Специфичен народен обичај за одбележувањето на Бадник во Тетово (ФОТО)

Огнови и забава со маски

Додека бадникарските огнови во другите градови се палат денес, на 5 јануари, во Тетово овој обичај се практикува ноќта на Бадник, на 6 јануари, спроти Божиќ.

Исто така, вечерта значајна специфика на одбележувањето е забавата со маски на децата, младите, но и сите кои имаат таква желба.

Тетовци паметат дека најстара е детската забава за Бадниковата вечер (Б’дњи Вечер) со песната „Б’дња баба”.

Веднаш по стемнувањето се ставаат однапред изработените (или по најново купени),  маски и најчесто по групи од неколкумина одат од куќа до куќа пеејќи ја песната „Б’дња баба”, очекувајќи од домаќините да ги даруваат.

Се ставаат разни маски, како од детските јунаци од цртаните филмови, но има и такви кои сакаат да се облекуваат како полицајци, војници или слично. Во зависност од тоа како ќе се договорат одат по неколкумина во група, а се посетуваат соседите и роднините кои живеат во близина.

Кога ќе заѕвонат, децата започнуваат да ја пеат познатата песничка „Б’дња баба”. Домаќинките, се тие кои ја отвораат вратата со кошница каде имаат ставено ореви, костени, јаболки, печена тиква, бонбони или парички за да ги даруваат децата за испеаната песничка.

Од  памтивек во Тетово, и најстарите се сеќаваат дека постоел адетот. Постарите кажуваат дека маските во најстаро време биле со кожув или гуња, стап у рука, околу врат низа од пиперки или кромид. Така маскирани оделе од куќа на куќа и пееле бадникарска песна“, раскажува Дарко Гавровски, хроничар на Тетово, кој го бележи живеењето во градот во неколку книги и интернет-страницата на „Тајните на Тетово”.

Песната Б’дња баба:

Кој што спие нека стане, нека меси колачиња

Ако нема колачиња, нека даде паричиња.

Ако нема паричиња нека даде бончиња

Ако нема бонбончиња нека даде оревчиња

Ако нема оревчиња нека даде тиквичиња

Ако нема тиквичиња нека даде све што има

Б’дња баба!

И младите од Тетово на Бадник се маскираат и така облечени одат по кафулињата и дискотеките, каде што вообичаено се избира најмаска на вечерта.

Бадникарските огнови ноќта на Бадник спроти Божиќ се палат во речиси сите градски маала, а традицијата е прифатена и во тетовските села.

Во другите градови се палат коледарски огнови вечерта на 5-ти, на коледе. Тетово тоа го прае на Б’дњик вечерта пред Божиќ.

Најстарите тетовчани раскажуваат дека осовен настан било да се оди со чеза (коњска кола) на прослава во Манастирот во Речица или во Лешок, каде единствено имало Бадникарски огнови и прослава со собирање околу оган.

Во самиот град со традицијата на Бадникарски огнови се започнува почетокот на 1990-тите, а прво маало со свој „оѓин” (оган) кој ја иницираше оваа традиција е Певчина.

Постепено се шири како адет и по други маала, и така од година за година, едно по едно мааоло, денеска нема маало кај што нема оѓин со кумоој, музика, јадење, ора“, раскажува Дарко Гавровски.

Годинава, на Бадник, во тетовската соборна црква „Свети Кирил и Методиј” во попладневните часови, владиката г. Јосиф  ќе врши осветување на бадниковите гранчиња, по што традиционално се пали бадникарски оган.  Веднаш потоа се палат и маалските бадникарски огнови покрај кои се подготвува и забава со посна трпеза.

На Бадник во Тетово од црква се земаат осветените дабови гранки, а со тие гранки се китат портите на куќите (путна врата).

Вечерта на Бадник се приготвува богата посна трпеза за најтесното семејство, со посна сарма, ореви, костени, тиква печена – но никако дел од адетот не е пита со паричка – зошто тоа во Тетово се прави задолжително само на Василица“, вели Дарко Гавровски.

Старите тетовски семејства на ден Божиќ ја практикуваат најстарата градска традиција – мажите да ги посетат сите куќи од пошироката фамилија за честитање на Божиќ, исто како како адетот за Велигден.

Жените остануваат дома со подготвена трпеза да ги пречекаат и угостат гостите.

За Божиќ вообичаено се приготвуваат одредени јадења.

Тогаш веќе се служело и мрсно јадење, а особено не смеела да изостанат пачата (пивтија) и греаната ракија, објаснува Дарко.

Карактеристика за божиќната трпеза е и поставување подварок (зелка од зимница, која се сецка, се вари и се потпечува) со чадено месо. Божиќната трпеза мора да има и благо, најчесто баклава, гурабии, ванилици и слично.

Текст и фото: МИА

loading...
Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време