Душко Чифлиганец: Во најтешките времиња носевме храбри одлуки

Светот во 2024-та

„За нас работата претставува натпревар, мотив и можност за континуиран напредок!“

Со Душко Чифлиганец, заменик-претседател на Adora Business Group, разговаравме за годишното издание на престижниот Економист – Светот во 2024-та.

Почетоците на Адора се во сега веќе далечната 1992 година како аптека и веледрогерија, предводени од мојата мајка, која е фармацевт. Сепак, во 2002 година, почнува поглавјето Адора инженеринг, каде што во областа на градежништвото успешно реализиравме околу 400.000 m² високо-квалитетни real estate проекти со економска активност од околу милиjарда евра во двете насоки, етаблирајќи се во синомим за доверба и иновативност во сферата на градежништвото.

Така што, real estate development е, и веројатно секогаш ќе биде, наша најголема страст и деловна пасија.

Но, исто така, континуирано сме отворени и ориентирани кон бизнис-диверзификации во различни стопански области и географски региони. Водени од овој стремеж и дополнително мотивирани од одредени неправди и неоправдани повеќегодишни мораториуми воведени од поедини општини во Град Скопје, кои ги опструираа нашите градежни активности во Македонија, пред неколку години, во Адора се определивме да креираме стратешки диверзифицирано корпоративно портфолио во неколку клучни деловни сфери и различни интернационални пазари.

Меѓу најзначајните проширувања во портфолиото на Адора пред ковид-периодот беа купувањето на 14.99% удел од Комерцијална банка АД Скопје – нашата најголема македонска банка, стекнувањето удел во неколку други домашни компании од државно значење, тргувањето со хартии од вредност на домашните и интернационалните берзи, дејноста на Блискиот Исток поврзана со органска храна.

Ковид и по ковид-периодот, Адора го обележа со своите исклучително важни и комплексни развојни проекти, купувањето на инфраструктурата за затоплување на 65.000 домаќинства во нашиот главен град, односно имотот на поранешна Топлификација во стечај, со нашиот masterpiece проект во Златибор, Србија и неколкуте градежни бутик-проекти во соседна Грција, со комбинирана инвестициска вредност од околу 40 милиони евра.

Фото: Васе Аманито

Изминатите три години беа вистински тест и предизвик за оправданоста на овие развојни проекти. Најнапред, мораше да се навикнеме да бидеме комфорни и кога е некомфорно. Неизвесноста на светската бизнис-сцена беше и сè уште е огромна, а ние навигиравме низ комплексни и исклучително динамични ситуации.

Но останавме сконцентирани и будни, научивме да бидеме целосно адаптибилни, верувавме во искуството што 21 година нè води во бизнисот и донесовме храбри одлуки кои почнаа да носат позитивни резултати.

Исклучително сме горди што сите развојни инвестиции во изминатите 3 години, и покрај „перфектната бура“ во која моравме да дејствуваме, се покажаа како оправдани одлуки.

Неизвнесноста не е завршена, светот е на стаклени нозе повеќе од кога било, пазарите на капитал бележат динамичност на која ни некои од најголемите глобални финансиски имиња не останаа имуни, така што, единствено мора да останеме фокусирани и да дејствуваме суштински, внимателно, прецизно и конкретно.

Сум рекол во минатото, и ќе повторам: концептот „Modernise or Die“ е евидентен на глобалната бизнис-сцена повеќе од кога било. Мораме да трчаме, доколку сакаме само да останеме на истото место.

Поговорката „Весникот од вчера не важи денес“ е апликативна повеќе од кога било во модерното време, што, за жал, значи дека понекогаш новите времиња носат и, според мене, не баш најдобри трендови.

Единствениот начин да се опстане е да се потпреме на искуството и она што се покажало како цврст темел во минатото, и да се стремиме кон афирмативни новости, реален и мерлив напредок и иновации во позитивна насока.

Фото: Васе Аманито

Работиме на нови предизвици, претежно поврзани со градежништвото на светскиот пазар, каде што ќе се соочиме со некои од најискусните и докажано исклучително креативни архитекти и инвеститори од светот на градежништвото. Не би откривал детали сè уште, единствено ќе кажам: за нас работата претставува натпревар, мотив и можност за континуиран напредок!

Текст: Економист – Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.