Јована Филиповиќ: „Секој нов ден го гледам како нова шанса за успех“

Силна жена

Силните, успешни жени секогаш се најдобрата инспирација и поттик за храбри подвизи!

Оваа година за неа е јубилејна, бидејќи слави 10 години од постоењето на нејзиниот добро познат бренд. И покрај тоа што роденденот ќе мора да го обележи во услови на светска пандемија, времето поминато на модната сцена, а и самиот живот, ја имаат научено никогаш да не се откажува. Самоуверена, оригинална и борбена, таа инспирира не само со промените што ги поттикнува во општеството и модата преку нејзината висококвалитетна и одржлива облека туку и со начинот на кој се справува со животните предизвици и удари. Човек што се радува на туѓата среќа и нема лоши мисли – модната дизајнерка Јована Филиповиќ совршено ја отелотворува нашата дефиниција за силна жена.

РАБОТАТА Ѝ ПОМАГА ДА ЗАБОРАВИ НА СЀ

Пандемијата на ковид-19 ѝ нанесе голема штета на модната индустрија. Иако на почетокот ѝ било тешко да ја прифати новонастанатата ситуација, Јована полека му се вратила на нормалното функционирање. „Стравот од иднината и неможноста да си дадам одговор на прашањето ‘и што сега’ ми паднаа многу тешко, но веќе научив да живеам со стравот од неизвесноста. На почетокот ги поминав сите фази: неприфаќање на реалноста, моментална депресија, страв од непознатото, страв за тоа како ќе продолжам со работа, за на крајот да прифатам дека што и да се случи, не е мој избор или последица од моите постапки.“ Благодарение на прекрасниот тим со кој работи, Јована успеала за кратко време да направи и пласира нова колекција, а наскоро ќе нè изненади и со нова. „Среќа во несреќа е тоа што работата ни е многу креативна, па успеавме да заборавиме на сè, да се телепортираме во нашиот свет полн со идеи и креации и да создаваме нови модни приказни.“

ГИ ЦЕНИ ПРИЈАТЕЛИТЕ

Десетте години поминати на модната сцена ја имаат научено многу работи: како се води еден бренд, но и како да се надградува себеси како дизајнерка и креативна директорка. Сепак, Јована Филиповиќ признава дека целиот  тој пат, на моменти трнлив а на моменти совршен, немало да биде можен без поддршката од најблиските и од нејзините клиенти. „Богатството од пријатели што успеав да ги стекнам низ годините преку работата е нешто што можам да си го припишам како успех. Успех за себе, како човек. За успех ги сметам сите убави моменти поминати на работа, како и тоа што соработувам со истите луѓе што беа покрај мене кога го започнав овој бизнис. А најголем успех е што го работам тоа што го сакам и ме исполнува, 24 часа 7 дена во неделата. Од друга страна, малите попатни проблеми не ги сметам за неуспех, туку за лекција и предупредување за тоа каде грешам и што треба да сменам.“

Силните жени немаат потреба да се докажуваат и покажуваат пред другите, бидејќи знаат дека тоа што го носат во себе е многу поголемо. Не се плашат да покажат емоции и да признаат кога се слаби и немоќни, а токму тоа ги прави уште посилни

ТАА Е ОПШТЕСТВЕНО ОДГОВОРНА ЛИЧНОСТ

Модните дизајнери покрај тоа што раскажуваат приказни, пренесуваат и суштествени пораки. Јована за 10 години успеа да изгради одржлив бренд, препознатлив не само во Македонија туку и надвор. „Светот е преполн со облека што секојдневно се фрла, ја загадува природата и ѝ го крати животниот век на планетата, па затоа се трудам да создавам облека изработена од висококвалитетни материјали, направена да трае со години, а е доволно уникатна за да може да ги следи сите модни трендови што доаѓаат и си одат.“ За реализацијата на оваа мисија, заслужен е и трудот на нејзиниот тим, чија работа Јована секојдневно ја вреднува. „Да работам чесно и да се трудам секој ден да бидам сè подобар човек, колега, дизајнер и општествено одговорна личност  – кон тоа се стремам.“

ФОТО: Ани и Дими
ЖИВЕЕ СО ПОЛНИ ГРАДИ

Нашето постоење  е поплочено со професионални, но и со животни предизвици, а Јована се има соочено со еден од најголемите – битка со карцином на матка. Искуство што ја има сменето за 180 степени. „Таа борба го смени мојот начин на размислување и на живеење и ме направи  уште посилна личност. Научив да се смеам и да се радувам на малите работи во животот, да го гледам секој нов ден како нова шанса за успех, исполнет со радост, спокој и љубов. Иронично е што таквите ситуации нè учат како треба да живееме со полни гради, ни покажуваат дека не сме свесни колку вреди животот и нè потсетуваат за што сме подготвени да се бориме.“

СВЕСНА Е ЗА СВОИТЕ НЕДОСТАТОЦИ

Свесноста за сопствените доблести и недостатоци нè прави посилни, а Јована знае кои се нејзините и секојдневно се труди да ги почитува вредностите во кои верува. „За мене, доблесен човек е оној што се труди да живее чесно и спокојно, да помага, но и искрено да побара помош. Човек што се радува на туѓата среќа и нема лоши мисли. Се обидувам да ги почитувам тие вредности, но нормално дека имам и свои недостатоци, за кои најчесто сум свесна и се стремам да ги сменам.“

Успешната битка со карцином на матка ме научи да се радувам на малите работи во животот, да го гледам секој нов ден како нова шанса за успех.

ВЕРБАТА ВО СЕБЕ Ѝ ДАВА СИЛА

Јована верува дека секоја жена е силна. „Пораснав со силни жени, кои се борат за сопствената среќа, немаат потреба да се докажуваат пред другите, бидејќи знаат дека тоа што го носат во себе е многу поголемо. Не се плашат да покажат емоции и да признаат кога се слаби и немоќни, а токму тоа ги прави уште посилни. Среќна сум што тие карактерни особини и мене ми биле пренесени и ме прават тоа што сум денес.“ А што ѝ дава сила нејзе? „Вербата во себе, љубовта и поддршката што ми ја даваат најблиските, радоста и возбудата што ги чувствувам за секој нов ден и за иднината што следува.“

Разговарала: Марија Лукаревска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.