Колумна: Што ни се случи, по ѓаволите?!

Сè почесто констатираме дека во времето на нашите баби и мајки, кога било сосема нормално да се јаде леб, маст и лута пиперка, луѓето биле многу поздрави. А земајќи предвид дека биле и помалку оптоварени со себе и со светот околу себе, сигурно биле и посреќни. И се прашуваме зошто денес работите се толку комплицирани.

„Гледај каква е, мека како душа“, кажав додека ја ставав чинијата со парче штрудла пред неа. „Првпат ми излезе олку добра“, се пофалив, патем. „Не сакам“, рече Гога и ја оттурна штрудлата со рака. „Зошто? Повторно си на диета?“

„Не смеам“, додаде таа тажно. „Зошто, што ти фали?“, прашав. „Ништо не ми фали, имам вишок“, одговори Гога покажувајќи на појасот околу половината. „И, што сега?“ „Ништо, само тргни ми ја штрудлата од пред нос.“

„Овој свет дефинитивно ќе пропадне“, кажав. „Никогаш не сме воделе повеќе сметка за здравјето и никогаш не сме биле поболни.“ „На што мислиш?“, праша Гога.

„Па ете, откога те знам, нонстоп си на диета. Де протеинска, де хроно… Дали баба ти некогаш била на диета? Не! А ха, а мајка ти? Ни таа! Па, што се случува со нас тогаш, по ѓаволите?!“

Супа од јунешки коски

„Нашите баби не знаеја што се тоа диети. Ниту гликемиски индекси. Не броеја калории, јаглехидрати. Јадеа качамак со сланина за појадок, компир и месо за ручек, уживаа во сите оние работи од кои ние се откажуваме денес, и повторно беа стопати поздрави од нас!

Дали некој може да ми објасни во што е финтата? Погледни околу себе, дали познаваш некој што ја поминал 40-та а да не му фали нешто? Не? Овој страда од штитната жлезда, оној има шеќер во крвта, оваа страда од депресија… Дали баба ти знаеше што е тоа хипотиреоза? Хашимото? Синдром на мрзливи црева? Не.

И мојата исто така. Па, што правеле тогаш што не го правиме ние?“ „Мојата вареше супа од јунешки коски“, кажа Гога. „Се сеќаваш на таа супа? Се сеќаваш на оние големи коски што се вареа со часови и поради кои моравме целата куќа да ја ветрееме?

Е па, тие коски беа полни со аминокиселини и со колаген, нешта за кои баба ми сигурно немаше слушнато, но некако знаеше дека супата е корисна за нашето здравје. А од каде да знае, кутрата, кога во тоа време немаше каде да прочиташ нешто за здравата исхрана. Ниту, пак, за детоксикација на организмот.

А сепак знаеше дека децата треба да појадуваат изматена жолчка, дека повозрасните треба да пијат сурутка, дека постелнината секое утро треба да се сонча надвор… И не се јадеше месо секој ден, се знаеше колку пати неделно се готват мрсни јадења.

Јагоди не се јадеа среде зима! Можеби грешам, но мене ми изгледа дека порано сè имаше поголема смисла.“

А денес си на две јаболка…

„Луѓето порано јадеа нормално, доволно. И трошеа калории. Не се прејадуваа, но не ни гладуваа. А не како нас денес, ќе изедеш парче торта и потоа три дена ќе живееш само на вода. Па, не е ни чудно што сè тргна наопаку! Го изгладнуваш својот кутар организам, го храниш со храна за птици, па кога ќе почнеш нормално да јадеш, растеш за три конфекциски броја на ден. А како и нема да растеш кога истоштениот организам постојано живее од страв од гладување. Замисли го твојот кутар црн дроб. Да може да зборува, што би кажал?

’Еве ја повторно лудава Гога, одлучила да живее на две јаболка на ден, па сега мора да складирам резерви за да потраат додека ѝ дојде памет…’ А потоа се прашуваш зошто си постојано уморна и зошто немаш сила за ништо? Затоа што не јадеш, Гого, затоа! Кажи кога последен пат си изела нешто конкретно?“

Гога се замисли. „И знаеш што, нашите баби приготвуваа вистински јадења. Немало брза храна, адитиви, конзерванси, генетски модифицирани чуда, иако се наѓубрувало – се знаело кога, како и со што.“ „А и водата била почиста“, додаде Гога. „И воздухот.“

„Секако“, се согласив. „А и луѓето беа некако поразумни во тоа време. Не трчале на лекар за секоја ситница. И повеќе се движеле. Денес ние само седиме – на работа, во автомобил, дома – никаде не одиме пеш. Немаме време. Ние сме дебели, децата ни се уште подебели. Погледни само што јадат за ужина – печива, пица, газирани пијалаци… Пред некој ден на Бони ѝ спакував овошна салата за ужина. Кога се врати дома, видов дека не ја пипнала. Кога ја прашав зошто, ми одговори дека сите ѝ се смееле бидејќи јаде салата. Еј, замисли, ѝ се смееле дека јаде овошје! Ете, до каде дотуркавме, мила моја Гого!“

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.