Домашни препарати против болки во мускулите и во тетивите (и за брзо отстранување модринки)

Што да направите ако се повредите или ако ви се појават болки во мускулите поради прекумерно оптоварување или, пак, ако се вкочаните од провев? Уште полошо, ако се појави проблем со лигаментите…

Во аптека можете да купите скапи масти и таблети, а исто така можете да користите и ефикасни билки. Особено ако живеете надвор од град…

За мускулите – билки, топлина и одмор

За време на акутно воспаление на мускулите (миозитис) е неопходен целосен одмор. Ако ве болат мускулите на грбот, нозете или стомачните мускули – се препорачува да мирувате во кревет. Во случај на миозитис на мускулите на раката, сите домашни работи, дури и најлесните, се контраиндицирани.

! При миозитис одлично помага топлината, но прегревањето, како и ладењето, може да предизвика влошување на болеста.

Како да се намалат воспалението и болката:

* Помешајте цветови од црвена детелина – три дела; билка лисичинка (лат. Borago), кантарион и коњска детелина – по два дела; корен од пиреј – еден дел. Една лажица од мешавината прелејте со половина литар зовриена вода и оставете ја да отстои 30 минути, исцедете ја и испијте ја во текот на денот во три наврата, 15 минути пред јадење.

* Помешајте билка петопрст (лат. Potentilla argentea) – четири дела; бело иванденче (лат. Galium mollugo) – три дела; цветови од медуника – два дела и плодови (семе) од сина чичка – еден дел. Една лажица од мешавината сипете во термос со 300 мл зовриена вода, оставете да отстои еден час, па исцедете. Земајте по две лажици четири-пет пати на ден пред јадење.

* Како лек против надворешни болки се препорачуваат облоги со одвар од темјан – две лажици сува билка прелејте со шолја зовриена вода, оставете да отстои 30 минути, па исцедете.

* Помагаат и облоги со одвар од матичина – две лажици сува билка прелејте со 300 мл зовриена вода

Ударите и модринките брзо поминуваат

* Во случај на удар, за што побрзо да се намалат модринките и подливите, на болното место ставете нешто ладно – барем ќеса со мраз или ладна вода. Ладната облога менувајте ја на секои две-три минути, модринката ладете ја 30–40 минути, а потоа стегнете ја со гумиран завој. По два-три дена ставајте топли облоги, втривајте тинктура од невен, бреза или пупки од топола (сите овие тинктури можете да ги купите).

* За брзо санирање на модринките исто така можете да користите компреси со одвар од следените билки (две лажици од суровината на 300 мл зовриена вода): цветови од вратика (лат. Tanacetum vulgare), чубрика, корен од соломонски печат(лат. Polygonatum odoratum), кантарион, камилица.

* Помош при силни удари (каде што не е оштетена кожата) даваат и топли компреси со одвар од следните билки (сите во еднакви количества): горчлив пелин, трева или цветови од горчлива арника или брденка (лат. Arnica montana), коњска детелина, петровец или камшик (лат. Agrimonia eupatoria) и цветови од аптекарска камилица. Две лажици од мешавината сварете во половина литар вода, оставете да отстои еден час, па исцедете. Облогите нанесувајте ги на повредените места три-четири пати дневно.

КОМПРЕСИ ПРОТИВ ХЕМАТОМИ

* Со кромид, мед и тегавец

Исечкан кромид помешајте со една лажица прав од листови од тегавец и со исто количество мед. Мешавината ставете ја на пареа и загревајте ја додека се стопи медот. Смесата нанесете ја на газа и ставете ја на модринката. Преку тоа ставете најлонско ќесе и прекријте го ткаенина. Држете го два часа. Практикувајте го трипати дневно.

* Грашок и белки

Направете кашичка од недозреани зрна од грашок и во неа додајте изматена белка. Нанесете ја на местото на ударот и држете ја 20 минути, па измијте ја со ладна вода.

Доколку сте ги оштетиле лигаментите

* Опуштете ја раката или ногата и на болното место нанесете нешто ладно – ќеса со мраз, снег, ладна вода или крпа натопена во ладна вода. По час и половна или два, ако отокот и болката се намалиле, повредениот зглоб цврсто змотајте го со завој.

* За отстранување на отоците и болките се користат и облоги со одвар од вратика, пелин, синчец, врес, седум, опашкин штир.

Во случај на повреди проследени со оток

* Ефикасна е мешавина од петровец – три дела; корен од бел смил, црвен здравец, велигденче и капина камењарка – по два дела и соломонски печат – еден дел. Една лажица од смесата прелејте со шолја зовриена вода, варете ја на тивок оган 10 минути, оставете ја да отстои 20 минути, исцедете ја и испијте ја во текот на денот на три-четири пати, пред јадење.

Текст: И. Свитенкова, натуропатка

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.