Стоп за ноќните трилери! И како да му помогнете на некој што ‘рчи?

Зборува фитотерапевтката Светлана Сергеевна Замерко

Кога некој силно ‘рчи покрај нас, практично е невозможно да заспиеме. Најлошо е тоа што „херојското“ ‘рчење воопшто не е одраз на „херојско“ здравје. Зошто се случува тоа?

Главни виновници за ‘рчењето се – полипи во носот, аденоиди што предизвикуваат отекување на ткивата и со тоа придонесуваат за ‘рчење.

Континуираното ‘рчење може да биде поврзано и со вишок килограми. Непријатни звуци се создаваат поради таложење на масно ткиво на лицето и вратот. Во одредена ситуација, доволно е да се ослаби – и проблемот сам ќе исчезне.

Во тоа важна улога играат и анатомските карактеристики: искривување на носната преграда, создавање аномалии во горниот дел на дишните патишта, недоволен развој на горната и долната вилица.

КАКО ДА МУ СЕ ПОМОГНЕ НА ЧОВЕК ШТО ‘РЧИ

* Наједноставниот начин е – почитување на водниот режим, т.е. да се пие еден и пол литар вода дневно. Тоа ќе помогне да ја исфрлите слузта од организмот, што е исто така една од причините за појава на ‘рчење.

* Куркумата ги шири крвните садови и го подобрува дишењето. Покрај тоа, ова растение има и противвоспалително дејство и благодарение на тоа помага во борбата против воспалението во носните патишта, го смирува грлото и го намалува ‘рчењето. Две лажичиња куркума растворете во чаша топло млеко. Испијте го 30 минути пред спиење. Лекувањето трае додека се нормализира сонот.

Контраиндикации: заболувања на желудочно-цревниот тракт во акутна фаза, индивидуална нетолеранција.
* Медот го опушта и го смирува грлото, а исто така ја намалува и отеченоста. Една лажица од пчелиниот производ растворете во чаша топла вода. Пијте го тоа пред спиење, можете и во подолг период.

* Неколкупати дневно плакнете го грлото со одвар од пченични никулци (две лажици од суровината прелејте со шолја топла превриена вода и оставете да отстои еден час). Третманот трае две недели.

* Во чаша исцеден сок од зелка навечер растворете една лажица мед и испијте го одеднаш.  Третманот трае еден месец.

* Кромидот спречува опструкција на дишните патишта. Тој го олеснува дишењето и оние што обично ‘рчат по тоа уживаат во мирен сон. Главица кромид пресечете наполу, посипете сол и ставете ја на масичка во спалната соба. Вдишете го тој мирис пред спиење.

* При ‘рчење може да помогне и соино млеко – по половина чаша пред спиење. Меѓу другото, тоа е и многу корисна напивка за дишните органи бидејќи ги штити од разни воспалителни заболувања.

* Ефикасен е и следниот гел. Загрејте три четвртини од чаша вода, додајте една лажица сол и почекајте целосно да се раствори. Полека, со постојано мешање, во растворот ставете 20 г желатин и мешајте додека не се раствори. Тргнете ја смесата од шпоретот и додајте четвртина чаша вода. Префрлете го тоа во помали тегли. Во секоја додајте по пет капки етерично масло: лаванда, еукалиптус, питомо нане (по избор, доколку не сте алергични). Добро затворете ги и ставете ги во фрижидер додека не се оладат. Чувајте ги на ладно место до една година.

Пред спиење, неколкупати длабоко вдишете од аромата и оставете ја теглата отворена до креветот. Ова ќе ви помогне да се опуштите и смирите, да ги исчистите дишните патишта и да го намалите ‘рчењето.

А во вселената нема рчење

Научниците открија дека отсуството на гравитација прави астронаутите да не ‘рчат во сон! Се чини дека со намалувањето на гравитацијата значително се ублажуваат состојбите кај луѓето што имаат проблеми со дишните патишта.

Факт е дека ‘рчењето на Земјата се јавува кога гравитацијата ги влече јазикот и мекото ткиво од задниот дел на грлото кон назад. Ако дишењето често е отежнато, овие меки ткива ќе „треперат“ со специфичен звук. Во вселената, пак, нема такви услови на микрогравитација, така што проблемите со дишењето се помали и нема ‘рчење.

Текст: Марина Нефедова, терапевтка

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.