Против секоја болест постои оружје од природата: Збогум на кашлицата!

Едноставни и достапни природни фитотерапевтски средства

Кашлицата има многу лица и зад секое од нив се крие различна болест. И против секоја болест постои оружје. Како да се борите со разните видови кашлица со помош на руските народни рецепти, пред сѐ овлоги и билни тинктури, како и со исхрана и методи на автосугестија – за тоа зборуваме во овој текст

ЧАЈ ОД КИМ за болно грло

Едноставните и достапни природни фитотерапевтски средства секогаш наново ја докажуваат својата ефикасност. Овој пат во борбата со кашлицата!

Природата има свест. За да помогнат и да ја дадат својата моќ, замолете ги тревките за тоа. Додека правите лековити средства, замолете ги за помош во мислите или гласно и благословете ја билката и нејзиниот род. Кога тревките ќе ја добијат моќта на својот род, нивното дејство се засилува. Бидејќи кој верува, тој и успева.

* При заболувања на дишните органи (бронхитис, трахеитис) две лажици иситнета сува тревка велигденче (лат. Pulmonaria) прелејте со половина литар зовриена вода. Држете ја на водена пареа 15 минути. Оставете да отстои најмалку 45 минути, па исцедете. Пијте по половина чаша топол одвар три-четири пати дневно, половина час пред јадење. Третманот трае додека се подобри состојбата.

Втор рецепт: две лажици иситнета тревка велигденче прелејте со литар пиво и додајте лажица мед. Варете на тивок оган додека се преполови првобитната зафатнина. Земајте по една-две лажици трипати дневно, пред јадење, со вода.

* Во случај на силна кашлица измешајте еднакви делови иситнета сува суровина: трева и корен од велигденче, корен од бел слез, лист од коприва и цветови од лопен. Две лажици од смесата прелејте со половина литар зовриена вода, а по 15–20 минути, исцедете. Трипати дневно пред јадење пијте по 50–100 мл од одварот, со мед и лимон.

* За ублажување напад на сува кашлица и подобар противвоспалителен ефект, половина лажиче семе од црн ким прелејте со шолја зовриена вода. Оставете додека се олади, па исцедете. Пијте по една чаша од чајната напивка двапати дневно.

* При кашлица поради настинка две лажичиња плодови од ким варете пет минути во литар вода, оладете до 40 степени, па исцедете. Плакнете го грлото со чајот од ким двапати дневно.

ОБЛОГИ ОД МЕД што греат

 * Прв рецепт: Измешајте по една лажица мед, брашно (најдобро ’ржано), сув синап и билно масло. Загрејте го малку, па извадете го на газа превиткана во неколку слоја. Облогата ставете ја на градите, прекријте ја со крпа и прицврстете ја со шал. Оставете ја два-три часа, најдобро прекуноќ.

Патем, синапот можете да го замените со лажиче сол, а брашното со средината од црн леб.

* Втор рецепт: Помешајте еднакви делови мед, вотка и средина од црн леб. Применувајте го на истиот начин.

Оваа облога можете да ја користите и во случај на забоболка, така што ќе ја ставите на образот додека помине болката.

! Облогите се контраиндицирани при покачена телесна температура. Не се препорачува да ги користите во случај на дерматитис и алергија на компонентите што влегуваат во нивниот состав.

* Лековито средство од мед. Корисно е топлотните процедури да ги дополните со мешавина од мед и лимон. Лимонот сосе кората варете го на тивок оган пет минути. Исечете го и отстранете му ги семките, а потоа иситнете го во блендер или сомелете го на машина за месо. Пресипете го во чаша, додајте лажица аптекарски глицерин, па одозгора прелејте со мед. Добро измешајте. Пијте по една лажица трипати дневно, независно од јадењето, додека се подобри состојбата.

! Контраиндикации: индивидуална неподносливост на компонентите, дијабетес, акутни заболувања на гастроинтестиналниот тракт.

Со епитетот „опструктивен“

Опструктивниот бронхитис е воспалителен процес во бронхите при кој е отежнато достигнувањето на кислородот во нив поради таложење слуз и гној и отеченост на ткивата.

Основната терапија ја одредува лекар. Тоа се лекови што го шират отворот на бронхите, антибиотици, лекови за искашлување и антихистаминици. Помагаат и физиотерапевтски процедури: масажи, инхалации, електрофореза, магнетна и ласерска терапија, вежби за дишење.

Многу е важно болниот да престојува во добро проветрена просторија и да пие многу течности. А за да биде оздравувањето побрзо, основното лекување мора да се дополни со средства од народната медицина.

* Доколку не сте алергични на тревки, можете да направите одвар од пиреј и нане (сите билки треба да се суви и иситнети). Пет лажици корен од пиреј и три лажици нане прелејте со три шолји вода, оставете да зоврие, па веднаш тргнете го од огнот.

Кога ќе се олади, исцедете го. Пијте по третина чаша четири пати дневно, пред јадење. Чувајте го во фрижидер. Пред земањето малку загрејте го. Земајте додека се подобри состојбата. Во случај на низок притисок, применувајте го внимателно.

* Корисна е и следната смеса: два дела иситнета сува тревка од подбел (лат. Tussilago), по еден дел листови од тегавец, сладок корен и оман (лат. Inula). За приготвување на одварот една лажица од мешавината прелејте со шолја зовриена вода, оставете да отстои од половина час до 40 минути, па исцедете.

Испијте го во текот на денот поделено во четири-пет порции, пожелно е пред јадење или помеѓу оброци. Терапијата трае додека се подобри состојбата, но најдолго две недели.

! Контраиндикации: алергија на компонентите од мешавината, воспалителни заболувања на бубрезите, гастритис со покачена киселина, дијабетес.

Млеко со жалфија. Три лажици иситнета сува тревка од жалфија прелејте со литар млеко и варете на тивок оган 15 минути. Оставете да отстои еден час, па исцедете. Пијте во текот на денот по 100 мл на секои два часа. Применувајте го додека се подобри сотојбата.

Извор: „Руски доктор“

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.