Душан Митрев: „ESG за нас е стратешки приоритет“

Светот во 2024-та

Во Пивара Скопје искрено веруваме дека само преку постојан придонес кон општеството можеме да се сметаме за вистински успешна компанија, порачува генералниот директор на Пивара Скопје АД, Душан Митрев во интервјуто за годишното издание на престижниот Економист.

Со Душан Митрев, кој од јуни 2023 година ја презеде функцијата генерален директор на Пивара Скопје АД, разговараме за предизвиците со јасна визија за иднината да се води компанија со 100 годишна традиција.

Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје АД

Застанавте на чело на Пивара Скопје во време на економска криза, инфлација и постпандемиско рекалибрирање и нестабилност на синџирите на снабдување поради глобалните конфликти, од една страна, но и во убав период на одбележување, лани 100 години Пивара Скопје и  идната година 100 години Скопско. Со каква визија го презедовте водењето на компанијата?

Со огромно задоволство и чест ја прифатив одговорноста и привилегијата да ја водам Пивара Скопје АД, македонска компанија со стогодишна традиција, а во исто време дел од интернационалните семејства на Coca-Cola HBC и Heineken. Нема лесно и тешко време да се води една ваква компанија и претставува  огромен предизвик секој ден. Моја лична визија и заложба е да бидам дел од тимот што ќе го трасира патот на Пивара Скопје АД за следните 100 години, како пример за прогресивност, професионалност, знаење и искуство на нашиот пазар.

Пивара Скопје, во духот на вистински одговорен корпоративен граѓанин, е компанија што е синоним за доверба и квалитет што на прво место ги става своите потрошувачи и купувачи, развојот и добросостојбата на своите вработени, како и грижата за заедницата во која што дејствува.

Со какви резултати ја завршува Пивара Скопје 2023?

Ќе зборувам за резултатите на Пивара Скопје АД во изминатите неколку години, бидејќи за 2023 сè уште не сме ги објавиле официјалните финансиски извештаи. Без разлика за кој период или година станува збор Пивара Скопје АД е конзистентна во поглед на поставените стратегиски цели и долгорочниот постојан фокус за нивно остварување и надградување.

Тука, во прв план, мислам на фокусот кон нашите потрошувачи и градењето заемната доверба преку постојан врвен квалитет на нашите производи и возбудливи иновации, односно градење на широко портфолио на производи за 24/7 прилики во текот на денот, за секој ден во неделата.

Понатаму, врвен приоритет е исклучителната грижа и партнерски пристап кон нашите купувачи преку постојани напори за обезбедување на извонредна услуга и испорачување на заеднички раст и заеднички резултати.

Трето, наша одлика како компанија е постојаната нега на нашата најважна тајна состојка – нашите вработени и нивниот раст и професионален развој.

И секако, наш важен приоритет е и грижата кон заедницата во која делуваме, со постојани активности и проекти од наша страна насочени кон подобрување на добросостојбата во општеството, и тоа од различни ЕСГ (ESG) аспекти.

ЕСГ стандардите се еден од трендовите што се предвидува дека ќе доминираат во 2024. Каква е позицијата на Пивара Скопје АД?

Кога зборуваме за ЕСГ, би сакал да нагласам дека нам во Пивара Скопје АД  оваа тема ни е одамна многу блиска и позната. Одржливоста и грижата за заедницата се интегрален дел од нашата компаниска стратегија и од сите наши планови и активности, бидејќи искрено веруваме дека само преку делување како одговорен корпоративен граѓанин и преку постојан придонес кон општеството можеме да се сметаме за вистински успешна компанија.

Со големо задоволство би сакал да споделам дека 9-та година по ред, една од групациите на кои припаѓаме – CCHBC, доби највисоки оценки (ААА) во полето на одржлив развој од MSCI ESG Ratings.

Дополнително, групацијата беше вклучена во FTSE4Good индексот каде што е оценета со највисоките оценки во полето на корпоративно управување, здравје и безбедност, антикорупција, климатски промени, безбедност на вода и човекови права.

Овие достигнувања покажуваат дека стратегијата за одржлив развој и напредокот што го правиме нè приближуваат до целта за нула емисии на CO2 во атмосферата до 2040-та година и ја потврдуваат нашата позиција како лидери во индустријата.

Локално, во делот на безалкохолни пијалаци, инвестирањето во новата линија за безалкохолни пијалаци придонесе за намалување на потрошувачката на вода и енергија, исполнување на сите стандарди за безбедност и здравје и воведување претформи со најмала тежина во својата класа.

Во пивскиот дел имаме постигнато одлични резултати со намалување на потрошувачката на вода и потрошувачката на енергија.

Чекор напред во нашите амбициозни цели и заложби од платформата „Свет без отпад“ и иницијативата за нула-емисии на CO2 во атмосферата беше и воведувањето на прицврстени капачиња кои до крајот на оваа година ќе бидат применети кај сите наши брендови на безалкохолни пијалаци.

Би ги истакнал и проектите како „Генералка викенд“ и акцијата за пошумување „Сончева гора“, кои ги спојуваат платформите „Свет без отпад“ и нула-емисии на CO2, каде што Пивара Скопје има улога на покровител, а нашите вработени како амбасадори на одржливиот развој се дел од волонтерите.

Нашиот најголем пивски бренд, СКОПСКО, ја лансира кампањата „Наша гордост, наша одговорност“ за да придонесе за чисти национални обележјa. Започнавме со активности во охридскиот регион, а во план се уште многу активности за чистење и подигнување на свесноста кај општата јавност.

Од активностите кои ги правиме за помагање на заедницата особено сме горди на континуирано одличниот одзив на Youth Empowered – бесплатна едукативна програма за млади која годинава прославува успешно остварени 100+ обуки, како и на долгорочната соработка со СОС Детско село и Црвен крст.

Какви се плановите за 2024?

Ние секогаш гледаме со возбуда и предизвик кон иднината, па на тој начин  и пристапуваме кон 2024 година. Плановите за следната година  се базираат на нашата долгорочна стратегија. Нашите потрошувачи, како и секогаш можат да очекуваат возбудливи иновации и кампањи, овој пат со особен фокус на прославата на 100-годишнина од нашиот култен пивски бренд, „Скопско”, но и уште многу други возбудливи активност низ целото наше 24/7 портфолио.

Продолжуваме без компромис во нашата определба да бидеме препознаени како пример за компанија – вистински партнер на нашите купувачи и заеднички да го развиваме и растеме меѓусебниот бизнис.

И секако, очекувајте уште многу активности и проекти на тема ESG, бидејќи за нас тоа не е нешто наметнато, туку едноставно е неразделив стратешки приоритет и наш начин и определба преку која  дејствуваме и придонесуваме во заедницата и општеството.

Текст: Економист – Светот во 2024-та

Фото: приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.