Трилер-сензацијата на овие простори, па и пошироко: ,,Убиецот со распетието”

„Навлекувачка“ книга

,,Убиецот со распетието” е дел од серијалот со детективот Роберт Хантер и мислам дека одамна немам прочитано вака, што би рекла, навлекувачка книга.

Обично читам поинакви книги, повеќе сум љубител на драми особено оние со силни психолошки моменти, но ,,Убиецот со распетието” апсолутно не ми се испушташе од раце.

Хантер и неговиот тазе партнер, Гарсија, работат на морничав случај на сериски убиец кој по хибернирање од неколку години повторно е активен на улиците на Лос Анџелес. Млада жена е убиена на најсуровиот можен начин а убиецот ја жигосал со својот ,,потпис” кој го втиснува на вратот на жртвите. Двојното распетие, еден од симболите на Сатаната, можеби сугерира дека се работи за некаков култ, а убиствата се со ритуален карактер.

Каква е поврзаноста на оваа жртва со оние од минатото? Дали постои некаков образец кој убиецот го следи? Тука на дело најмногу доаѓаат талентите на детективот Хантер, кој секако не е вообичаениот детектив кој би го сретнале во филм или книга. Хантер е своевиден вундеркинд со докторат од психологија и огромни познавања на човековата природа.

Но, дали сето негово знаење е доволно да го спречи монструмот особено пред и самиот убиец да тргне по него?

Трилер кој тешко се испушта од рака и верувам дека ќе ви се допадне Хантер. Иако има експлицитни сцени кои некои велат дека се за ,,луѓе со појак желудник”, сепак мене не ми беа толку тешки за дигестија. Можеби дека ги преферирам, кога се трилерите во прашање, Сканди авторите кои се дури и побрутални и помрачни од Картер.

Во секој случај, доколку сте љубители на брзи трилери со многу акција, не го испуштајте. Јас продолжувам со серијалот, а како наслушнав, книгите стануваат се’ подобри и подобри, што уште повеќе ме радува.

Лесно читлив и навлекувачки трилер.

Им го препорачувам на љубителите на овој жанр.

Пишува: Ана Томова

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.