Тешката животна приказна на човекот-гасеница: Бил роден без раце и нозе, сè правел со уста, додека другите заработувале од неговата мака

Тешка судбина

Само со помош на устата, Рандијан можел да витка и пали цигари, да црта и пишува, а поради изгледот го добил прекарот човекот-гасеница

Нема кој не слушнал за познатиот мотивациски говорник Ник Вујичиќ, кого многумина го нарекуваат чудо од човек. Иако е роден без раце и нозе како последица на реткото заболување тетра-амелија, со својот пример и денес докажува дека невозможното, сепак, е возможно.

Сепак, пред нашето општество да напредне толку многу што човек без нозе и раце може да стане јавна личност и инспирација за многумина, луѓето со деформитет единствено можеле да учествуваат во претстави со циркуски накази и така да заработат за живот.

Токму таква е приказната на мажот, познат по името Рандијан, кој исто така го имал овој синдром. Бил роден во Британска Гвајана во 1879 година без раце и нозе и научил да се движи со помош на стомачните мускули.

Движењата на неговото тело ги инспирирало луѓето да му го дадат прекарот човек-гасеница. Иако за многумина ваквиот почеток би значел живот без многу шанси за успех, Рандијан решил да ја сврти ситуацијата во своја корист.

Во 1889 година во Америка го довел познатиот шоумен, бизнисмен и политичар, кој го водел славниот циркус Тејлор Барнум. Рандијан на само 18 години станал голема атракција и го добил прекарот Принц.

Неговата точка со виткање цигари со помош на усните станала една од најпосетените. И тоа не било крајот на неговите достигнувања. Кога не бил на сцената, го посветувал животот на корисни работи, па така зборувал неколку јазици, меѓу кои хинду и германски. Со сопругата Сара добил дури пет деца.

За секој свој настап на себе навлекувал волнена облека, припиена за телото, за полесно да се движи на сцената, но и за да личи на гасеница. Најпознат бил по способноста да витка цигари со усните и да ги пали, како и да пишува или слика со молив или четкичка. Исто така, изведувал претстава на бричење со брич прицврстен за дрвен блок.

Неговите колеги зборувале дека сите свои реквизити ги чувал во една кутија, која наводно самиот ја направил и ѝ наместил брава. Толку бил популарен што неговата точка со цигари била снимена и прикажана во филмот „Накази“ од 1932 година, кој доживеал голема популарност.

Кога во 1942 година починал на 63 години како последица од срцев удар, неговите пријатели истакнале дека неговата животна приказна им послужила како пример за силна волја.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.