Наивниот принц Хари се излајал: „Понормален сум одошто мисли моето семејство!“

Интервју за кое зборува светот

Наивниот внук на кралицата Елизабета Втора им ја отворил душата на измамниците кои се претставиле како Грета Тунберг и нејзиниот татко Сванте

Британскиот принц Хари неочекувано им ја отворил душата на руските комичари кои му се јавиле на телефон претставувајќи се како шведската активистка за борба против климатските промени Грета Тунберг и нејзиниот татко Сванте.

Црвенокосиот принц, кој со сопругата Меган и синот Арчи одлучил да го напушти кралското семејство и да започне живот во Канада, отворено зборувал за „мегзит“ и за тоа како Доналд Трамп, претседателот на САД, има крвави раце.

Заштита на синот

Хари во разговорот со комичарите Алексеј Стојларов и Владимир Кузњецов, кои се познати како Вован и Лексус, инсистирал на тоа дека се повлекол од кралското семејство за да го заштити синот.

„Целосно се одвоивме од повеќето членови на семејството. Нашиот нов живот во Канада е многу подобар. Знам дека на Меган не и’ беше лесно да се омажи за принц“, рекол Хари.

Помладиот син на британскиот престолонаследник Чарлс никогаш претходно не се видел со Грета. Руските комичари го измамиле два пати, со повици што се случиле на 31 декември и 22 јануари.

Уништени животи

Тој во еден од разговорите ги обвинил светските лидери поради тоа што не преземаат доволно мерки во борбата против климатските промени.

„Светот стана проблематично место. За жал, со него управуваат многу болни луѓе, поради што, ти и помладите генерации мора да направите разлика. Вие мора да шокирате и да ги разбудите луѓето. На крајот на денот, сите ние сме жаби ставени во ладна вода која дошла до точка на вриење, а ние не сме ни свесни за тоа.

Фактот што Доналд Трамп толку многу ја форсира индустријата за јаглен во Америка е исто како да има крвави раце. Тоа влијание врз островските земји е далеку од јавноста, но ние бевме таму и видовме дека животите на тие луѓе се потполно уништени. Секој месец, голем број луѓе умираат како последица на некоја природна катастрофа предизвикана од страна на луѓето со своето негативно влијание врз климата“, заклучил тој.

Некои светски медиуми се сомневаат дека Хари го изјавил сето ова и дека снимката што се појавила е вистинска. Британскиот принц се’ уште се нема огласено во јавноста по овој повод.

ХАРИ ЗА…

За принцот Ендру и односот со Епстин

„Што и да направил или не направил тој, тоа е далеку од мене и мојата сопруга. Ние сме потполно одвоени од поголемиот дел од моето семејство.“

За „мегзит“

„Тоа не беше лесна одлука, но беше правилна за моето семејство, бидејќи сакам да го заштитам синот. Повеќето луѓе ширум светот го разбираат тоа.“

За животот во Канада

„Животот таму е многу подобар одошто во кралското семејство. Бев војник 10 години и понормален сум одошто мисли моето семејство.“

За Борис Џонсон

„Мислам дека тој е добар човек и дека ти си една од неколкуте луѓе што можат да допрат до неговата душа.“

За пренесувањето на пингвините на Северниот пол

„Познавам човек што се занимава со Северниот пол. Тој е во Норвешка и можеби може да помогне околу селидбата на пингвините таму. Ќе ви дадам негов контакт.“

Комичарите отишле толку далеку што го навлекле Хари и на разговор на тема женидба помеѓу принцот Џорџ (6) и Грета (17). Тие му кажале дека Грета е далечен потомок на шведското кралско семејство, по што Хари се расположил…

„Борбата против климатските промени би била полесна ако се договори брак помеѓу нашите две династии. Принц Џорџ е вистинска прилика, се согласуваш?“, ја прашал лажната Грета.

„Да, нормално дека можам да помогнам околу тоа“, рекол Хари.

Дознајте и кои ќе бидат новите професии на принц Хари и Меган Маркл по повлекувањето на кралските должности.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.