Крлеж – подготвен за напад! Како да го избегнете

Сезонска тегоба

Летото се ближи и, иако моментално сме во домашна изолација, не е лошо да се потсетиме на тоа дека природата не се само сонцето, зелената трева, цвркотот на птиците туку и… крлежите. Тие уште сега ја отворија сезоната на лов, затоа бидете внимателни ако одите во викендички, шуми или паркови

Крлежот може да биде опасен како носител на вирусот енцефалитис (предизвикува воспаление на мозокот) и други инфекции како лајмска болест. Обично престојува во мрачни, запуштени шуми со разгранети гранки и во висока трева.

Крлежот најмногу сака патишта покрај шума, т.н. козји патеки, отсечени стебла како трупци.

Не поднесува сув воздух ни директни сончеви зраци, а најчесто го нема ни во уредно одржуван тревник. Овие инсекти се хранат со крв од човек или други животни, на кои паразитираат, а најчесто се тоа глодачи. Токму од глодачите инфекцијата преминува на крлежот, а од него на човекот.

Крлежите ја чекаат својата жртва на гранка или во трева во карактеристична поза – со предниот пар нозе насочени кон напред, каде што им се распоредени сетилата за мирис. Кога ќе им се приближат животно или човек, се трудат да се прицврстат за нив и да стигнат до откриените делови на кожата на вратот, грбот или влакнавиот дел на главата.

Човекот не го чувствува веднаш каснувањето од крлежот, бидејќи плунката на овој паразит содржи анестетичко средство, а токму преку плунката заразениот крлеж во крвта на жртвата го внесува вирусот крлежен енцефалитис.

Крлежите не живеат само во шума. Овие паразити се среќаваат и во некои градски паркови, каде што има многу грмушки. Освен тоа, крлежот може да стигне и во куќа или во стан во град од гранките, тревата или цвеќињата што луѓето ги носат од шумите.

ВАРЕТЕ ГО МЛЕКОТО! За среќа, не се сите крлежи заразени со вирусот енцефалитис. Дури и во жариштето на ова заболување само еден до пет отсто крлежи се носители на опасниот вирус. Крлежниот енцефалитис може да се добие и ако се пие сурово козјо или кравјо млеко од животно што го каснал крлеж, па затоа млекото задолжително мора да се свари пред употреба.

ПОМОГНТЕ СИ САМИТЕ СЕБЕСИ Доколку сепак крлеж ви се залепил за телото – обратете му се на лекар за помош. Тоа е најдобро и најсигурно решение. Но, ако сепак не сте во можност, внимателно извлечете го со помош на пинцета и конец, така што со два краја ќе го опкружите телото на крлежот.

Потрудете се да го извлечете целиот, ставете го во тегличка и потоа предајте го во установа каде што ќе проверат дали е заразен. На крлежот исто така можете да капнете какво било билно масло.

Доколку делче од паразитот остане во кожата, потрудете се да го извлечете со игла што сте ја дезинфицирале претходно. Исто така дезинфицирајте ја и раната.

Ако ве боли местото каде што бил крлежот, ви се појави црвенило или пак чувствувате премаленост, посетете лекар, кој, по потреба, ќе ви пропише адекватно лекување.

КАКО ДА СЕ ИЗБЕГНЕ КАСНУВАЊЕ ОД КРЛЕЖ

* Доколку одите во шума, облечете го следното: маица со густо ткаење вовлечете во панталоните, околу појасот ставете ремен, манжетните на ракавите стегнете ги со ластиче. Околувратникот нека ви биде што потесен на вратот, а панталоните вовлечете ги во чизми или во чевли. Немојте да одите во шума во папучи, сукња и маица со кратки ракави.

* Добро би било да користите репеленти – средства што ги бркаат крлежите и другите инсекти. Некои се нанесуваат на облеката, други на телото, но деца и трудници може да ги користат само оние што се нанесуваат на облека. Водете сметка за тоа тие препарати да не стигнат на рани и гребаници, како ни на слузокожата. Рокот на дејствување им е од два до 13 часа.

* По престој во шума или враќање од викендичка задолжително прегледајте си себеси, детето, кучето, мачката. Не само кожата, превиткувањата и влакнавиот дел од главата туку и облеката (шевовите, наборите, џебовите). Тоа направете го под силно осветлување. Инсектите што сте ги пронашле запалете ги или соберете ги во тегла со керозин.

* Крлежот не сака мирис на невен, босилек, гербер, пелин, мајчина душичка и сардела. Овие билки можете да ги поставите околу тревата на која ќе седите, а со нив исто така можете да ги истриете облеката и кожата. Меѓутоа, нивната заштита не е долга, трае околу два часа.

Немојте да го фрлате крлежот на земја и да го газите со нога, бидејќи вирусот со течноста може да стигне во ситните пукнатини на кожата. Уште поопасно е да се уништува со рака, бидејќи вирусите од валканите раце може да стигнат на слузокожата на очите, носот, устата.

Текст: „Руски доктор“

Фото: Getty Images, Pexels

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.