Необични новогодишни обичаи во светот

Понеобични од овие годинава - здравје!

Пречекот на 2021-тагодина дефинитивно ќе се разликува од сите дочеци досега, и тоа на светско ниво. Пандемијата на ковид-19 ги затвори границите, не’ затвори во домовите и ни втера страв во коските.

Сепак, по половина година помината без шминка, особено без кармин на усните, претстојните празници дефинитивно ќе го разбудат тоа подзаборавено чувство за посебни пригоди. Новогодишните празници се поинакви оваа година, но со малку сјај и светлечки ефекти, расположението и понатаму може да биде празнично.

Вашето лице, тело, нокти и коса нека блеснат оваа зима и покрај пандемијата на ковид-19, бидејќи светкавоста и сјајот природно привлекуваат, а тоа чувство на привлечност истовремено нè прави поатрактивни и ни го подобрува расположението, тврдат психолозите.

Но светкавиот изглед не е резервиран само за сенките за очи.

Постои широк дијапазон на можности за оставање позитивен впечаток кај другите и, што е уште поважно, за подигање на своето расположение и оптимизам.

Инаку, дали знаевте дека класичниот новогодишен пречек со одбројување, чаша шампањско и огномет и пред пандемијата во некои земји беше заменет со необични обичаи.

На пример, во Колумбија се практикува шетање со празни куфери за да се патува многу идната година (добро, ова верување можеби нема да се реализира во 2021-та, но традиција си е традиција).

Во Чиле, пак, точно на полноќ се јаде леќа за да се има многу пари и работа во новата година (исто така дискутабилно верување во овие услови, нели?).

Шпанците, пак, точно на полноќ јадат 12 зрна грозје – по едно за благосостојба во секој од следните 12 месеци, а Бразилците, за да ги избркаат лошите духови, се облекуваат во бела боја, прескокнуваат седум брана и фрлаат цвеќе во морето.

Во Нов Зеланд новата година се дочекува со тропање со тенџериња и лонци, додека, пак, Аргентинците во новата година влегуваат носејќи розова долна облека – за да привлечат љубов (вреди да се проба).

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.