ИСТОЧНИ ВЕШТИНИ: Закрепнување по ковид-19

Отежнато дишење, опаѓање на косата, губење на сетилото за мирис и нарушување на памтењето – кој го прележал коронавирусот, знае за што зборуваме… На вашето тело можете да му помогнете да се регенерира по природен пат. Практикувајте посебни методи на дишења, пијте златно млеко, користете етерични масла, особено темјан.

Минатото лето имав ковид, многу непријатно искуство. Тешко ја поминав болеста, но најголемиот проблем е што таа остава непријатни последици. Би сакала да ги споделам со читателите на „Руски доктор“ ајурведските методи што ми помогнаа побрзо да закрепнам.

Голтка живот

Ќе почнам со фактот дека ајурведата ми помогна за време на болеста. Имено, често ми беше тешко да дишам и тогаш практикував неколку методи на пранајама – вештина за контролирање на здивот.

Многу е едноставно: за почеток целосно го задржував здивот, а потоа почнував полека и длабоко да вдишувам-издишувам низ носот. По тоа, дишењето стана многу полесно. Покрај тоа, за време на болеста пиев многу чиста вода. Тоа е исто така ајурведски метод на лекување. Водата му помага на организмот да се бори против болестите, ги исфрла токсините и му дава сила.

Исто така, пиев и златно млеко, во кое се додаваат куркума, сув ѓумбир, кардамом и путер. Напивката е многу лековита, па продолжив да ја пијам за да се ослободам од некои последици од болеста. Еден од нив е големото опаѓање на косата.

Фото: Pexels

Веднаш по болеста, овој процес многу ме исплаши, но постепено успеав да се справам со проблемот. Ми помогна и плакнењето на скалпот со билни чаеви и маски со растителни масла.

Според ајурведата, маслото е една од најважните компоненти за човечкото тело. Треба да се користи и орално и надворешно – за телото, косата, кожата, бидејќи содржи огромно количество корисни материи.

Против опаѓањето на косата, како и за општата здравствена состојба на организмот, исто така ми помогна исхраната по принципите на ајурведата. Тоа подразбира поголемо количество овошје, зеленчук, семки, јаткасти плодови, житарки, зачини и други дарови на природата што ни даваат сила и енергија.

Секој ден пијам чај со свежо или замрзнато овошје и бобинки, правам пијалак од брусница, во кој додавам мед и лимон, јадам салати од зеленчук во кои додавам ленено и сусамово масло, грицкам семки од тиква итн.

Верба во себе

Друга непријатна последица на оваа болест е речиси целосното губење на сетилото за мирис. Ова го решавам со помош на ароматични масла и темјан. Во која било аптека можете да купите масла од лаванда, портокал, мандарина, лимон, жалфија и сл.

Обидете се да ги мирисате што е можно почесто. Можете да ги мирисате директно од шишенцето, обидувајќи се да вдишете што подлабоко.

Исто така може со вода да се испрскаат во воздухот со помош на распрскувач. Дури и ако не чувствувате ништо, продолжете да го правите тоа. Просториите во кои престојувате и спиете третирајте ги редовно со овие лековити мириси.

Цитрусите го враќаат сетилото за мирис и го зајакнуваат организмот. Корисни се портокалите и мандарините. Мирисајте ја нивната кора, а додека ги стискате во рака, уште повеќе се ослободуваат етеричните масла.

Етеричните масла имаат благотворно дејство врз нервниот систем и на организмот воопшто. По некое време сетилото за мирис ќе се врати.

Поради истата причина, пожелно е да запалите темјан, дури и ако не го чувствувате. Само, темјанот треба да биде природен, составен од растителни честички, импрегнирани со вистински ароматични масла.

Запалете го и не обесхрабрувајте се ако гледате само чад а не чувствувате ништо. Мирисот постепено ќе се враќа.

Кај мене се врати со некои тешкотии. На пример, палев кокосов темјан – кој е еден од најпријатните мириси, а чувствував мирис на гнили печурки. Но помина и сега целосно го чувствувам мирисот.

Уште една непријатна последица е намалувањето на меморијата и концентрацијата. По болеста ми беше тешко и на работа и дома. Заборавав зборови и некои едноставни активности.

Со тоа се борев вежбајќи го мозокот – читав книги, учев стихови напамет, продолжив да работам иако беше тешко. Според ајурведата, неопходно е на нашиот мозок постојано да му даваме нови предизвици и знаење и така нема да го деградираме.

И најважното правило на ајурведската медицина е вербата во себе и во тоа дека ќе бидеме здрави. Тогаш навистина ќе закрепнеме.

Многу повеќе совети за третман и закрепнување од ковид-19 и другите болести можете да прочитате во специјализираното списание за унапредување на здравјето „Руски доктор“.

Текст: Наталија Трубиновска, стручњак за ајурведа

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.