3 нестандардни симптоми на менопаузата

Веројатно ви се познати најчестите промени во периодот кога престанува и десетина години пред да исчезне менструалниот циклус (ментална магла, дебелеење итн.).

Ви претставуваме уште неколку здравствени состојби на кои треба да внимавате:

ДЕПРЕСИЈА Во 2019 година, списанието Journal of Women’s Health објави насоки за третман на перименопаузалната депресија. Нивото на хормоните може драматично да варира во перименопаузата и да влијае врз мозочните синапси, загрозувајќи го на тој начин емотивното здравје

НАРУШУВАЊЕ ВО ИСХРАНАТА Промена на хормоните врзани за работата на јајниците во перименопауза може да го зголеми ризикот од појава на овие нарушувања. Некои жени доживуваат рецидив на претходното нарушување или влошување на симптомите, а некои доживуваат ново нарушување во исхраната, особено прејадување или булимија.

ГАСТРОИНТЕСТИНАЛЕН ПРОБЛЕМ Чувство на непријатност во стомакот, подуеност и промена во работата на цревата – истражувањата покажуваат дека овие дигестивни тегоби се појавуваат кај многу жени за време на перименопауза. Можно објаснување е дека хормонските промени може да влијаат на цревниот микробиом, да предизвикаат болка и осетливост во цревата, како и дијареја.

Што значи да се „урамнотежат хормоните“?

Големи се шансите вашиот инстаграм-профил да го бомбардираат огласи за препарати што ви ветуваат дека ќе ги доведат вашите хормони во совршена рамнотежа. Ако не сте сигурни што се подразбира под тоа, не сте единствените.

Технички гледано, изразот „хормонска нерамнотежа“ е погрешен, бидејќи нивото на нашите хормони се менува секој ден и во текот на целиот животен век. Не постои совршено ниво на хормони во која било од животните фази. Сепак постојат нормални граници што кореспондираат со одредената возраст на жената.

Ако се случи хормоните да ви се надвор од тие граници, веројатно ќе почувствувате промени во циклусот, сексуалниот нагон, расположението или сонот.

Голем број симптоми што ги сметаме за нормални не се ни оптимални, ни здрави. Утврдувањето на причинителот на хормонските проблеми ќе помогне да се одреди начинот на лекување на оваа здравствена состојба. Прекумерната тежина може да го покачи нивото на естрогенот, бидејќи телесните масти произведуваат сопствен естроген.

Многу често самите симптоми се показатели на она што се случува. На пример, жената што нема овулација веројатно има ниско ниво на прогестерон.

Лошата исхрана, нарушениот сон и хроничниот стрес може да влијаат и на нивото на хормони, па лекарите може да предложат пациентката да го смени начинот на исхрана, да почне да вежба, да практикува јога, медитација или да прими терапија. Исто така, и лековите може да бидат корисни (како што е локална апликација на естроген за да се елиминира сувоста на вагината).

Но многу производи што се пласираат на пазарот и за кои се тврди дека можат да го урамнотежат нивото на хормоните веројатно нема да ги дадат посакуваните резултати, затоа што тоа бара многу понијансиран пристап, кој подразбира задолжителна посета на лекар специјалист.

И ТЕСТОСТЕРОНОТ Е ВАЖЕН

Иако жените имаат многу помало количество на овој машки хормон од мажите, тој влијае на нашето либидо и сексуалната функција. Тестостеронот расте кога фантазираме за она што нè возбудува или кога исчекуваме секс.

За жал, тестостеронот постепено опаѓа со текот на годините. До 40-та година имаме половина од тестостеронот што сме го имале во 20-тите години од животот. По менопаузата, повеќето жени позитивно ќе одговорат на партнеровата желба за секс, но можеби нема да го сакаат сексот во иста мера како порано.

Ако сте во постменопауза и се борите со недостиг од сексуална желба, вашиот лекар може да ви пропише ниска доза на тестостерон. Но немојте да се залажувате со другите наводни предности на земањето тестостерон.

Голем број сајтови, па дури и некои лекари во своите ординации го промовираат тестостеронот како извор на младоста, тврдејќи дека тестостеронските суплементи можат да ги подобрат когнитивните перформанси и општата здравствена состојба, да доведат до слабеење, зголемување на густината на коските и уште многу други бенефиции.

Научниците многу добро ја проучија сета расположлива документација за терапијата со тестостерон и открија дека нема доволно податоци што би поддржале кое било од горенаведените тврдења.

Расни разлики

Симптомите на менопаузата се поизразени кај црнките, во споредба со белите жени, покажуваат резултатите на истражувањето што почна на средината на 1990-тите години и е спроведено на седум истражувачки локации во САД.

Студијата за здравјето на жените во Америка открива дека црнките страдаат од поголем број валунзи, поизразено ноќно потење и имаат полош квалитет на сонот. Потребни се дополнителни истражувања за да се утврди зошто.

Секс во менопауза

Во потрага по одговорот на прашањето зошто кај некои жени либидото во менопаузата е помалку нарушено одошто кај други, неодамна е спроведено научно истражување чии резултати беа објавени во научното списание „Менопауза“. Тоа откри дека следниве ставки се важни за поголемо задоволство во сексот и по менопаузата:

  1. Позитивен однос кон сексот.
  2. Позитивна слика за сопственото тело.
  3. Исполнителна, хармонична партнерска врска.
  4. Поголемо сексуално искуство (повеќе партнери) во текот на животот.
  5. Позитивни искуства поврзани со половите односи – уживање во нив, разменување нежност, вложување време и внимание во нивното практикување.
  6. Помалку изразени негативни симптоми на менопауза.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.