Сашко Коцев за Галичник филм фестивал: Секако дека сум оптимист дека овој културно уметнички настан може да блесне на европската мапа на помалите филмски фестивали

Важен настан за филмската уметност и сите нејзини љубители

Со Сашко Коцев, еден од нашите современи, и најмногу сакани актери од публиката, накратко поразговаравме за престојните фестивалски денови

Галичник, кој за сите нас важи за едно од најубавите места во Македонија, престојниот викенд ќе биде домаќин на четвртиот по ред Галичник филм фестивал. Полека, но сигурно овој млад и мал фестивал од година во година прераснува во важен настан за филмската уметност и сите нејзини љубители, не само кај нас локално, туку и во регионот.

Од 4 до 6 август под небото на Галичник ќе бидат прикажани 33 краткометражни филмови во 3 натпреварувачки категории за кои ќе одлушува тричлена жири комиија, како и 1 ревијален долгометражен филм.

Со Сашко Коцев, еден од нашите современи, и најмногу сакани актери од публиката, кој е член на жири комисијата, и воедно е во главната ролја во единствениот долгометражен филм „Нешто слатко“, кој ќе се прикажува во рамки на фестивалот, накратко поразговаравме за престојните фестивалски денови.

П: Сашко, на овогодинешниот Галичник филм фестивал не само што сте член на жири комисијата, туку и сте во главна улога во единствениот долгометражен филм „Нешто слатко“, кој ќе се прикаже во рамки на овој фестивал. Што Ве радува повеќе?

С.К. И од двата моменти по нешто ме радува, а по нешто ме плаши. Тешко е да се одлучи за толку уметнички дела кое е подобро или полошо и тоа само според нашиот критериум, скромниот критериум на ова жири. Од друга страна е волшебно да се гледаат толку филмски остварувања, на ова магично место Галичник и да се дискутира за нив заедно со останатите од комисијата.

А, што се однесува до филмот во кој играм и кој ќе се прикаже на затворањето,секако дека сум возбуден и исплашен за реакцијата на публиката и за тоа кое ќе биде нејзиното мислење. Всушност ова е мое чувство за сите дела во кои што играм, така што ги одлично ги разбирам учесниците и творците на филмските дела кои ние ке ги жирираме.

П. Кои се Вашите главни критериуми според кои ќе ги евалуирате 33-те краткометражни филмови, учесници на фестивалот? Дали улогата, овој пат, како член на жири комисијата Ви претставува поголем предизвик?

С.К. Само сум сигурен дека конкуренцијата ќе биде силна и ќе имаме тешка задача која е многу одговорна! Уметничките дела се работа на вкус, стекнато искуство и спремност на компромис со останатиот дел од стручното жири.

Ги мразам одлучувањата и доделувањата на наградите, исто како што ги мразам прогласувањата на наградите каде што мене ме жирираат на фестивалите. Можеби „мразам“ е пресилен збор, но ете точно знам како би се чувствувале уметниците кои ќе го чекаат последниот збор на жирито.

П. Галичник филм фестивал е млад фестивал, на кој тукушто му престои иднина. Дали сте оптимист дека овој културно уметнички настан може да блесне на европската мапа на помалите филмски фестивали, имајќи ги предвид сите аспекти?

С.К Секако дека ДА. Таму каде што има ентузијазам за филм, организација и уметнички доживувања на вакви егзотични локации каде ќе се слави оваа уметност, до сега мислам дека немало промашени инвестиции на нерви, емоции и средства.

П. Филмот комедија „Нешто слатко“ веќе ја имаше својата премиера пред домашната публика, како и во Љубљана. Во него, освен што ја играте главна ролја, сте копродуцент и косценарист. Дали филмот ги достигна Вашите очекувања од аспект на тоа како публиката го прими и доживеа?

С.К. Јас овој филм не го претставувам како комедија воопшто. Во него се зборува за многу сериозни современи теми, само што жанровски е сместен во еден питок и лесно прифатлив формат. Очекувана беше гледаноста и посетеноста, но како продуцент морам да признаам дека сепак е над моите очекувања.

Исто и реакциите соодветствуваа на сценариото и PR-от кој што го проектиравме. Драго ми е што ќе биде прикажан на затворањето на овој фестивал.

П. Дали и Вие би го нарекле Галичник магично место?

С.К. Секогаш. Немам точно објаснување за ова…..но, ни магијата , егзотиката,романтиката или дел од останатите доживувања имаат објаснувања зошто е тоа така.

Се гледаме таму, од 4. до 6. 8. на ГАЛИЧНИК!

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.