Суровост или крик за помош: Под површината на насилството, најчесто се крие болка

У&З колумна

„Зошто?“ е прашањето што сите жртви на врсничко насилство сакаат да им го постават на насилниците

Случај 1

Основно училиште. Едно од момчињата во шесто одделение секогаш седи само. Никој не сака да се дружи со него, затоа што изгледа и се однесува малку „поинаку“. Другите момчиња редовно го малтретираат и тепаат на големите и малите одмори, девојчињата се смеат. Наставниците знаат што се случува, но насилниците секогаш поминуваат само со предупредување и мала казна. Насилството продолжува. Денес, тоа момче има 23 години. Се чувствува многу осамено и несигурно во себе. Постојано се прашува зошто е таков каков што е. Не се сака себеси. Себе си ја префрлува вината за тоа што бил малтретиран на училиште. Сака само да знае зошто? Каде згрешил?

Случај 2

Средно училиште. Едно девојче штотуку се запишало во прва година. Веднаш се забележува дека се издвојува од другите. Постојано се облекува во црно, има необична фризура, уникатен стил и слуша „чудна“ музика. Соучениците препознале лесна цел во нејзиното интровертно однесување. Постојано ја измачуваат психички и емоционално, за да си го исполнат времето помеѓу часовите. Малтретирањето од реалниот живот еволуира и се префрла во виртуелниот свет на социјалните мрежи. Постојано кружат нејзини фотографии со навредливи натписи, чија цел е да ја исмеат и понижат нејзината уникатност. Девојчето ги гледа фотографиите. Ги гледа и целиот свет на Инстаграм. Не се осмелува да му каже никому ништо, бидејќи се срами и се плаши да не ја влоши ситуацијата. Секоја вечер заспива плачејќи. Неколкупати помислува на самоубиство. Нејзините родители немаат поим што се случува. Таа сака само да знае зошто? Што им згрешила на нејзините соученици?

ЗОШТО?

„Зошто?“ е прашањето што сите жртви на врсничко насилство сакаат да им го постават на насилниците. Зошто ги одбрале токму нив? Дали ги изнервирале со нешто? Дали ги навредиле? Каде згрешиле? Најчесто, нема одговор на овие прашања, бидејќи и самите силеџии не знаат зошто малтретираат некого.

Децата знаат да бидат навистина злобни. Но под површината на нивните ужасни постапки најчесто се крие голема болка. Ниту едно дете не решило да малтретира друго дете затоа што сакало да стане насилник или да повреди некого. Во повеќето случаи, самите насилници се жртви на некакво насилство. Можеби живеат во лоши услови, каде што се сведоци на семејно насилство. Можеби нивните постари браќа или сестри ги малтретираат и исмеваат. Можеби и тие се жртви на некој маалски силеџија, кој постојано ги повредува, па решиле да го истурат својот гнев на послабите ученици од нивното одделение.

Насилниците не се раѓаат. Само насилници можат да создадат други насилници. Станува збор за маѓепсан круг од кој тешко се излегува. Исто како кога шефот на работа ќе ви се изнавика за нешто, па вие потоа ќе ѝ се изнавикате на работничката во банка, па таа ќе му го пренесе гневот на сопругот дома, тој на детето, а детето на училиште. И гневот станува енергија што кружи и не исчезнува, туку се претвора во насилство.

Прекинете го синџирот

Не истурајте ја лутината, бидејќи и најнаивниот излив на бес може да остави големи последици. Искоренувањето на насилството од училиштата и од сите други сегменти во нешто секојдневје е долг процес, кој треба да започне од секој од нас. Треба да станеме свесни дека насилничкото однесување најчесто е прикриен повик за помош. И силеџиите сакаат некој да им обрне внимание и да им помогне. Не знаат како да побараат помош, па затоа одбираат лоша и деструктивна тактика. За жал, нивниот повик најчесто останува нечуен, додека нивните жртви се претвораат во несигурни индивидуи, кои целиот живот ќе се прашуваат „зошто мене?“.

Да му ставиме точка на овој сериозен проблем! Емпатија наместо осуда. Поддршка наместо навреда. Нежност наместо суровост. Работа на себе наместо фрустрација. Љубов наместо насилство – да почнеме од негување и пренесување вистински вредности дома, на училиште, на работа, секаде! Ние сме тие што градиме нови генерации и промената е можна, но мора да почне од нас самите.

 

 

 

Пишува: Марија Лукаревска  

 

ЕКСТРОВЕРТИ VS ИНТРОВЕРТИ: Можат ли да функционираат заедно како тим?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.