Жените се подобри од мажите!

Така тврди еден МАЖ!

Американскиот адвокат и медиумски могул Ден Абрамс во својата книга „Машки пораз“ истакнува во што сме посупериорни од мажите. Значи, да слушнеме и – да уживаме!

Животот постојано ви дава многу докази за тоа дека жените еволуираат побрзо од мажите. Образование, управување со држави, шпионажа, наука, економија… сè укажува дека жените во овие области (и во многу други) ги надминаа мажите. Да не зборуваме за уметноста на секојдневното живеење (или преживување), која на понежниот пол му е вродена. Значи, ајде да се потсетиме на неколку полиња во кои жените се посупериорни.

1 Жените подобро ги поднесуваат проблематичните врски

„Само времето може да го залечи твоето скршено срце, исто како што времето ги лекува неговата скршена нога или рака.“Мис Пиги

Според старото клише, кога во врската ќе се појават проблеми, жените бараат утеха во слатки и постојано плачат, додека „емотивно отпорните“ мажи само продолжуваат со животот, обично во прегратките на друга жена. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека мажите повеќе страдаат во лоша врска.

Социолозите открија дека проблемите или нехармоничноста во врската повеќе влијаат врз чувствата и врз самопочитта на мажите отколку на жените. Зошто? Младите мажи не се вртат кон други луѓе за да пронајдат утеха како што прават жените, па затоа потешко се носат со лошите емоции.

Соочени со проблем во врската, жените избираат ефикасни решенија – пријатели, семејството и можноста некому да му „плачат на рамо“ – наместо да ги „голтаат“ чувствава и да ја убедуваат околината дека сè е ОК.

Фото: Thinkstock Photos

2 Жените се подобри возачи

„Сакам да возам со колената… Всушност, како поинаку би можела да ставам кармин и да разговарам на мобилен?“ Шерон Стоун

Голем број сообраќајки се предизвикани од жените, и тоа само затоа што за време на возењето ставаат кармин или зборуваат на мобилен телефон, нели?! Е, па не е така!

Уште една предрасуда, бидејќи жените се подобри возачи од мажите. Во една научна студија се покажа дека ризикот од смрт во сообраќајка е за 77 отсто поголем кај мажите отколку кај жените. А зошто е тоа така? Бидејќи жените се повнимателни додека возат.

3 Жените подобро поднесуваат болка (мажите повеќе лелекаат)

„Убавината боли… Но жените се многу поцврсти. Ние раѓаме бебиња и трпиме многу нешта во животот!“ Една холивудска козметичарка

Жените можат „машки“ да поднесат физички напор и болка. Тоа не е само заради фактот што во животот поднесуваат повеќе болки (раѓање, депилирање и други козметички процедури) туку затоа што женскиот мозок е поинаку програмиран. Не станува збор за повисок праг на толеранција на болка, туку за начинот на кој жените подобро совладуваат (читај; поднесуваат!) разни видови болка.

4 Жените се подобри полицајци

Полициската значка веројатно не е на списокот на многу девојчиња за тоа што би сакале да бидат кога ќе пораснат. Но би требало да биде.

Истражувањата покажуваат дека жените-полицајци се подоверливи, помалку подложни на корупција и поретко се потпираат на физичката сила од машките колеги, поради што поефикасно ги решаваат насилните ситуации. Владите на некои земји – Перу и Русија – во кои е нагласен проблемот со корупција во полицијата – го искористија овој факт и почесто вработуваат жени-полицајци.

5 Жените се подобри светски лидери

Се зборува дека еден новинар го прашал Винстон Черчил дали прогнозира дека во 2000 година жените ќе владеат со светот. „И понатаму ќе владеат, зар не?“, му одговорил Черчил.

Навистина, што би било кога жените би владееле со светот? Судејќи според многу меѓународни анкети, сите би биле посреќни. Кога испитаниците ги рангирале мажите и жените како супериорни во особините „многу важни или апсолутно неопходни“, резултатите биле само на една страна – на женската.

Во седум до осум карактеристики, вклучувајќи ја и искреноста – кои се сметаат за најважни за политичарите – анкетираните ги опишаа жените како рамноправни со мажите, или дури и подобри од нив. Иднината на политиката дефинитивно е во рацете на жените!

Фото: Getty Images

6 Жените се подобри во пронаоѓање на (сите) предмети

„Ги мразам жените бидејќи секогаш знаат каде сè се наоѓа!”Волтер

Има безброј ситуации во животот кога жените многу побрзо наоѓаат работи: „загубен“ паричник во домот, вистинскиот пат до некоја дестинација, начин за водење на куќниот буџет, подароци за специјални пригоди, најквалитетни производи на пазарот… таквото однесување ги наведе научниците да помислат дека припадничките на понежниот пол се подобри менаџери, инвеститори, па дури и комарџии.

Додека мажите почесто ризикуваат, жените трпеливо остануваат на вистинскиот курс за да извлечат најголема полза од дадената ситуација. Оттаму познатата изрека „Зад секој успешен маж стои уште ПОУСПЕШНА жена“.

Уште 12 работи во кои сме посупериорни од нив:

  1. Шпионажа
  2. Инвестирање пари
  3. Добивка на комар
  4. Употреба на чекан (прецизна!)
  5. Дегустирање пиво и вино (жените имаат поизострени сетила за вкус и мирис)
  6. Видео-игри (жените можат подолго да играат а да не развијат зависност)
  7. Давање и спроведување инструкции
  8. Побрзо подготвување (облекување + шминкање)
  9. Поретко заболуваат од настинка и грип
  10. Избегнување измами преку Интернет
  11. Подолго живеат (во просек, пет години)
  12. Користење сапун во тоалетот (мажи, срамете се!)

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.