24 часа со Huawei Watch Fit 2: Уникатен моден и фитнес-сојузник за поквалитетен живот

Модерен, корисен и функционален

Одличен моден додаток кој е и трендовски и практичен истовремено!

Како човек кој е постојано активен и го интересира колку калории потрошил по секој тренинг, колку чекори направил во денот и како спиел, а истовремено не може да се замисли без часовник на рака – најновиот додаток на култната серија WATCH FIT претставува вистинско доживување за мене. И слободно можам да кажам дека Huawei Watch Fit 2 е токму тоа што му треба на секој млад поединец кој сака да се грижи за своето здравје и притоа да биде во чекор со трендовите.

Секако, првото нешто што ми падна в очи кога го здогледав Huwaei Watch Fit 2 беше неговиот елегантен, но лежерен изглед кој одлично го отсликува мојот стил, а лесно може да се приспособи на сечиј вкус, со оглед на тоа што е достапен во три бои – бела, розова и црна. Мојот фаворит е белиот со кожениот ремен, бидејќи совршено ги надополнува моите дневни модни комбинации за во канцеларија, додека, пак, воопшто не го чувствувам часовникот на раката за време на тренинзите.

Многу ми се допадна и формата на дисплејот (1,74 инчи со 336 PPI и резолуција од 336 x 480 пиксели) со богати и живописни бои, на кој лесно можам да ги видам сите опции и функции и немам никаков проблем при нивното користење. Надграден е и со звучник покрај микрофонот, па повиците може да се префрлаат од паметниот телефон на паметниот часовник. Одличен моден додаток кој е и трендовски и практичен истовремено!

Сепак, функционалноста секогаш е поважна од надворешниот изглед. Откако ги поврзав часовникот и мојот мобилен телефон преку Bluetooth, ги внесов потребните лични податоци во апликацијата Huawei Health со цел да ги искористам придобивките што ги нуди Healthy Living Management. Веднаш добив персонализиран план со препорака за дневни чекори, спиење, будење, вежбање и други поставени цели. Па како ми изгледаат деновите со овој паметен часовник и како тој влијае врз подобрувањето на моите животни навики?

 

Се будам во 7 часот наутро со помош на алармот на Huawei Watch Fit 2, по што добивам куса анализа на различните фази на спиење. Открив дека фазата на длабок сон ми трае многу кратко. Препораката гласи да не работам до доцна во ноќта, да слушам релаксирачка музика и да правам вежби за истегнување за да се опуштам пред спиење. Применив некои од овие совети и веднаш забележав подобрување. Сега се будам поодморена, не се преморувам во текот на денот, а концентрацијата при извршувањето на работните врски во канцеларија значително ми се подобри.

Изминативе денови имавме малку постресен период на работа, бидејќи се ближеше рокот за печатење на новиот број на магазинот „Убавина и здравје“. Обврските се натрупуваа а времето стануваше сѐ пократко, па во овие околности одлично се покажа алатката на Huawei Watch Fit 2 за управување со стресот. Секогаш кога часовникот ќе забележеше дека нивото на стрес ми се зголемува, ме потсетуваше да правам вежби за дишење, а благодарение на надградената технологија за следење на отчукувањата на срцето, во секој момент знаев дали некоја ситуација ме вознемирува и ми предизвикува анксиозност.

Освен тоа, многу се изненадив кога по подолго седење на столче во канцеларија, на екранот се појави аудио и анимациски потсетник дека предолго време сум била неактивна, па ме охрабри да направам неколку куси вежби за раздвижување. Тоа дополнително ми помогна да останам смирена и да го зачувам менталното здравје во овие стресни мигови.

Покрај мојата канцелариска работа, многу важен дел од моето секојдневје се часовите по зумба и танц што ги држам, па особено возбудена бев што ќе можам да ги испробам многуте различни опции за вежбање што ги нуди Huawei Watch Fit 2. Од трчање и возење велосипед, до тренинг со тегови, танцување, игри со топка, па дури и 7 одбрани режими со анимиран фитнес-тренер – секој може да ја пронајде активноста што најмногу му одговара и да ја вклопи во својата рутина.

Забележав дека мерењето на потрошени калории е многу прецизно со овој паметен часовник, а особено ми се допадна опцијата за мерење Recovery Heart Rate со чија помош откривам колку време ќе му треба на телото за да одмори и да биде подготвено за следниот тренинг.

Додека вежбам, постојано знам дали телото е во фаза на загревање, согорување масти, дали вложува анаеробен или интензивен напор, па тоа ми помага да го извлечам максимумот од секој тренинг.

Вреди да се спомене и дека овој паметен часовник прецизно ја мери заситеноста со кислород во крвта (SpO2), а за девојките од голема корист ќе биде и опцијата за следење на менструалниот циклус.

Со оглед на тоа колку многу го користам, батеријата одлично издржува, па понекогаш заборавам кога последен пат сум го полнела. Одлично за оние што забораваат да си понесат полнач кога одат некаде (како мене 🙂 )!

Вистински предизвик е да се опфатат и доловат сите опции што ги нуди Huawei Watch Fit 2, најдобро е секој сам да ги истражи и да започне со трансформацијата на сопствениот живот. Моите впечатоци од овој паметен часовник се повеќе од позитивни и топло го препорачувам за секој што сака да стекне поздрави навики на трендовски начин.

Знаеме колку е тешко да се одржи фитнес-рутината со темпото на живеење што го налага брзото, урбано секојдневје, па затоа, секој помошник за градење подобар и поквалитетен живот е добредојден! Уште и ако изгледа ултрамодерно како Huawei Watch Fit 2, мотивацијата е огромна, а задоволството неизмерно!

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.