Дамки на кожата: што да се прави?

На прашањето на нашата читателка одговара фармацевтката и треварка Лидија Николаевна Ѓаконова

„Поздрав, почитувана редакцијо! Многу ми се допаѓа вашето списание и од него дознав многу корисни работи. Сега имам молба во врска со проблем што се појави во моето семејство. Имено, на мојата ќерка и мене по телото, главно по градите, тилот и вратот, почнаа да ни излегуваат црвеникави дамки, или можеби се папиломи… Понекогаш нѐ чешаат, а понекогаш само ни пречат бидејќи знаеме дека се тука. Не сме биле на лекар. Дамките ги мачкавме со јод и со маст преднизолон и цинкова паста. Не знам што можеме да пробаме друго, затоа решивме да ви се обратиме за помош.“

Марија, пензионерка од Кратово

Почитувана Марија, не сум ве видела вас и вашата ќерка, па не можам да одредам за која болест станува збор. Хормонските масти, односно кортикостероиди (пишувате дека сте користеле преднизолон), не смее да се користат без препорака од лекар, бидејќи подоцна може да бидат пречка при лекувањето. Јод исто така немојте да применувате, бидејќи не помага во овој случај. Претпоставувам дека промените на кожата за кои пишувате се предизвикани од вирус, па пробајте да користите билки што имаат антивирусно дејство. Во краен случај, нема да ви нанесат штета.

Антивирусни тревки

Предлагам надворешно да ги употребувате следните лековити билки: змиско млеко, глуварче, млечика, ајдучка трева, јаребика, мајчина душица.

Ако можете да пронајдете змиско млеко, глуварче и млечика, најдобро е нивниот сок да го втривате на болното место. Кога плодовите од јаребиката ќе созреат, пресечете ги или изгмечете ги и втривајте го сокот на дамките.

Во текот на целата година можете да варите мајчина душица и ајдучка трева и со посилен одвар да ги мачкате проблематичните делови. За приготвување поинтензивен одвар се потребни две-три лажици од билката и шолја зовриена вода. Oставете го тоа да се олади, a потоа исцедете го. Мачкајте ги дамките што почесто.

Што се однесува до јадежот, него одлично го ублажува чичка, како и споменатото глуварче. Делотворни се облоги со одвар или чај од чичка (едно лажиче ситно исечкана билка на шолја вода).

За лекување со лук

Во текот на целата година можете да се лекувате и со лук. Ставајте го на дамките или втривајте на нив парчиња лук. Често ова едноставно, безопасно и евтино средство е најефикасен помошник дури и кога не помагаат други скапи препарати.

Освен тоа, од лук можете да направите тинктура и да ја користите и надворешно и орално – има антивирусни својства. Тинктура од лук се препорачува и во случај на атеросклероза, како средство што ги чисти крвните садови. Имено, познато е дека кожните промени се јавуваат како последица на внатрешен дисбаланс и затоа е важно да имаме здрави крвни садови и крв. Тинктурата се прави едноставно и брзо, а соодносот на лук и вотка (или ракија) треба да е 1 : 10. На пример, исчистите 20 г лук, исечкајте го со нож или испасирајте го, прелејте го со 200 мл квалитетна вотка, ставете го на темно и ладно место и секој ден одвреме-навреме протресете го – по една недела, тинктурата е готова за употреба. Надворешно мачкајте ги промените на кожата неколкупати на ден, а тинктурата орално користете ја по следната шема: првиот ден по една капка трипати пред јадење, вториот – по две капки и така сѐ додека дојдете до 20 капки по едно земање, а потоа секојдневно намалувајте ја дозата за по една капка. Тинктурата ставете ја во малку вода или млеко и испијте ја така.

Многу повеќе информации од прва рака и корисни совети можете да прочитате во специјализираното списание за долговечноста и здравјето „Руски доктор“.

Лековити тинктури од туја и од прополис

Антивирусно дејство има и тујата. Можете да приготвите 10-процентна тинктура од гранчиња од туја и да ја втривате на проблематичните места два-три пати на ден. За приготвување на тинктурата се потребни 10 г туја и 100 мл вотка (ако ви треба поголемо количество тинктура, ставете 50 г билка на половина литар вотка). Три недели држете ја на темно место, одвреме-навреме протресете ја, а потоа исцедете ја.

Во случај на многу кожни заболувања со вирусно потекло исто така е ефикасен и прополисот. Тинктура од прополис е најдобро да купите кај проверени пчелари или дома сами да направите 10-процентна. Со ова средство мачкајте ги дамките на кожата два-три пати дневно.

Текст: Руски доктор

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.