Колумна: Што ни се случи, по ѓаволите?!

Сè почесто констатираме дека во времето на нашите баби и мајки, кога било сосема нормално да се јаде леб, маст и лута пиперка, луѓето биле многу поздрави. А земајќи предвид дека биле и помалку оптоварени со себе и со светот околу себе, сигурно биле и посреќни. И се прашуваме зошто денес работите се толку комплицирани.

… И распната на сто страни

„И порано немало олкав стрес. Затоа семејствата опстојуваа. Денес секој си влече на своја страна. И постојано имаш некаквиси грижи. Порано, ако градот го покосил пиперот – го покосил, боже мој, што да правиш, идната година ќе роди повеќе. А денес, штом ќе отвориш очи – стрес! Дали ќе завршиш училиште, ќе најдеш ли работа, ако најдеш, дали ќе ја задржиш, и тоа подолго време – до пензија. Ако воопшто дочекаш пензија… Па, потоа се прашуваме од каде депресија, анксиозност, нарушувања…“ „Па, ни се наметнуваат стандарди“, искоментира Гога.

„Да, ни се наметнуваат, а ние ги прифаќаме за да бидеме прифатени. Биди позгодна, поубава, имај погуста коса, трепки, ослободи се од целулитот, проширените вени, биди совршена – жена, мајка… Маж ти секогаш да биде испран, испеглан, децата измиени, трчај од еден до друг, а, патем, имај и кариера, и тоа не каква било туку само успешна, организирај се, биди продуктивна! А во меѓувреме најди време и за себе. Занимавај се со спорт, учи странски јазици, мисли позитивно, зрачи, привлекувај, информирај се, следи ги трендовите…

Не дозволувај да остариш! Немој да се здебелиш! На 40 години изгледај како да си се вратила од матурска вечер, пеглај се, ботоксирај се, полни се со филери, затегај се… Па, за кого, да те прашам јас тебе?! А тамам и да е за себе, кога да стасам? Има ли некој што може да стаса воопшто? Кому му се додворуваме ние? Зошто да се откажам од парче совршена штрудла со мармалад? Кој ќе ме сака помалку ако го изедам, светот? Јас ли ќе се сакам помалку?“

„Не знам за тебе“, реков. „Ама јас дефинитивно ќе те сакам повеќе ако го изедеш.“ „Навистина?“, праша Гога. „Да!“ „Е па, дај го тогаш додека не сум се премислила. И ова е само заради тебе, да знаеш!“

Текст: Дуда Алапача

Фото: Pixabay, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.