Помош: 5 типични симптоми за нарушување во исхраната

Препознајте ги навреме и спасете живот!

Жените што страдаат од нарушување во исхраната ја губат самодовербата и немаат реална слика за својот изглед

Не е лесно да се забележи дека некој страда од нарушување во исхраната. Ви ги претставуваме типичните симптоми на овој проблем, благодарение на кои навреме можете да забележите дека некому во ваша близина му е потребна стручна помош.

Нарушувањето во исхраната главно го врзуваме за девојките и за жените од светот на естрадата и модата. Но најчест предизвикувач на овој проблем не е професијата што бара одржување на одредена тежина. Внимателно прочитајте кои се типични симптоми за нарушување во исхраната. Можеби ќе ви текне дека некој од вашата околина го има токму овој проблем.

1 Тенок слој влакна по телото

 Кај сериозно неухранети жени, телото не е во состојба да создава топлина, па се обидува да ја задржи колку што може. Затоа на кожата се појавува тенок слој бели влакненца, наречени лануго. Недостиг на одредени витамини и минерали исто така може да биде забележан: косата се истенчува, а ноктите стануваат тенки и крути, поради недостиг на биотин. Дефицитот на железо во организмот може да предизвика опаѓање на косата, а недостигот на ниацин појава на пелагра – заболување на кожата што наликува на егзема. Дефицитот од цинк предизвикува сушење и пукање на кожата.

2 Жолти заби

Анорексијата лесно се забележува, бидејќи основен симптом е екстремна неухранетост. Од друга страна, булимијата не се манифестира на толку очигледен начин. Лицата што страдаат од булимија обично имаат нормална телесна тежина или мал вишок килограми. Ако се сомневате дека ваша блиска личност страда од оваа болест, обратете внимание на нејзините заби – жолти заби и испукана глеѓ се најчести симптоми (бидејќи желудочната киселина ги оштетува забите, исто како и слузокожата на хранопроводот). Генерално, булимичарите користат два прста за да предизвикаат повраќање, па обратете внимание на оштетувањата на кожата на рацете.

3 Недостиг на самодоверба

Жените што страдаат од нарушување во исхраната ја губат самодовербата и немаат реална слика за својот изглед. Клучни показатели за оваа состојба се истоштувачко вежбање и воздржување од јадење на јавно место. Анорексичните лица секогаш јадат сами, додека булимичарите избегнуваат јавни тоалети (поради повраќање). Ниското ниво на калиум, електролити и на сол во нивниот организам ја нарушува енергијата, па често страдаат од депресија. Внимавајте на овие знаци: избегнување на контакт со очи, вовлечени раменици, занемарување на лична хигиена и немарно облекување.

4 Отсуство на менструација

Ако една жена го редуцира консумирањето калории и предизвика нарушување на менструалниот циклус, тогаш станува збор за анорексија. Кај булимичарите сликата не е толку јасна. Ако некој поврати еднаш или двапати годишно, тоа не значи дека е булимичар, но тоа јасно зборува за ставот на таа личност. Од друга страна, ако немате редовен менструален циклус, мора да побарате лекарска помош. Од сите психички нарушувања, анорексијата коси најмногу животи.

5 Промена на изгледот

Ако забележите промена во изгледот на лицето за кое се сомневате дека страда од нарушување во исхраната, не двоумете се да разговарате со него и да му објасните зошто сте загрижени. Лицата што страдаат од анорексија или од булимија најчесто го негираат проблемот, па затоа вооружете се со трпение. Дури и ако вашата роднина или пријателка не сака да зборува за тоа, бидете упорни да и помогнете.

Текст: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.