Сè за темните кругови и отоците околу очите

Подочниците се чест проблем кај жените денес, делумно поради брзото темпо на живеење, делумно поради недоволната грижа за себе. Кои се најчестите причини за појава на темните кругови, како може да се намалат и како треба да изгледа негата на регијата околу очите – прочитајте во продолжение…

Многу често очите се првото нешто што го забележуваме кај луѓето. И притоа не мислиме на нивната боја, туку повеќе на нивната форма и на регијата околу нив.

Па, според ова, не е големо изненадување тоа што подочниците, отоците и брчките околу очите важат за еден од најголемите бјути-проблеми. Лесно е нивната појава да му се припише на недостигот од сон, меѓутоа постојат многу фактори што придонесуваат за уморниот изглед на очите.

Квалитетот на животот, природниот процес на стареење, но и генетиката се некои од причините. Сепак, со правилна нега на регијата околу очите, лесно може да се ублажи овој проблем“, порачува стручната соработничка Лепосава Тупеска Анѓеловски (@magnolia.glamour) и ви открива сè што треба да знаете на оваа тема.

Главни „виновници“

Постојат неколку главни причини за појава на подочници, но Лепосава смета дека генетиката е под број еден:

Не треба да се занемари и стареењето како нормален физиолошки процес, за време на кој кожата околу очите станува сè потенка и крвните садови во тој предел се поизразени.“

Друг виновник за појавата на овие промени околу очите е и намалениот квалитет на живот, кој подразбира лоши навики за спиење или недостиг од сон, како и неправилна исхрана, сиромашна со витамини од типот на А, Ц, К и Е.

Тука спаѓаат и (прекумерното) пиење алкохол и кофеински пијалаци, како и пушењето цигари, што доведуваат до оштетување на кожата. За сето ова придонесува и прекумерното изложување на сонце, кое директно влијае врз меланинот, но и хормонскиот баланс/дисбаланс, што објаснува зошто појавата на подочници и темни кругови е почеста кај жените“, се надоврзува Лепосава.

Покрај подочниците, чест проблем се и отоците околу очите, кои се појавуваат поради насобирање течности во ова подрачје, при што доаѓа до отекување на ткивата и формирање вреќички околу очите.

Ова може да се јави како резултат на алергии и синуси, но може да биде и последица на недостиг од сон, лоша исхрана, алкохол, како и реакција на самото стареење“, објаснува експертката и советува да се отиде на лекарски преглед доколку отокот околу очите постои подолго време и не може да се ублажи со ниту еден метод.

Обид за создавање тренд

Во недостиг од брзо и ефикасно решение за овој проблем, неодамна на Тикток се појави тренд каде што девојките намерно нанесуваат темна сенка под очите за да изгледа како да имаат подочници. Се чини дека уморниот изглед стана модерен!

Сепак, експертите се согласуваат дека не треба да се фаворизира стресниот и бессониот стил на живот, туку треба да се подобри неговиот квалитет преку стекнување здрави рутини, кои потоа ќе се одразат и на надворешниот изглед.

Лепосава издвои некои од најважните животни навики што може да придонесат за ублажување на подочниците: доволно сон, редовна хидратација односно внесување многу вода, здрава исхрана, хидратација на кожата преку примена на производи наменети за подрачјето околу очите, внимателен избор на продукти што се аплицираат во оваа област.

Кога сме кај продуктите, препорачувам секогаш да се чита кои состојки ги содржат кремовите за околу очи и да се бараат следниве: витамин Ц и А, како и некои други антиоксиданти што може да помогнат да се спречи промената на бојата на кожата околу очите. А кремовите со состојки како хијалуронска киселина може да помогнат и да се ослободиме од оваа појава“, додава таа.

Што е со брчките околу очите?

Ситните линии под очите се природен резултат на стареењето, иако и надворешните фактори, како што се честа изложеност на сонце и пушење цигари, може да го забрзаат нивното формирање. Појавата на брчки околу очите е неизбежна, бидејќи кожата околу нив е многу тенка, па затоа е поподложна на развивање линии и брчки.

По 20-тата година, производството на колаген почнува значително да се намалува, како и способноста на кожата да се прочистува од мртвите клетки. Во текот на 30-тите години, кожата почнува да ја губи својата способност за транспорт на влажноста помеѓу нејзините слоеви, па затоа станува потенка и посува и почнуваат да се формираат брчки.

Па, дали може да се спречи појавата на ситни линии и брчки околу очите?

Кратко и јасно, не. Нивната појава е дел од процесот на стареење и сè што можеме да направиме околу тоа е да ѝ овозможиме на кожата здраво стареење преку доволна хидратација на ова подрачје и негова нега уште од најмлада возраст, за да ја забавиме појавата на ситни линии и брчки“, објаснува Лепосава.

Можеби не можеме да го спречиме стареењето, но можеме да го забавиме со правилно чистење и хидратација на лицето, со користење производи со СПФ-фактор за заштита од УВ-зраци, не само налето туку преку цела година, како и користење соодветен крем за нега на подрачјето околу очите.

Правилна нега

Иако решението за темните кругови околу очите зависи од причината за нивната појава, сепак постојат некои третмани што можете да ги направите дома за да ги ублажите:

1. Нанесете ладни облоги. Тие можат да ги намалат отоците и да ги стеснат проширените крвни садови. Завиткајте неколку коцки мраз во чиста ткаенина и нанесете ги на очите.

Повторувајте го процесот додека се стопи мразот.

2. Подигнете ја главата. Иако недостигот од сон игра улога во создавањето темни кругови, понекогаш важна е позицијата во којашто спиете. Подигнете ја главата со неколку перници за да ја спречите течноста да се собира под вашите очи, што може да направи да изгледаат отечено.

3. Користете ќесички за чај. Нанесувањето ладни ќесички за чај на очите може да го подобри нивниот изглед. Чајот содржи кофеин и антиоксиданти, кои ја стимулираат циркулацијата. Потопете две ќесички црн или зелен чај во жешка вода пет минути.

Оставете ги да се оладат во фрижидер, 15-20 минути, па нанесете ги на затворени очи и оставете ги да стојат 10-20 минути. Откако ќе ги отстраните, исплакнете ги очите со ладна вода.

Лепосава Тупеска Анѓеловски, стручна соработничка

Нашата стручна соработничка Лепосава Тупеска Анѓеловски ни ја реши дилемата и во однос на тоа дали е потребна посебна нега за околуочното подрачје или може да се третира со истите производи што ги користиме за преостанатиот дел од лицето:

Од моето лично и практично искуство, никогаш не можеме да знаеме која компонента каков ефект ќе предизвика на оваа нежна регија и токму апликацијата на еден ист серум/крем околу очите често доведува до разни иритации. Затоа, би пресекла и би рекла: хидратантен крем може, но третмани (серуми) со ексфолијатори/витамин Ц/ретиноиди подобро е да се бараат во специјално формулирани кремови за околу очи и да не се користат истите производи со споменатите активни компоненти што ги нанесуваме на целото лице, вратот и деколтето.“

Не заборавајте дека за многу луѓе, темните кругови се привремени и се индикација на стареење или недостиг од сон. Иако постојат многу домашни и козметички третмани што може да го подобрат изгледот на очите, најчесто, темните кругови не се причина за загриженост.

Меѓутоа, ако промената на бојата околу очите и отоците се влошуваат со текот на времето, побарајте совет од доктор или дерматолог за да се осигурите дека правилно го имате препознаено проблемот и дека го добивате најдобриот можен третман.

Текст: Марија Лукаревска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.