Светозар Јаневски за „Економист“: „Светото тројство за 2022 гласи: Инвестиции, Иновации и Имагинација

Светот во 2022-та

И покрај сите предизвици што ги донесе ковид-кризата, најголемата македонска винарница „Тиквеш“, продолжи да инвестира. За 2022 најавени се и дополнителни вложувања во одржливи проекти што ќе го донесат „Тиквеш“ чекор поблиску до посакуваниот статус на прва зелена винарница во регионот.

За претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“ и еден од најистакнатите лидери во бизнисот, Светозар Јаневски, во вакви кризни времиња неопходно е да се размислува „надвор од кутијата“, затоа што, според него, успешни се оние кои брзо се адаптираат на промените, го трансформираат начинот на своето работење и продолжуваат да вложуваат во развојот.

Светозар Јаневски, бизнис-лидер и претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“

Со него разговаравме и за тоа што е потребно за да се искористи големиот потенцијал за развој на македонскиот агро-сектор, како и за „тајната“ на успехот на „Тиквеш“.

E: Како искусен бизнисмен и одличен познавач на агро-секторот, особено на лозарството и винската индустрија, какви се вашите оценки за состојбите и потенцијалот што го има овој сегмент во домашната економија?

С. Јаневски: Заедничка оценка на сите домашни, но и странски познавачи на состојбите и можностите на нашата економија е дека македонскиот земјоделски и прехранбен сектор, вклучувајќи ја во него и винската индустрија, имаат навистина висок потенцијал, кој за жал е неискористен. А, јас би додал и многу потценет од страна на креаторите на политиките.

Во изминатите две децении нашата држава потрошила над една милијарда евра за субвенции во земјоделството, но и покрај тоа земјата увезува и до 90% од своите потреби за храна за одредени производи, а вкупниот увоз е во вредност од над 700 милиони евра годишно, бројка која перманентно расте.

Ваквиот парадокс е само илустрација за досегашната погрешна стратегија за развој на оваа витална економска гранка и истовремено тоа е алармот што треба да нѐ натера конечно да го направиме неопходниот исчекор и да почнеме да ги решаваме вистинските проблеми, спроведувајќи ги неопходните промени.

Инаку, проблемите со кои се соочува домашниот агро-сектор, а во тие рамки и лозарството, се добро познати, а тоа се: раситнетото земјоделско земјиште, несоодветните стандарди за производство, недостигот на работна сила и едуциран кадар, технолошката застареност, недоволна организација, неефикасен модел на субвенционирање и контрола на начинот на користење на средствата, како и губењето на пазарите за пласман на производството.

За решавање на ваквите големи проблеми, неопходни се храбри чекори. Не е доволно само да констатираме кои се проблемите, туку и да понудиме решение.

Конкретно, во делот на решенијата, треба да ги насочиме сите напори и вложувања кон нови технологии и дигитализација, во окрупнување на земјиштето и создавање ефикасни кооперантски односи, во организација на системот, како и во креирање нов механизам за државна помош која треба да овозможи создавање на додадена вредност, а не да се користи за решавање социјални прашања и предизборни потреби.

На тој начин, треба да се зголеми продуктивноста и додадената вредност во земјоделството, неговата конкурентност и вредноста на извозот, како и неговата отпорност, почнувајќи од актуелните предизвици што ги наметна ковид-19, како и на оние што се предизвикани од климатските промени кои допрва се повеќе ќе ги чувствуваме и кои силно ќе го погодат земјоделството.

И на крајот, сите ние кои подобро ги знаеме работите да помогнеме со тоа што ќе понесеме и дел од обврските и „товарот” за решавање на проблемите земајќи ги предвид општиот интерес и добробитта, а не индивидуалниот пристап.

Е: Што треба да се направи за да се искористи потенцијалот што го има агро-секторот, а во тие рамки и винската индустрија, во насока на негов подинамичен развој и натамошно зголемување на неговото учество во вкупниот економски развој на земјата?

С. Јаневски: Најнапред, сите ние треба да собереме доволно храброст и да си ги признаеме досегашните грешки, да преземеме лидерство и да почнеме да се менуваме, а преку тоа да го менуваме и постојниот агро-систем.

Конкретно, неопходно е да креираме нов развоен модел, нови политики и правила што ќе овозможат одржлив развој на македонското земјоделство и агро-индустрија.

Новиот систем треба да биде приспособен на спецификите, локалните услови и потреби, но истовремено треба да ги искористи позитивните практики и искуства од водечките светски развиени земјоделски системи, како што се италијанскиот и францускиот.

