СЕКОГАШ ПОБЕДУВА: Александра Шијакоска ни откри со какви впечатоци ја испраќа 2023., но и со какви желби ќе ја пречека новата година!

Ве инспирираме

Една од успешните дами со кои разговаравме месецов е Александра Шијакоска – наша позната инфлуенсерка и заштитно лице на „Дуки Дасо“

Последен пат кога разговаравме со неа, таа се соочуваше со тешка животна битка, но сега се чувствува одлично и подготвена е за нови предизвици. Оваа година нанижа многу успеси, а еден од нив е и последната успешна соработка со „Дуки Дасо“, за кои вели дека ѝ се повеќе од соработници – тие ѝ се како фамилија.

Александра Шијакоска е една од нашите највлијателни инфлуенсерки со повеќе од 60.000 следбеници на Инстаграм. Покрај тоа што има свој моден бренд Shijakoska Collection, таа речиси пет години е заштитно лице на познатиот бренд „Дуки Дасо“, кој го гледа како свој и работи на неговиот напредок исто како што тоа го прави за сопствениот бренд. По сите предизвици што ѝ ги приреди животот, таа решава да се фокусира на убавите мигови и оваа година ја испраќа со надеж дека следната ќе биде уште подобра.

Отсекогаш отворено зборуваше за твојата животна борба по соочувањето со дијагнозата тумор на мозокот. Како се чувствуваш моментално?

Супер сум моментално, имав голема среќа да излезам како победник од најтешката животна борба. Свесна сум дека секој ја нема среќата да преживее и да раскажува за тоа, па нема ден а да не му се заблагодарам на Господ за тоа што ми даде втора шанса да живеам и да бидам среќна. Сега можам само да се молам за сите оние кои се соочуваат со нешто слично. Засега сè е добро, си правам редовни контроли и магнетни снимки двапати годишно за да може навреме да се спречи и третира што и да се случи.

Со какви впечатоци ќе ја испратиш 2023 година?

Кај мене отсекогаш било така, животот ќе ми ја даде најтешката битка, но потоа ќе ме награди за сè што сум поминала. Сум се соочила со многу животни предизвици и секогаш сум излегувала како победник. Имам по некоја внатрешна или надворешна лузна, но со текот на времето научив како брзо да ги излекувам, а кога не се лекуваат, знам гордо да си ги носам. Имав многу убави моменти оваа година, а најважно од сè ми е тоа што сите блиски се до мене. Ќе ја испратам со надеж дека годината која доаѓа ќе биде уште подобра за сите нас.

Една од твоите поголеми причини за радост годинава е венчавката со твојот долгогодишен партнер Едмонд…

Мојот сопруг е најубавото нешто кое ми се случило во животот. Заедно сме од деца, делевме клупа во средно. Ние се запознавме на возраст кога не ти е важно ништо друго освен љубовта, не знаеш за граници и разлики меѓу луѓето, не те интересира каде ќе живееш и што ќе јадеш утре. Само знаеш дека сакаш некого повеќе од сè на светот и ништо друго не ти е важно. Животот ни беше турска серија во вистинска смисла на зборот, но се изборивме и ги поминавме сите досегашни препреки. Сега уживаме во заедничкиот живот и да собираме сила за сите животни предизвици кои следуваат. Односот воопшто не ни се промени, отсекогаш сме знаеле да си ги распределиме обврските, патуваме и сами, секој си го тера и приватниот живот настрана од заедничкиот, никој не бара дозвола за што било, си имаме време за пријателите, за семејството а тоа мислам дека е најуспешниот рецепт за мир во куќа.

Кој твој успех би го издвоила како најголем на професионален и на приватен план?

За мене засекогаш најголем успех ќе биде тоа што успеав да се изборам со болеста, да застанам на нозе и да си го сочувам здравиот разум. Секој има различен поглед кога станува збор за успехот. За мене успех е тоа што успеав да си го сочувам срцето чисто, тоа што конечно имам можност да им помагам на тие што имаат помалку од мене, што имам можност да се грижам за родителите и да им овозможам сè што никогаш немале. Како успех го сметам и тоа што си основав своја фирма, склучив нови соработки, а најголемо мерило за успех ми е тоа што си задржав многу од соработниците кои биле со мене од почетоците и кои веруваат во мене и ја поддржуваат секоја моја идеја.

