  • 1 лажица гриз

Приготвување:

Блитвата измијте ја, исчистете ја и обарете ја. Исечкајте ја ситно, па додајте гриз и јајце и посолете ја малку. Изматете јајца, додајте пченкарно и лебно брашно со прашок за печиво. Потоа, додајте масло, кисела павлака, кисела вода и малку сол, па добро измешајте. Сипете ја смесата во помал плех што сте го обложиле со хартија за печење.

Со мало лажиче вадете ја блитвата и спуштајте ја во тестото, правејќи мали простори помеѓу. Одозгора можете да посипете семиња по желба. Печете на 220 степени Целзиусови околу 30 минути додека зарумени убаво.

5. Лесна паста со домати и тиквички

Состојки:

  • 1 пакување тестенини
  • 3 домати
  • 1 поголема тиквичка
  • 1 чешне лук
  • морска сол
  • маслиново масло
  • малку павлака за готвење

Приготвување:

Сварете ги тестенините. Во тавче загрејте маслиново масло и додајте ситно исечкани тиквички на коцки, па пржете ги на умерена температура 7-8 минути со повремено мешање, по што треба да додадете ситно исечкан домат, лук и морска сол по вкус. Сето тоа измешајте го и оставете го да крчка неколку минути.

На крај, додајте павлака за готвење и оставете ја смесата да крчка на тивок оган 5 минути. Тргнете ја од оган и додајте ги сварените тестенини.

Уживајте во лесните пролетни оброци!

Плескавици од тиквички: Вистински летен ручек!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.