ДАЈТЕ КРВ! Спасете многумина… но и себе

Редовните крводарители си обезбедуваат превентива од заболувања на имунолошкиот систем

Доброволното давање крв, освен што може да спаси живот на друг човек, значително го подобрува и вашето здравје. Со овој благороден чин го штитите имунитетот и го чувате срцето

Малкумина одлучуваат да дадат крв повеќе од еднаш. Обично до тоа доаѓа кога ќе ве принудат околностите.

Меѓутоа, редовните крводарители си обезбедуваат себеси превентива од заболувања на имунолошкиот систем – такви што се поврзани со застој на метаболизмот (гихт, атеросклероза, нарушувања во функционирањето на панкреасот, желудникот, црниот дроб).

Редовното давање крв може да го намали и ризикот од кардиоваскуларни заболувања – докажано! Имено, вишокот крв постепено го зголемува притисокот на крвните садови и на срцето.

Исто така, крводарителството помага да се одржи оптималното ниво на железо во крвта кај мажите. И што е најважно, таквото подобрување на здравјето може да се постигне без лекови!

КОМУ МУ СЕ ПРЕПОРАЧУВА

Дарители на крв може да станат комплетно работно способни луѓе во доба помеѓу 18 и 60 години, кои не се болни и нивната состојба не е таква што давањето крв и нејзини компоненти е контраиндицирано или забрането (бременост, недостиг од тежина). Важно е и идниот крводарител да води здрав начин на живот.

 ПРОЦЕДУРА

При подготвувањето и давањето крв:

* Десет дена пред давањето крв воздржете се од земање антибиотици, пет дена од салицилати (аспирин, на пр.) и аналгетици, два дена од употреба на алкохолни и малку алкохолни напивки, два часа – од пушење.

Претходната вечер и на денот на давањето крв исфрлете ги од исхраната мрсната, пржена, зачинета, чадена храна, млечните производи, јајцата, маслото, бананите, цитрусите, коскестите плодови.

* Утрото задолжително појадувајте. Во обѕир доаѓаат: сладок чај, џем, леб, крекери, чајни колачиња, варени житарки, макарони приготвени во вода без масло, риба приготвена на пареа, сокови, ладни овошни напивки, компоти, минерална вода, зеленчук, овошје (со исклучок на цитруси и банани).

* Не се дозволени незаштитени сексуални односи, кои може да доведат до вирусни инфекции што се пренесуваат по полов пат.

* Неопходно е да се избегнуваат интервенции како што се тетоважи, пирсинг и друго.

! Запаметете дека на донирање крв не смее да се оди во случај на слабост (кивавица, главоболка, болка во грлото, покачен или снижен крвен притисок), за време на земање лековити препарати (дури и онакви со превентивен ефект), како и во период на премореност (по прекумерен физички напор, работа во ноќна смена и слично).

Текст: Олга Ивановна Станишевска, трансфузиолог

Фото: pixabay.com

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.