Така на пример, италијанскиот модел на производство на храна е заснован на одржливост, локално производство и иновација која се базира на традиција. Земјоделскиот сектор учествува со 15% во италијанскиот БДП, а за време на пандемијата истиот се покажал како најотпорен и извозот на храна дури се зголемил за време на минатата година.

Клучот за успехот е во технолошките и иновациските капацитети, но огромна улога имаат и државните и ЕУ-фондови и политики, кои ги поддржуваат новите приоритети.

Aгро-секторот, кој во 2000-та година учествувал со 30%, сега учествува со 11% во БДП на земјата и сè уште има значително учество, но ние не посветуваме доволно внимание и не го користиме големиот потенцијал за натамошен развој на оваа значајна гранка, која како што најави IMF, треба да им биде фокус на сите држави и компании за да се намалат ударот од високата инфлација и ризикот од сиромаштија.

М6 како компанија имаше поставени цели, кои не беа само голи бројки и однос кон акционерите, туку целта на постоењето е сосема поинаква, а тоа е да ја преземе улогата да промени цел еден сектор во земјоделството и да докаже дека тоа може да се направи успешно, не само локално, туку на светскиот пазар. Притоа, да не се заборави на луѓето, заедницата, човечката околина и да се даде свое влијание врз промената на однесувањето на луѓето.

За „Тиквеш“ да го издигнеме меѓу најдобрите вински брендови во светот, потребна беше одлучноста да ги менуваме работите и да поставуваме нови стандарди во винарството, следејќи ја нашата стратешка определба за квалитет, наместо квантитет и градење цврсти, долгорочни, партнерски односи со лозарите.

Потврда за сето тоа ни се нашите потрошувачи, кои ги издвојуваат вината на „Тиквеш“ како посебни, кои секогаш нудат најдобра вредност и квалитет, за што сведочи и процентот на пазарен удел на регионалните пазари.

Ако сакаме нашите македонски вина и другите наши производи, за чие производство имаме навистина поволни услови и поднебје, да бидат со врвен квалитет и да бидат конкурентни на домашниот и на странките пазари, тогаш неопходно е пред сѐ да ги воведеме и почитуваме светските стандарди во оваа област. Но секако дека луѓето се во центарот на овие промени и случувања.

Потребно е да се зголемат капацитетите кај фармерите, бидејќи кај најголем дел од нив има недостиг на вештини и знаење за да ја прифатат и применат дигиталната трансформација и да воведат стандарди за производство.

Преку интегриран маркетинг-пристап, постои можност да се дигитализираат цели региони, фармерите да се инволвираат во секој чекор од процесот, а на храната да се гледа како на бренд преку кој ќе бидеме препознаени во светски рамки.

E: Кои беа факторите кои одиграа клучна улога во досегашниот успех на „Тиквеш“?

С. Јаневски: Досегашниот успех на „Тиквеш“ е резултат на многу фактори, но сметам дека во суштината на сите наши успеси и изборот на правиот пат да се биде најдобар и се што следи од тоа се луѓе со највисоко знаење, енергија, срце и страст кон работата.

Горд сум што сите ние ги споделуваме истите квалитети на храброст, упорност и напорна работа. Ова важи не само за тимот на ВВ „Тиквеш“ туку и за сите членки на „М6 Групацијата“, со кои имаме зацртано заеднички цели и во чие исполнување пристапуваме интегрирано.

Се разбира, од големо значење за досегашните успеси се и обемните и континуирани инвестиции во изминатите 15-тина години, на кои работи тимот на „М6 Инвестиции“.

Најголемиот дел од средствата се вложени во најсовремена опрема и технологија за примарна преработка на грозје, во нови и обнова на постојните лозови насади со кои управува „М6 Аграр“, во стекнување нови знаења и иновации, како и во капацитетите за микровинификација и одлежување на виното во ВВ „Тиквеш“ и „Домен Лепово“, кои ни овозможија да прераснеме во винарница со најголем капацитет за производство на премиум-вина во земјата и поширокиот регион.

Интензивно вложуваме и во производство на тероар, вина од специфични микролокации, како што се: Бела Вода, Барово и Домен Лепово, како и во купувањето на винарницата „Chateau de Gourdon“ во Франција, што секако ни овозможи значајна интернационализација на нашето бренд портфолио; стратегијата да се биде на врвот во светот кој обезбедува здрав производ преку: најмало количество на кислород во виното, производство на органско вино, користење адитиви и заштитни средства во одгледување на грозјето кои не се штетни ниту за производот ниту за околината, намалени количини на CO2 – сето тоа со една животна филозофија – да се биде најдобар, а не просечен.

И по сѐ, по сите пречки и предизвици со кои се соочивме чекорејќи по патот на успехот,  можам со задоволство да констатирам дека постигнавме многу.

