Шумата навистина лекува: Антистрес-прошетка меѓу дрвјата

Нови истражувања

Древната јапонска практика шинрин-јоку (буквално: бањање во шума) го намалува стресот, го снижува крвниот притисок и го зголемува имунитетот. Потребно е само да отидете во шума и во неа да поминете еден-два часа од вашиот живот.

Шумска терапија, бањање во шума или шумски амам, сето тоа се различни називи за иста појава – користење на лековитите својства на дрвјата за да се намали стресот и да се подобрат менталното и физичкото здравје.

Во азиските земји се користи како дополнителна терапија во третманот на одредени заболувања, а во Јужна Кореја е и официјална терапија. Западниот свет се заинтересира за неа изминатава деценија, кога голем број медицински и фармаколошки истражувања докажаа дека шумите лекуваат.

Смирува воспаленија и дава енергија

Шумската терапија е едноставна – потребно е да издвоите два часа, да го исклучите мобилниот телефон и да поминете време во шума, дишејќи длабоко, настојувајќи да се сплотите со природата.

Обидете се да се исклучите од секојдневниот свет, да ги замолчите мислите за обврските што ве чекаат и да настојувате да го впиете секој впечаток од шумата: звукот, мирисот и боите.

Додека шетате низ шумата, објаснуваат психолозите, ароматичните мириси што ги произведуваат дрвјата предизвикуваат низа реакции во вашиот организам, кои се насочени кон намалување на воспаленијата, смирување и кон зголемување на енергијата.

Прошетката низ шумата ја поттикнува креативноста, повикува позитивни мисли и ги засилува вниманието, концентрацијата и помнењето, судејќи по она што го истакнале испитаниците во голем број медицински студии.

Како лекува дрвото

Клучен фактор се органските соединенија што испаруваат од дрвјата и растенијата. Фитонцидите се соединенија што им ги даваат лековитите својства на билките, па затоа се користат во медицината и фармацијата, а во шумите се наоѓаат и во воздухот. Овие материи, кои се многу важни за нашето и здравје, едноставно излегуваат од билките.

Тие ги користат за да комуницираат, да се одбранат од патогените или да предупредат на опасност….

Антистрес-прошетка низ шума

За време на едно испитување, на испитаниците, по престој во шума, им биле измерени пулсот, крвниот притисок и нивото на кортизолот во плунката. На тој начин, мошне егзактно, докажано е дека еден час во шума влијае на организмот, ги забавува отчукувањата, го спушта притисокот и го намалува нивното на кортизолот, и тоа на подолг временски период.

Овие откритија укажаа дека дрвјата и шумите имаат огромна вредност за човекот. Но во време на пазарна економија, кога шумите исчезнуваат заради профит, вредноста што не може да се измери со пари едноставно нема доволно сила.

Затоа научниците од разни области одлучија да ја одредат вредноста што шумите ја имаат за нас, меѓу другото, утврдувајќи на кој начин ни носат здравствени придобивки.

Лековитите состојки на дрвјата

Во истражувањето спроведено на Фрушка Гора, од страна на Институтот за шумарство и животна средина од Нови Сад, добиени се ветувачки резултати. Имено, научниците го истражувале потенцијалот на билките да испуштаат органски соединенија во воздухот.

Мерењата ги правевме во околината на пешачките патеки, каде што има најголема фреквенција на движење од страна на луѓето. Меѓу другите, го истражувавме присуството на алфа-пипен, бета-пипен и алфа-кадинол, кои во досегашните фармацевтски истражувања покажаа голем потенцијал да влијаат на здравјето на луѓето. Овие супстанции покриваат цел спектар дејства: од антивирусно до потенцијално антиканцерогено“, вели Марина Зориќ, мастер-инженерка на Институтот.

Сите видови зимзелени дрвја покажале исклучителен потенцијал, при што досегашните мерења покажуваат дека најголема корист за луѓето во поглед на подобрување на здравјето низ терапевтското дејство на шумите доаѓа од четинарите, особено од смреката.

Што лекува шумата?

Терапевтите советуваат низ шума да шетате без конкретна цел, со темпо што ви дозволува да уживате во убавината на дрвјата. Можете да се собуете и да чекорите боси, така ќе остварите контакт со почвата, или да ги гушкате дрвјата за да се сплотите со билките. Речиси и нема правило освен – да го следите своето чувство и да се концентрирате на околината.

Во продолжение прочитајте какво дејство има оваа прошетка врз вашиот организам.

* Антиканцерогено дејство.

* Антибактериско дејство.

* Антивирусно дејство.

* Невропротективно дејство.

* Ги намалува симптомите на Алцхајмеровата болест.

* Позитивно дејствува кај пациенти со депресија или анксиозност.

* Ги намалува симптомите на астма и алергии.

* Го намалува нивото на шеќер во крвта кај дијабетичарите.

Текст: Бојана Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.