Ве инспирираме: Лекции за успех од Ана Јовковска

Прочитајте!

„Успехот е слобода!“, гласно извикува инспиративната Ана Јовковска

Публиката ја запозна како водителка, но како што минуваа годините, неуморно запловуваше и во други води, па и денес успешно ја игра улогата на новинарка, писателка, едукаторка/тренер за личен и професионален развој, активистка… Со Ана Јовковска поразговаравме за тајните на успехот, за машко-женските прашања и секојдневните предизвици што ни ги наметнува општеството (а неретко и самите ние).

1. Со оглед на тоа што имаш големо професионално искуство од различни области и си имала можност да разговараш со многу луѓе, колку се согласуваш со тезата дека живееме во машки свет? Сметаш ли дека жените сè уште се соочуваат со поголеми тешкотии за разлика од мажите при искачувањето на кариерната скала?

Живееме во ера на женска доминација, но во машки свет. Во време во кое смело врескаат огнените химни на Бијонсе и спортските удари на Серена Вилијамс, додека на други катчиња во светот, илјадници женски гласови се стишени низ шепата на традицијата и патријархатот. Од една страна се пораките кои треба да ги поттикнат девојчињата и жените да бидат смели да го живеат сонот на својот живот, од друга страна се родовите сопки во општеството во кое е ужасно тешко да се биде успешна жена и успешна мајка. Ако си одлична во професијата, се претпоставува дека не си доволно посветена на децата или на домот. Ако, пак, си добра во приватната сфера, тогаш како може да „те има“ на јавната сцена?! Сите овие стапици се отрови за женската психа. Нееднаквоста оди во прилог на емоционалниот вртлог во умот на жените којшто ротира помеѓу (нарушената) самодоверба и грижата на совеста.

2. Успешните жени се инспиративни, бидејќи поттикнуваат промени во општеството. Какви промени се стремиш да предизвикаш преку твојата работа? За кои занемарени работи и проблеми сметаш дека треба да се говори јавно и гласно?

Имам опција да плачам горчливо, да создавам „мало езеро на духовен отпад“ полно со гнев, страв, збунетост и тага или да се борам. Одбирам да се борам. Мојата борба се протега од човековите права, особено правата на жените – репродуктивните права, родово базираното насилство… преку еколошкиот активизам – правото на чист воздух, правото на здрава, органска храна, правата на животните, правата на велосипедистите, па сè до демократските принципи и слободата на говор… Понекогаш го користам мојот глас да биде глас на безгласните и маргинализираните, понекогаш се трудам да ги зајакнам девојчињата и жените и да инспирирам на подолг рок. А темите и проблемите можеш да ги ринеш со лопата. Ги има секаде околу нас, ако гледаш со очи што не се затворени и слепи за неправда.

3. Што е тоа што го сметаш за твој најголем успех, а што за најголем неуспех? Од денешна гледна точка, што би ја советувала помладата Ана?

Нема едно нешто на кое би му ја ставила круната „најголем успех“. Успехот е збир од различни работи. Под негова капа нескромно би ги вдомила следниве работи: растењето на детето со голема љубов и грижа, мојата авторска ТВ-емисија „Пулс“, моите три книги, а особено последната „Сакам, значи постојам“, издание на „ТРИ“, која минатиот месец ми ја донесе наградата трето место за најуспешен автор за 2020 година. Сите обуки што сум ги одржала со огромна љубов и посветеност, сите мои текстови и колумни низ кои го артикулитрам она што ме притиска и боли… Со други зборови – најголем успех е мојата слобода да го работам и живеам тоа што го сакам!

4. „Клучот за успехот лежи во фокусирањето на целите, а не на пречките“ – колку се согласуваш со оваа изрека? Како гласи твојата дефиниција за успех?

Успех е да живееш по свое. Успехот е слобода!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.