ЛЕТО, СОНЦЕ, МЕЛАНОМ…

Варијација на ракот на кожата – меланом може да се појави во која било старосна доба

Се развива ненадејно и нагло, брзо метастазира, не давајќи му на човекот никаква шанса.

Единствениот начин да го направите безопасен е што побрзо да посетите лекар и да го лекувате. Но за тоа е потребно добро да го познавате овој непријател…

ВО РИЗИЧНА ГРУПА СЕ:

  • луѓето со светла кожа, црвена коса, сини, сиви или зелени очи;
  • оние што често добиваат изгореници од долго сончање;
  • луѓето што имале изгореници од сонце и долго престојувале на сонце (особено до 20-та година);
  • оние со наследна склоност на меланом или други видови рак на кожата;
  • луѓето што имаат повеќе од 100 бенки на телото или повеќе од 50 до 20-та година;
  • оние што имаат меланоза Дубреја (претканцерогено заболување на кожата).

ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ СИМПТОМИ:

  • неправилен облик на бенките;
  • нејасен и здебелен раб на бенката;
  • нехомогена боја на бенката: постојат светли, темни и црни нијанси;
  • пречник на неоплазмата поголем од 5 мм;
  • извишување поголемо од еден милиметар над кожата;
  • бенката се појавила спонтано по 35-та или 40-та година.

ИТНО НА ЛЕКАР АКО:

  • пигментацијата нагло се шири;
  • бенката се воспали;
  • болното место се навлажнува;
  • се појавиле крвавење, јадеж и пецкање.

Ултравиолетовото зрачење е главен предизвикувач на меланом. Не сончајте се и не одете во солариум доколку имате многу бенки на телото. Запаметете дека ракот се лекува само во првите стадиуми!

Во половина од случаите меланомот се развива надворешно на здрава кожа – на местото на вродени или стекнати пигментни невуси (бенки) и меланоза (пребоеност на кожата).
БЕНКИ ПЛУС ХОРМОНИ

Дијагнозата за меланомот често се поставува по случајна или намерна (исекување, горење) траума на пигментен невус на кожата (бенка). Бенката може да се повреди и незабележливо, на пример со јаката на кошулата, брусхалтерот, ременот… На триење особено се изложени неоплазмите на стапалата, дланките и перинеумот (околу вагиналниот отвор и анусот). Подобро е од таквите бенки да се ослободите – се разбира, оперативно.

На дегенерација на бенките во меланом влијаат и хормоните. Периоди што се ризични во таа смисла се пубертетот, бременоста и менопаузата.

ФАКТ Меланомот може да се развие на кој било дел на кожата, но најчесто го избира пределот на потколениците и стапалата кај жените, грбот кај мажите и лицето кај постарите луѓе (особено зад ушите). На секот шест до осум години бројот на заболените од меланом во светот двократно се зголемува.

ОЧИЛА ЗА СОНЦЕ: ПОДОБРО НИКАКВИ ОТКОЛКУ ЛОШИ!

Преголемото количество ултравиолетови зраци им штети на очите на сите, особено на оние светлите – сините и зелените. Кај нивните сопственици е поголем ризикот од онколошки заболувања (на пример, меланом на ирисот). Дури и ако сонцето се крие зад облаците, УВ-зрачењето и понатаму има уништувачки ефект врз очите. Штетата од него се акумулира во текот на животот и затоа добри очила за сонце им се потребни на сите.

Правилно избраните очила за сонце мора да го блокираат штетното ултравиолетово (УВ) зрачење. Изберете леќи со ознака УВ 400 – тие целосно ги задржуваат ултравиолетовите зраци. Патем, овие очила можат да бидат и со темни и со светли стакла.

Друг важен момент при изборот на очила за сонце е пропуштањето на светлината. Најопасна е светлината што се рефлектира од вода или од снег. Категоријата на филтерот обично се наведува на внатрешната површина на леќите. Има само пет – од 0 до 4. Споредете: филтерот од категоријата „0“ пренесува 80-100% светлина, а оној означен со „4“ од три до осум проценти. За низ град можете да изберете очила со филтер „1“ или „2“, а за патување на море или на планина оние со посилна заштита – „3“ или „4“.

СОМНИТЕЛНА ЗАШТИТА

Поради дејството на сончевата светлина, зениците рефлексивно се стеснуваат, што значи дека се намалува штетното дејство на УВ-зраците на леќите и на мрежницата. Но, ако некое лице стави темни очила без потребната заштита, зениците остануваат широки и поголемо зрачење достигнува до очите. Значи, излегува дека носењето темни очила без УВ-заштита е поштетно отколку воопшто да не ги носите.

Текст: Људмила Демидова, офталмолог

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.