ЕКСТРОВЕРТИ VS ИНТРОВЕРТИ: Можат ли да функционираат заедно како тим?

У&З колумна

Наместо да им се вели на интровертите дека треба повеќе да зборуваат, можеби екстровертите би требало понекогаш да замолчат и да слушаат

Живееме во свет каде што екстровертноста се смета за доблест, а интровертите треба да се приспособат или променат за да можат да успеат. Интровертите важат за луѓе што се премногу тивки или поминуваат премногу време дома, па често се соочуваат со критики дека треба повеќе да се потрудат за да се вклопат. Како припадник на „тивката“ група, тврдам дека ниту еден интроверт не сака да ги слуша овие коментари, колку и да се добронамерни. Не ни помагаат и нема да ги сфатиме како конструктивна критика.

Доста ни е од тоа да ги слушаме овие фрази!

1. „Зошто си толку тивок/тивка?“ – Ајде, само избројте колку пати сте го слушнале ова ако сте интроверт! Знаеме дека сме тивки и немаме проблем со тоа.

2. „Мора да бидеш посамоуверен/а, наметлив/а.“ – И онака ни е тешко да бидеме во чекор со екстровертниот свет. Сигурно нема да ни се зголеми самодовербата ако некој ни го потенцира тоа што го смета за наша мана. Интровертите се наметливи на свој начин.

3. „Зошто не кажеш што мислиш?“ – Понекогаш едноставно не гледаме потреба да кажеме нешто. Претпочитаме да слушаме. Ако имаме нешто важно да нагласиме, ќе проговориме.

4. „Многу си здодевен/на.“ – Зошто поточно сме здодевни? Затоа што не сакаме да излегуваме секој викенд? Нам ни е доволно пријатно да бидеме сами и знаеме како да се забавуваме самите. Што има тука здодевно?

5. „Опушти се малку. Не биди толку резервиран/а.“ – Ние сме многу селективни. Најчесто не сакаме да си го трошиме времето на празни муабети, а ако забележиме дека личноста спроти нас не ни одговара во ниту една можна смисла, не гледаме поента да споделуваме премногу лични информации. Во такви ситуации, се затвораме и стануваме молчаливи. Но пробајте да нè замолчите ако ни се погоди друштвото!

Можат ли да функционираат заедно?

Наместо да им се вели на интровертите дека треба повеќе да зборуваат, можеби екстровертите би требало понекогаш да замолчат и да слушаат. Но факт е дека живееме во истиот свет и врската помеѓу интровертот и екстровертот може да функционира одлично ако се потрудиме да научиме нешто едни од други. Секоја личност може да понуди нешто различно. Каде што едните се послаби, другите се посилни.

Па, така, интровертните поединци можат да ги развијат своите комуникациски вештини, додека екстровертните можат да научат да слушаат повнимателно. Интровертите можат да се обидат да излезат од својата удобна зона, а екстровертите да ги продлабочат разговорите со другите луѓе. Тивките треба да сфатат дека во ред е понекогаш да побараат помош и да ги изразат своите идеи, а гласните треба да ги согледаат придобивките од тивката рефлексија и поминувањето време сами со себе.

И двете групи луѓе се прекрасни такви какви што се и не треба да пробуваат да се променат. Интровертите се чувствителни, внимателни, креативни, самосвесни, ги забележуваат и најмалите детали, знаат да слушаат и најчесто даваат одлични совети. Екстровертите, пак, се дружељубиви, комуникативни, храбри, флексибилни, имаат позитивен поглед кон светот и не се плашат да преземаат ризици. Заедно како тим можат да направат чуда! Магијата се случува кога луѓето престануваат да се фокусираат на различностите и почнуваат да ги ценат туѓите вештини и карактерни особини.

 

Пишува: Марија Лукаревска

 

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.