Владимир Стајиќ: Потребни се европеизација, конкретни придобивки за граѓаните и одржлив економски процес на земјите од регионот

Економист: Светот во 2024-та

Со Владимир Стајиќ, генерален менаџер на Супертрејд, разговараме за предизвиците и придобивките кои ги нудат регионалните иницијативи, преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, како и за развојните планови на компанијата во 2024 година.

Глобалните безбедносни, политички, хуманитарни, економски, случувања како никогаш претходно ја наметнаа потребата Европската унија да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан. Изминативе неколку години, земјите од регионот се обединија околу иницијативите Берлински процес, Отворен Балкан. Колку овие инцијативи придонесуваат за економска стабилност и имаат придобивки во работењето на компаниите?

Иницијативите Берлински процес, Отворен Балкан се можност да се активира целокупниот економски потенцијал на регионот. Секоја иницијатива која води до отстранување на бариерите, побрз проток на стоки и услуги e голема придобивка за бизнис-секторот. Република Северна Македонија со Република Србија и Република Албанија долги години е партнер во стопанска соработка, но сите ние треба да се согласиме дека треба да ги унапредиме нашите напори за поголем развој на регионална економска соработка и да ги поставиме темелите за одржлив раст. Од Отворен Балкан, ќе наведам неколку придобивки кои се поврзани со нашето работење.

Владимир Стајиќ, генерален менаџер на Супертрејд – официјален носител на лиценца од Gulf Oil International Group

Единствена наплата на патарините, потоа воведувањето на концептот на „едно застанување на граница”, можноста да се поедностават, а во некои случаи и целосно да се елиминираат контролите на граничните премини. Ова е голем бенефит за нас компаниите. Со тоа добиваме побрз проток на стоки, посебна лента само за камиони од системот Отворен Балкан, електронска документација, побрза гранична контрола, како и усогласување на царинското работно време на премините меѓу Србија и Северна Македонија, и Северна Македонија и Албанија.

Берлинскиот процес овозможи на границите меѓу државите на земјите од регионот, да се поминуваат со лични карти, овозможи признавање на високообразовните и на професионалните квалификации на одредени професии, и преку оваа иницијатива бизнис заедницата има можност кон создавањето на заеднички регионален пазар. Овие иницијативи се замислени во интерес на граѓаните и на бизнис-заедницата од целиот регион.

Нам ни е потребна европеизација, со конкретни придобивки за граѓаните и одржлив економски процес на земјите од регионот.

Република Северна Македонија сега e исправенa пред нов предизвик – преговори со ЕУ, до полноправно членство. Што ќе значи членството во ЕУ за бизнисот?

Можност за пофункционално, поправедно, побогато општество. Што се однесува до секторот кој е поврзан со тоа што го работи нашата компанија, отворањето на преговорите е можност за олеснување на увозот, извозот и транзитот на стоките низ Европа. Но од друга страна ЕУ е и голема обврска во поглед на исполнувањето на стандардите за квалитет според европските регулативи. Темпото на реформите не значи само владеење на правото, слобода на медиуми, демократија, голем предизвик за Северна Македонија е итноста во областа за заштита на животната средина. Европската унија веќе донесе закон, со кој ги постави вистинските цели и стимулации за ограничување на емисиите во транспортниот сектор.

Нашата компанија е насочена кон поставување технолошки најнапредна опрема на нашите бензински станици, како и понуда на горива од најновата генерација. Се гордеам што сите вработени ги споделуваме истите квалитети на упорност и напорна работа. Зад нашата компанија стои врвен американски бренд Gulf Oil, кој веќе има развиено повеќе производи кои докажано не ја загадуваат животната средина. Оттука Супертрејд, кој е официјален носител на лиценцата од Gulf Oil International Group, на пазарите нуди висококвалитетно гориво и иновативни производи.

 Какви се Вашите планови за 2024 година?

Изминативе години се соочивме со дијаметрално спротивни состојби, кои драматично ја променија цената на енергенсите на пазарот, од многу ниски до многу високи. Со тоа, планираното производство не можеше да се оствари и, бидејќи пазарот е нестабилен, ниту една компанија не можеше да направи бизнис-план на краток, среден и долг рок. Глобалните случувања им ги изменија плановите на граѓаните и на компаниите последните неколку години.

Бизнисот со горива, нафта и нафтени деривати е меѓу најпогодените сектори, но сета таа непредвидливост дава шанса да опстојат оние претприемачи кои носат храбри и иновативни деловни одлуки. Наш фокус е претстојната година ќе биде ширење на малопродажната мрежа, но и реконструкција на постоечките бензински пумпи, со што на нашите купувачи би им овозможиле врвна и квалитетна услуга. Северна Македонија е важен пазар за Супертрејд и непрекинато и проактивно работиме на понатамошниот раст и развој на компанијата.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.