Тоа најмногу се гледа во високата доверба што ја имаат потрошувачите во нашите вина, затоа што сé што правиме, го правиме за нив. Резултат од таа доверба е лидерската позицијата што ја имаме на регионалниот пазар, епитетот „најдобар странски вински бренд“ на регионалните пазари и фактот дека нашите вина се продаваат на сите континенти.

Дополнително, високите оценки од реномирани светски вински експерти, како и големиот број медали што секоја година ги освојуваат нашите вина на светските натпревари се исто така значајно признание за сето она што го правиме во делот на квалитетот на вината на „Тиквеш“, коишто се и еден од најдобрите промотори и амбасадори на Македонија во светот.

E: Какво влијание имаше ковид-кризата врз винската индустрија и вашата компанија и како успевате да ги надминете овие предизвици?

С. Јаневски: Ковид-кризата жестоко ја погоди винската индустрија. На почетокот на пандемијата, со затворањето на ХОРЕКА сегментот, се соочивме со пад на продажбата од 50%, а најмногу ова се почувствува кај премиум сегментот каде продажбата се намали и за 70%, што секако исклучително негативно влијаеше на нашата продажба.

Иако ситуацијата со ковид-19 вирусот донесе катастрофални резултати, се фокусиравме во пронаоѓање нови модели за продажба, а не да ги намалуваме платите или да отпуштаме, за да не дозволиме дополнителен стрес и паника кај нашите вработени.

Исто така, и во екот на кризата ние продолживме со инвестициите. Преку „М6 Аграр“ продолживме со подигнување нови лозови насади, овој пат на површина од 120 хектари на локацијата Бабуна во близина на Велес, во што се вложени вкупно 2,5 милиони евра.

Не ги запоставивме ниту нашите партнери – лозарите. И покрај сите предизвици со кои се соочивме, „Тиквеш“ и оваа година остана доследен на својата стратешка определба соодветно да го стимулира и наградува квалитет, затоа што тој е најважен предуслов за производство на врвно вино.

Затоа и оваа година откупивме најмногу грозје, по повисоки цени од просечните, а оние лозари што се придржуваа на утврдените параметри за квалитет на грозјето добија и неколкукратно повисока цена од просечната, што секако е посакуван резултат кон што треба да се стремат сите.

Е: Кои се вашите предвидувања за 2022 година, во која насока очекувате да се движи економијата, а во тие рамки и винската индустрија и се разбира Тиквеш?

С. Јаневски: Во текот на оваа година економијата, а во тие рамки и винската индустрија почна да покажува знаци на заздравување од последиците предизвикани од пандемијата, но сепак искуството ни кажува дека треба да бидеме воздржани оптимисти.

Најверојатно опоравувањето ќе трае подолго отколку што очекувавме, поради сериозната дисторзија во синџирите на производство, дистрибуција и продажба, како и други фактори, како што е растот на цените на енергијата и основните прехранбени производи, што секако ќе се одрази на продажбата на вино, затоа што кога растат животните трошоци, тогаш луѓето се воздржуваат од купување вино.

Сепак, секоја криза е и можност, доколку сте подготвени така да гледате на работите. Треба да имаме на ум дека кризи се случувале и ќе се случуваат и понатаму, а сите тие ќе предизвикуваат промени. Успешни се оние кои брзо се адаптираат на промените, ќе го трансформираат начинот на своето работење и продолжуваат со развојот, согласно на новата ситуација.

Значи во вакви времиња неопходно е да се размислува „надвор од кутијата“. Треба да се вклучи имагинацијата, да се биде иновативен и се разбира да се продолжи со инвестициите, со еден збор – мудро да се искористи овој период.

На пример, ние во „Тиквеш“, планираме во текот на 2022 година, не само да продолжиме со постојните вложувања во сите сегменти кои долгорочно ќе го зголемат нашиот извоз и ќе ја зацврстат нашата лидерска позиција на пазарот, туку паралелно дополнително да инвестираме и во одржливи проекти кои ќе ни го обезбедат статусот на прва зелена винарница во регионот, со тоа што целокупната енергија што ја користиме во производството ќе биде од обновливи извори.

Сметам дека ваквата формула може и треба да биде применета и од преостанатите, затоа што дефинитивно „светото тројство“ за 2022 го сочинуваат три магични зборови кои започнуваат на буквата „И“, а тоа се: инвестиции, иновации и имагинација.

Доколку сакате да го набавите годишникот „Економист: Светот во 2022-та“, кој четврти пат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на „Колор медиа плус“, побарајте го на поголемите продажни места низ републиката или нарачајте го онлајн кликнувајќи ТУКА.

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.