Владан Исмановски: Живот без правила и ограничувања

Живот по свое!

„Убавото лежи во различното, во она што не сте го искусиле, она што е непознато и ново“ – Владан Исмановски

Да се биде млад човек во денешното општество е вистински предизвик. Палетата од избори е безгранична, но токму тоа и го отежнува животот. Дали да се заврши факултет или, пак, да се прошета низ светот? Дали да се најде стабилна работа или да се работи нешто непредвидливо и возбудливо? Дали да се основа семејство или да се исполни времето со забави и нови познанства? Одговорот е дека не постои вистински одговор. Триесетгодишниот Владан Исмановски е шанкер во ноќниот клуб „Вокс“, дипломирал на Факултетот за бизнис и логистика, поминал осум лета работејќи во Германија, имал интересно искуство во Катар, повремено пушта музика како диџеј, моментално завршува курс за физиотерапевти и самоуверено одбива да ги следи општествените правила. Неговата приказна, несомнено, ќе ве поттикне да уживате во животот и да го правите она што ве исполнува…

Почетоците на едно патешествие

Работата во странство е честа одлука на студентите кај нас. Некои го прават тоа за да го научат јазикот, некои заради искуство, а некои за да заработат. Германија е една од најпожелните дестинации. Сагата на Владан во оваа земја започнува на негови 18 години и продолжува цели осум лета. Аплицирал сам, отишол сам, не познавал никого, но се запознал со сите. Иако работел во „Мекдоналдс“, многу брзо сфатил дека во Германија работниците се ценат.

– Не е лесно да се снајдеш на таа возраст. Сам се грижиш за себе, преземаш одговорности. Првпат отидов во 2007 година, кога технологијата не беше многу развиена и не можев во секое време да се слушнам со моите, ниту, пак, да користам Интернет кога ќе посакам. Немаше евтини летови, патував со автобус по 24 часа. Тогаш не можеше толку лесно да контактираш со некого ако ти се случи нешто – открива Владан.

Културен шок по секое враќање од Германија

Владан бил фасциниран од слободата што ја имале луѓето таму и од нивниот начин на живот.

– Ние овде премногу се заморуваме со дреболии, наместо да го правиме тоа што нè исполнува. Не треба да ни влијаат туѓите мислења и постапки. Тука сите сакаат да го слушнат само тоа што им одговара, а ако им кажеш нешто поинакво, веднаш се навредуваат и лутат. Во Германија не е така. Секогаш кога се враќав во Македонија, чувствував како да не припаѓам тука. Првите два месеца се супер, се гледаш со сите, се обидуваш да постигнеш нешто, но по некое време се јавува желбата да се вратиш назад – признава тој.

Оттука се наметнува прашањето зошто не останал во Германија.

– Секогаш ми недостигаше нешто. Сакав да го донесам тука тоа што го имав таму и во Македонија да продолжам да живеам на начинот на кој живеев во Германија. Најмногу сакав да се вратам поради најблиските, другарите. Кога си сам, имаш слобода, можеш да шеташ каде што сакаш и колку сакаш. Но кога ќе видиш некоја убава знаменитост, сакаш да го споделиш тоа со некого, со некој близок. Се вртиш лево-десно и гледаш дека си сам. Не е убаво чувството на осаменост.

„Во Германија научив да се сакам себеси“

Осумте лета поминати во Германија, покрај тоа што го научиле да биде одговорен и му ги отвориле погледите кон светот, му покажале и дека најважно е да се сака себеси.

– Никој друг нема да го направи тоа за тебе. Имаш пријатели и блиски, но на крајот сепак си оставен самиот на себе. Никој нема да ти даде помош во секое време или да ти го даде она што ти треба. Во Македонија спиеме на тоа уво дека родителите секогаш ќе ни даваат сè. Во Германија, кога знаеш дека си сам, се активира инстинктот за преживување и почнуваш да се бориш и да стануваш свесен дека поседуваш способности што не си знаел дека ги имаш во себе.

Платен одмор во Катар!

Германија не била доволна за да ја задоволи својата желба за авантура и нови искуства. Следна дестинација биле Арапските Емирати! Владан сакал да прошета низ светот, па, така, се пријавил за работа како бармен во некој нов ресторан во Катар. Но таму не одело баш сè по планот…

– Стигнавме со неколку колеги Македонци, нè пречекаа како што треба, но не ми се допадна тоа што ни ги зедоа пасошите. Тоа од старт ми изгледаше како лош знак – вака започнува непријатното искуство на Владан.

Ги сместиле и само им доставувале храна двапати на ден. Немале никаков контакт од работодавците, знаеле само дека се работи за синџир на ресторани што му припаѓа на близок роднина на шеикот. Немале Интернет. По некое време дознале во кој трговски центар би требало да се наоѓа ресторанот, но кога пристигнале на местото, ги пречекало непријатно изненадување.

– Најдовме затворен дуќан, кој беше во изградба и случајно под најлоните го видов името на нашиот ресторан. Само што почнале да го градат, а ние требаше да работиме таму.

Работодавците им се извиниле и им понудиле да им плаќаат половина од платата за да чекаат додека не се отвори ресторанот. Тоа на почетокот изгледало како добра идеја, но откако прошетале низ цел Катар, сфатиле дека не им стигнуваат парите и дека губат време.

Продолжете на следната страница за да дознаете зошто престојот во Катар завршил со забрана за влез во државата…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.