Зачинска аптека од саксија

Рецепти за подобро здравје

Многу од нас имаат желба да одгледуваме некоја билка во домот, на прозорската штица. Интересни се оние што не само што се користат во кулинарството туку имаат и лековити својства. Овој пат зборуваме за босилек, рузмарин и нане.

Босилек

Се применува и во народната и во официјалната медицина. Во кулинарството е чест зачин.

* Ефикасен е за лекување главоболка, мигрена, болки при гастритис и колитис, помага во случај на респираторни заболувања.

* Надворешно се применува за подобрување на локалниот крвоток, како аналгетик и против воспаленија при ревма, артритис, миозитис (воспаление на мускулите).

* Во козметологијата се препорачува за баланс на водата и мастите на кожата и за отстранување на брчките.

Одгледувањето на босилекот не е многу компликувано. Доволна е една дволитарска саксија, а ако станува збор за џуџеста сорта – може и литарска. На дното ставете помал слој експандирана глина за дренажа. Земјата треба да биде плодна за да израсне добро босилекот, а семето се сее по површината.

Ако прозорската штица е осветлена, тогаш зиме не е потребно никакво заднинско осветлување. За да се оформи бујна грмушка, кога на гранката ќе израснат шест листа, исечете ѝ ги врвовите – тоа ќе биде првата жетва. Таквата процедура спроведувајте ја на секои неколку недели.

Одвар за ублажување главоболка: едно лажиче листови од босилек прелејте со 150 мл врела вода, оставете го да отстои 15 минути, процедете го, па испијте го во мали голтки. Обично ефектот е видлив по првото земање.

Рузмарин

Ова е повеќегодишна зимзелена медитеранска билка. Изобилува со многу лековити својства, широко се применува во козметологијата и во кулинарството.

* Во лековити цели рузмаринот се користи за подобрување на памтењето, за нормализирање на варењето и за изострување на видот.

* Се применува при болести на срцето и низок притисок, ја подобрува контрактилната функција на срцето.

* Се препорачува во случај на дисфункција на централниот нервен систем, болести на зглобовите и на мускулите, женски заболувања и проблеми со потенцијата кај мажите.

* Се смета за благ афродизијак.

Не е многу лесно да се одгледува рузмарин, но затоа тој ќе ве радува долги години. Семките најпрво потопете ги на 24 часа, а потоа посејте ги по површината на земјата. Земјата треба да биде растресита, помешана со еднакво количество песок. Ќе никне по две недели.

Рузмаринот може да израсне и од гранче што стои во вода. Првата година расте бавно, треба да му се создадат соодветни услови: топлина, многу светлина и редовно полевање. Врвовите почнете да ги режете кога ќе достигнат од пет до седум сантиметри висина.

Одвар против болки во срцето, желудочен колитис, невроза, импотенција: Една лажица суви листови од рузмарин прелејте во термос со 200 мл врела вода, оставете го да отстои, па процедете го. Земајте по една лажица од одварот трипати дневно, 20 минути пред јадење.

Нане

За лековитите својства на нането се знае од памтивек. И денес тоа влегува во составот на мешавини против желудочни тегоби, се користи за правење смирувачки одвари, за лекување главоболки и заболувања на дишните патишта.

* Нането се препорачува како аналгетик во случај на ангина, главоболка и забоболка.

* Надворешно се користи за лекување егземи, габични заболувања и изгореници.

* Донесува олеснување при цревен колитис и спазма.

За одгледување нане на прозорска штица одговараат разни сорти, но за лековити цели подобро е да се избере она со изразена арома на ментол. Нането добро расте од резници што пуштиле корен во вода. За одгледување питомо нане е потребна ниска широка саксија, бидејќи неговите корења растат во ширина. Што се однесува на земјата, не е изискувачко.

Семето се сее густо поради ниското ’ртење, се полева и се покрива со стакло до ’ртењето. Режењето на фиданките се спроведува исто како и кај босилекот, режејќи ги до третина. Питомото нана не поднесува директни сончеви зраци, затоа треба да се крие од пладневното сонце. Се прихранува еднаш месечно.

Чај за нормализирање на варењето, хипертензија, несоница: Едно лажиче нане прелејте во чајник со 200 мл вода загреана на 80 степени, оставете го да отстои 15 минути, па процедете го. Испијте го топол во помали голтки. Можете да земате една-две порции дневно.

Текст: Алјевтина Кремнева, треварка

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.