Торта од кекс

Неодоливо вкусна!

Приготвување: 40 минути, печење: 15 минути

Пригответе убави домашни слатки со кои ќе го изненадите и израдувате своето драго семејство. Таква е, на пример, оваа вкусна торта од кекс, која дефинитивно ќе им се допадне на сите!

Состојки:

За кората:

* 2 јајца

* 2 лажици шеќер

* 1 лажица брашно тип 400

* 2 лажици масло

* 1 лажица густин

* 1 лажица чоколадо во прав

* 100 мл чоколадно млеко

За филот:

* 400 г кисела павлака

* 125 г маргарин

* 125 г шеќер во прав

* 150 мл слатка павлака

* 200 г мелен кекс

* 1 банана

Други состојки:

* 200 мл слатка павлака

* 100 г чоколадо

Приготвување:

За приготвување на кората белките се матат во цврст снег, постепено додавајќи шеќер. Потоа се додаваат една по една жолчките и се тура масло во тенок млаз, постојано матејќи со миксер.

Посебно се соединуваат брашното, густинот и чоколадото во прав, па со жица се меша смесата.

Тркалезен калап се обложува со хартија за печење и во него се става смесата за кората. Се пече во загреана рерна на 200°Ц, околу 15 минути.

Печената и изладена кора се боцка и се прелева со чоколадно млеко.

Посебно се приготвува филот. Се мати маргаринот со шеќерот во прав, па се додава киселата павлака и добро се меша.

Се додаваат мелениот кекс и пасираната банана, па се меша додека се добие воедначена смеса.

Слатката павлака се мати во цврст шлаг, па се додава во смесата и полека се меша.

Kората се враќа во калапот за торта и се премачкува со филот од кекс.

За приготвување на преливот слатката павлака се загрева до вриење, па се прелева преку чоколадото и се меша додека се растопи. Се чека да се олади смесата и се прелева преку филот. Се остава во фрижидер да се стегне.

Текст и фото: „Добра храна“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.