Аце Миленковски: Квалитетното образование е иднината на секое општество

Економист: Светот во 2024-та

Разговор со проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитет Скопје, за образовните предизвици во 2024 година

Ние, просветните работници, имаме јасна задача – нашето образование да оспособува граѓани кои самостојно мислат, одговорно донесуваат одлуки, лесно соработуваат со другите и способни се сами да го планираат и градат својот натамошен развој. Основните начела на кои нужно треба да се втемелени сите промени и чекори се: човековите права и верското убедување, почитување на индивидуалноста, можностите и потребите на оние што учат, соодветност, отвореност кон практиката и урамнотеженост на курикулумите, интердисциплинарност, почитување на националниот идентитет и развој на европска димензија, разновидност на комуникацијата, формите и методите на учење.

Проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитет Скопје

Оттаму, не помалку важно е што ќе понудат политичките натпреварувачи во арената – парламентарни избори 2024 година. Прашања, кои се во фокусот во предизборните концепти се многу, но клучна ќе биде понудата во однос на образованието, особено по констатираните состојби за лошите состојби во оваа сфера: немањето учебници, одвојувањето на БДП за образование, средувањето преку поттикнување на просторот наука, развој на доживотното учење, неформалното образование и можностите за доквалификација и преквалификација, како можности за надминување на постојниот јаз помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

Образовниот систем нужно треба да се приспособува на пригодите и актуелните потреби, но првенствено треба да се оспособи да продуцира соодветни кадри, со доволен степен усвоени знаења и вештини за потребните квалификации.

Во целата оваа акција, повеќе од неопходна, ги маркиравме и стратешките определби од кои треба да се тргне: еднаков пристап до образование за сите и препознавање на индивидуалните потреби на учениците и потребите на заедницата (индивидуализирано образование), задолжително основно и средно образование, достапно и бесплатно високо образование (за редовни студенти и оние кои ги исполнуваат условите за редовно студирање и стипендирање на студенти со вонредни резултати), бесплатна храна, сместување и превоз на студентите (од средствата на Европскиот социјален фонд и од буџетски државни ставки), стратегија за утврдување на образовните профили во зависност од потребите на пазарот на трудот и потребите на Деловната заедница, стратегија за реструктуирање на високото образование, реформа на Педагошките факултети, изработка на национални курикулуми (нивна интернационализација), воведување дуално образование – (уписни квоти во средното стручно образование според потребите на стопанството, деловната заедница партнер на образовните институции), подобар материјален статус на наставниците и научниците (50% повисоки плати, воведување принцип на награда), изработка на национална рамка за иноваторство и научни проекти, воспоставување клима за поттик на талентираните ученици и студенти, посебен третман на подрачјата од национален интерес (бенефити и стимулирање за студентите на национална историја, македонски јазик, македонска книжевност), особена поддршка за истражувања од подрачјата на националната историја, македонскиот јазик, македонската книжевност, со особен акцент на компаративните сознанија, поинакво институционално конципирање на Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска книжевност, вклучително и институциите од овој вид на другите националности, како и акцент врз меѓународни научни и стручни конференции.

Воспитно-образовниот процес го определуваат новите научни откритија, новите технологии и облици на комуникации, широкиот сеопфатен процес на глобализација, а не помалку важно е и времето на испреплетени, разновидни и променливи вредности, кои треба да се темелат на традицијата, културата и континуитетот. Согледувајќи ги сите услови во државата, Европа и светот, согласно сите македонски потреби за што побрз чекор во финализирањето на евро – интегративните процеси и поаѓајќи од фактот, дека исклучиво модернизацијата и развивањето на општеството и економијата се втемелени врз знаењето, образованието е клучното подрачје во целиот тој процес.

Оттаму, потребна е платформа, која ќе почива првенствено на осигурувањето на континуитетот, на зачувувањето на темелните вредности на македонското општество, на досегашните искуства, на постојните образовни документи и успешната практика – реализација и финализирање на започнатите проекти, но и на нови проекти и активности, кои ќе придонесат за развој на воспитно – образовната функционалност на образованието, согласно најсовремените европски стандарди.

Нејзини одлики, исто така, треба да бидат: негувањето на националните, културолошките и хуманистичките вредности во образованието, кои пак го развиваат чувството за заедништво, прифаќање и почитување на различностите, солидарноста, одговорноста за одржливиот развој, а преку тоа се обезбедува и поттик и засилување на цивилниот сектор и развивање на демократското општество во целина. Свесен сум, дека предуслов на активното вклучување во општеството втемелено на знаење е совладувањето на јазичните, природно-математичките, информатичките и општествено – хуманистичките знаења.

Не помалку важни се и вештините кои се стекнуваат во стручното образование. Пристапувањето кон големото европско семејство носи нови предизвици, како што се постигнување подобар квалитет, флексибилност, мобилност и можности за одговор на потребите и промените во македонското општество. Земајќи го во предвид фактот дека информатичко – комуникациската технологија (ИКТ) изврши значајно влијание врз работното опкружување и секојдневниот живот на човекот и стана неизбежна компетенција, нашите напори треба да резултираат со максимално вклучување ИКТ-технологијата, со што придонесуваме во демократизацијата на процесот на учење и модернизација на наставата, но и во остварувањето на начелата за флексибилно и индивидуализирано образование за сите.

Исто така, свесни сме дека се повеќе професии бараат исклучиво познавање на модерната технологија, но и на потребата од целоживотно учење. Темелните заеднички компетенции на гимназиското и стручното образование треба да се стремиме да ги развиваме според европските стандарди. Оттаму, неминовно пред македонското образование како заеднички цели можеме да ги поставиме: развивање на јазичните и комуникациските вештини, развивање на информатичко – комуникациската писменост, разбирање на математиката и природните науки, знаење на странски јазици, развивање социјални компетенции и претприемништво, односно да се научи како да се учи, низ стекнување општа култура.

Најзначајна е концепцијата на образованието како лична и општествена инвестиција, која неопходно е постојано да се реорганизира, така што сите оние кои што инвестираат, да маат можност да партиципираат во одлучувањето и право да се уверат во квалитетот на саканите услуги.

Ваквата платформа треба да ја следат неколку стратешки документи: аналитички согледувања кои ќе резултираат со документи по односните подрачја (предучилишно, основно, средно, високо, неформално образование, доживотно учење, наука) – акциски планови и агенди за конкретна реализација на активностите и интервенција во законската регулатива.

Доколку сите овие насоки преминат во реализација, повеќе од сигурно е дека во наредните години нема да бидеме трети од назад во тестирањата на ПИСА. Македонија и македонските ученици не го заслужуваат тоа место. Неминовно е иднината на образованието да вклучи зголемена интеграција на технологијата, персонализирани искуства за учење и фокус на развивање вештини како што се критичко размислување и приспособливост. Континуираното учење и усовршување ќе станат од суштинско значење на пазарот на труд кој брзо се развива.

Генерално, се очекува подинамичен и поприспособлив образовен пејзаж, чиј колорит ќе зависи од исходот на претстојните избори, т.е. од победникот. Образовното сивило во кое сме денес, предизвикано и наметнато од релевантните фактори, се надеваме и веруваме дека ќе биде заменето со бојата на промената.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.