Владан Исмановски: Живот без правила и ограничувања

Живот по свое!

„Убавото лежи во различното, во она што не сте го искусиле, она што е непознато и ново“ – Владан Исмановски

Забрана за влез во државата!

Владан отишол во Катар за да заработи и кога сфатил дека работодавците само си играат со нив, решил да ги тужи и разговарал со адвокат.

– Бев многу млад и неискусен, а адвокатот ми кажа дека има добри шанси да го добијам случајот, но дека процесот ќе трае, ќе има судски трошоци… И кога размислив дека ќе треба да се тужам со роднина на кралското семејство, си реков дека е подобро да се откажам. Нашата агенција ме викна на разговор и ми кажа да не го правам тоа, дека ќе бидам исплатен и ќе можам да се вратам во Македонија. Пасошот го добив дури на аеродромот, кога полетував за назад.

Работите се вжештиле пред заминувањето на Владан. Работодавците почнале да му вршат разни притисоци за да попушти психички.

– Иако бев во право и имав доволно материјали за да го изнесам процесот докрај, се тужев со цел систем, со еден синџир на ресторани и тие пробуваа на разни начини да ме скршат. Сакаа да ме избркаат од станот каде што бевме сместени, немав плата, не ми носеа храна. Ова не беше баш добро искуство за еден 23-годишен човек. На крајот добив црн печат во пасошот, односно забрана за влез во Катар три години.

Научена лекција

Нема сомнеж дека никој не би сакал да му се случи вакво нешто, но најважно е од секое лошо искуство да се извлече корисна лекција.

– Секогаш читајте ги договорите убаво, внимателно и целосно. Никогаш никој не е целосно искрен, сите гледаат да извлечат некаква корист од тебе. Нека не ве залажува тоа што Катар е богата земја. Тоа навистина е така, ама само Катарците се богати, другите не се. Ако мислите дека ќе живеете како султани таму, кога ќе стигнете во земјата, ќе се соочите со реалноста. Убаво е да се искуси Блискиот Исток, но не на најлошиот можен начин – завршува Владан.

Љубовта како предизвик

Владан моментално работи како шанкер во „Вокс“, ноќен клуб што му припаѓа на негов близок пријател.

– Кога си шанкер, тоа е исто како да си седнеш дома пред телевизор и да гледаш различни луѓе и ситуации – објаснува тој.

Шанкерите најчесто ги бие лош глас, дека постојано се опкружени со различни девојки, па затоа вистински предизвик е да се започне сериозна врска со вакво занимање.

– Најчестиот проблем е тоа што си зафатен за викенд, а некогаш и преку недела. Колку и да велат девојките дека ја прифаќаат мојата работа, на ниедна не ѝ е сеедно, а и јас исто би се чувствувал на нивно место – признава Владан.

Според него, врската може да опстане само доколку постојат добра комуникација и разбирање.

– Ако имате чаша што нонстоп ја полните со проблеми, наместо да кажете што ви пречи, на крајот чашата ќе се прелее. Секогаш сум бил отворен. Без разлика дали работиш во дискотека или си трета смена во фабрика, каде што немаш контакт со жени, ако си решил да изневериш, ќе го направиш тоа. Не е важно каде си. Најважно е да бидеш сигурен во себе. Ако знаеш дека нема шанси да ти се случи такво нешто, таа сигурност ќе можеш да ѝ ја влееш и на девојката.

Владан е член на коњичкиот клуб „К.К. Бравадос“

Живот по свое!

Денес од младите луѓе се очекува до 30-тата година веќе да имаат најдено стабилна работа и сериозен партнер, со кого веќе стапиле во брак или очекуваат да се случи тоа во блиска иднина, планираат семејство и слично. Но кој вели дека тоа мора да е така по секоја цена?

Со внуката Изабела

– Не треба да се троши животот на работи што не нè прават среќни. Сите сме различни, општеството влијае на тоа како живееме. Кога гледаш како се женат и мажат луѓето околу тебе, почнуваш да се прашуваш дали и ти самиот треба да почнеш да го направиш истото тоа, да влезеш во тој систем. Нема правило кога нешто треба да се случи или да се направи. Тука луѓето грешат најмногу, ги потценуваат работите, мислат дека ако си вработен од 8 до 16 часот, си основал семејство и земаш пензија, готово, си ја исполнил целта. Не, не е така. Тоа е монотон начин на живот. Убавото лежи во различното, во она што не сте го искусиле, она што е непознато и ново – завршува Владан.

Секако дека и тој би сакал еден ден да има семејство, но решен е да ја чека вистинската личност, која целосно ќе му го смени начинот на дејствување. Дотогаш, продолжува да го прави тоа што е најправилно и најдобро за него: да живее по свое!

Редовен учесник на маратони

Подготвила: Марија Лукаревска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.