Креација на Моника Коцарева
Веќе некое време си позната како бренд-амбасадорка на „Дуки Дасо“…

Ако некој бренд заслужува да се најде прв кога ќе го отвориш мојот инстаграм-профил, тоа е „Дуки Дасо“. „Дуки Дасо“ за мене се многу повеќе од соработници и бренд, тие ми се како фамилија, а на брендот гледам како на нешто мое и работам на неговиот напредок исто како за мојот бренд. Ние соработуваме речиси пет години и ниеднаш не сум се посомневала во нивниот квалитет и посветеност, но пресудна беше мојата посета на нивната фабрика во Неготино. Кога видов што сè е потребно за да се изработи една чанта и колку труд и љубов е вложено во тоа, ме „купија” за цел живот.

Креација на Јована Филиповиќ
Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за новата колекција на „Дуки Дасо“?

„Дуки Дасо“ е бренд кој долги години е на пазарот, докажан е во својот квалитет и ја опфаќа секоја возраст, така што нуди избор за деца, тинејџери и дами. Секоја сезона ги произведуваат чантите по кои се препознатливи, но секоја година со сè подобар и подобар квалитет. Во ова време-невреме мислам дека конечно треба да се освестиме и да се поддржуваме меѓусебно. Треба да ни е чест да носиме нешто што е произведено кај нас и да поддржиме бренд кој креира нешто за нашиот пазар и им дава работа на многу жени и семејства. Да биде од нас, за нас. Само така се оди напред.

 

Сметаш ли дека македонските брендови се доволно ценети од страна на јавните личности и инфлуенсерите?

Сметам дека многу од јавните личности и инфлуенсери попрво би носеле светски познат бренд отколку наш домашен. Тоа не е погрешно, секој си купува што сака и си има сопствен стил што си го негува. Јас само се трудам да влијаам на некаков начин, да ја пренесам приказната и да доближам еден од нашите брендови до пошироката јавност. Медиумите, исто како и јавните личности, треба да имаат посебни понуди за домашните брендови и да си помагаат едни со други.

Модата несомнено е важен дел од твојот живот, но што друго го исполнува твоето секојдневје?

Моментално модата ми е пасија, а работа ми е да се грижам за домот и за сите околу мене. Чудно, но по неколку години бркање работа и успех, моментално ми треба мир и сакам да си ги средам мислите, иако на потребите и на желбите им нема крај. Со оглед на тоа што сум тврдоглава и горделива и сакам сè да си овозможам сама, морам да работам повеќе од кога било претходно, а за тоа мора да соберам сила и енергија. Во иднина би сакала да најдам добра фабрика во Македонија и да поработам посериозно на брендот, да си основам поголем тим со кој ќе работам, затоа што сè е тимска работа, сам никој не може ништо.

Креација на Моника Коцарева

 

На крајот од годината, повеќето луѓе прават листа на новогодишни резолуции. Кои се твоите цели, желби и планови за 2024 година?

Никогаш не сум правела листа на резолуции, желби и планови. Повеќе си го гледам тоа како маана, но живеам од денес за утре и научив да не планирам. Неколкупати сум испланирала нешто, па сум се разочарала кога сè ми се срушило. Можам само да се трудам, да работам како и претходно и да очекувам дека трудот ќе ми се исплати и дека ќе можам да си ги исполнам сите желби.

Креација на Моника Коцарева
„Дуки Дасо“ – вистинската љубов на една жена!

Зa кратко време, „Дуки Дасо“ прерасна од локален во меѓународен бренд за производство и продажба на производи во областа на модната индустрија. Основен услов за еден бренд да опстане подолг временски период на пазарот е гаранцијата за постојан квалитет. Како што се зголемуваше пазарот, така се зголемуваше и бројот на потрошувачи кои ја препознаваат разликата од конкурентните компании. „Дуки Дасо“, следејќи ги модните трендови и со помош на искусниот работен тим, успеа да се искачи на врвот во својата област како производител на чанти и други модни додатоци. Спојувајќи ги врвниот дизајн и квалитетот, успеа да создаде препознатливи производи што сите жени ги обожаваат. Повеќе од 15 години, главниот приоритет на „Дуки Дасо“ е задоволството на крајниот потрошувач, преку континуирано инвестирање во опрема за производство на чанти. Моментално е во процес на проектирање нов објект кој ќе служи за производство и проширување на сопствените капацитети. Сите нови и актуелни производи се пласираат најпрво на социјалните мрежи, електронските и печатените медиуми, како и на www.dukidaso.mk.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: АНТОНИО СТАНКОВ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.